Постигнувања
Укинување на смртната казна
Советот на Европа одигра пионерска улога во борбата за укинување на најтешката казна, за која смета дека нема место во демократските општества. Во април 1983 година, го усвои Протоколот бр. 6 на Европската конвенција за човековите права со кој се укина смртната казна, по што во мај 2002 следуваше Протоколот бр. 13 за нејзино укинување во сите околности.
Советот на Европа го предвиде укинувањето на смртната казна како услов за зачленување во организацијата. Смртната казна не се извршува во ниту една од 46-те држави членки на организацијата од 1997 година.
Зајакнување на човековите права
Секоја земја која станува членка на Советот на Европа се согласува да биде изложена на мониторинг од страна на независни механизми кои го оценуваат нејзиното придржување кон човековите права и демократските практики.
Еден таков пример е Комитетот за спречување на тортура на Советот на Европа, кој редовно врши ненајавени посети на местата за лишување од слобода во сите 46 држави членки (затвори, полициски станици, центри за сместување на странски државјани) со цел да го оцени начинот на кој се постапува со лицата лишени од слобода.
Европскиот комитет за социјални права, од своја страна, верификува дали правата на домување, здравствена заштита, образование, вработување и слободата на движење гарантирани со Европската социјална повелба се остваруваат во засегнатите земји.
Друг пример е Групата на држави против корупцијата (Greco), која ги идентификува слабостите во националните политики за борба против корупцијата и ги охрабрува државите да спроведат неопходни законодавни, институционални и административни реформи. Оценката се заснова на релевантните конвенции на Советот на Европа.
Недискриминација и борба против расизмот
Европската конвенција за човековите права забранува секов облик на дискриминација од страна на јавните власти врз која било основа. Советот на Европа спроведува најразлични активности за заштита на малцинствата, вклучувајќи го и најголемото малцинство во Европа, Ромите.
Европската алијанса на градови и региони за инклузија на Ромите, на пример, е иницијатива на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа. Еден видлив резултат на алијансата е проектот Romact кој се спроведува заедно со Европската унија.
Европската комисија против расизам и нетолеранција, од своја страна, анализира специфични проблеми и дава редовни препораки до 46-те држави членки на Советот на Европа.
Советот на Европа исто така има водечка улога во борбата против дискриминацијата по основ на сексуална ориентација и родов идентитет.
Конечно, Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства предвидува механизам за мониторинг со кој се оценува и унапредува заштитата на малцинствата во засегнатите земји.
Европска алијанса на градови и региони за инклузија на Ромите
Права на Ромите
Европска комисија против расизам и нетолеранција
Дискриминација по основ на сексуална ориентација
Заштита на националните малцинства
Почитување на слободата на изразување
Вистинска демократија не може да постои без слобода на изразување и без слободни и плуралистички медиуми. Судската пракса на Европскиот суд за човекови права обезбедува мошне сеопфатна заштита на слободата на медиумите, особено заштита на доверливоста на изворите на информации на новинарите. Според Судот, отсуството на таква заштита може да ги одврати изворите да им помагаат на медиумите да ги информираат луѓето за прашања од јавен интерес.
Правото на слобода на изразување исто така се однесува и на новите облици за масовни комуникации, вклучително и Интернетот. Советот на Европа постојано презема активности за одбрана на ова право, земајќи ги предвид новите развојни тенденции.
Им помага на неколку држави членки да го подобрат законодавството и политиките во однос на слободата на изразување и слободата на медиумите. Исто така, се организираат обуки и студиски посети за професионалците кои работат во медиумите.
Родова еднаквост
Денес, во областа на правдата и демократијата, се смета дека родовата еднаквост е битен фактор за економскиот напредок на земјите. Целта на релевантните инструменти на Советот на Европа е да се справи со сите форми на дискриминација на жените и да се промовира улогата на жените во општеството.
Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и справување со насилството врз жените, која претставува значителен чекор напред во оваа област, се заснова на премисата дека таквото насилство не може да се искорени доколку не се преземат напори за да се постигне поголема еднаквост помеѓу жените и мажите.
Заштита на правата на децата
Децата се ранливи и зависни од возрасните во однос на остварување на повеќето од нивните потреби. Целта на Програмата на Советот на Европа за децата е да се заштитат нивните права, да се спречи какво било насилство врз нив, да се обезбеди кривичен прогон на сторителите и да се унапреди учеството на децата во донесувањето на одлуки кои ги засегаат.
Така Конвенцијата за заштита на децата од сексуална експлоатација и сексуална злоупотреба е првиот инструмент со кој се криминализира сексуалната злоупотреба на децата, вклучително и во домашни услови или во семејството. Конвенцијата влезе во сила на 1 јули 2010.
Покрај тоа, Советот на Европа има усвоено насоки за унапредување на пристапот на децата до правдата.
Насилство врз децата
Програма за децата
Кампања ЕДНО во ПЕТ (ONE in FIVE)
Одбрана на културната разноликост
Последователно на усвојувањето на „Белата книга за меѓукултурен дијалог“ во 2008 година, Советот на Европа започна со неколку програми за обука на наставниците, заштита на малцинствата и социјалната кохезија, вклучително и воспоставување дијалог со религиозните заедници и претставници на неверниците на годишно ниво. Мрежата на меѓукултурни градови им помага на градовите членки да ја менаџираат културната разноликост и да негуваат мешање и интеракција помеѓу хетерогените групи на јавни места со цел да се унапреди кохезијата. Се изготвуваат посебни алатки за решавање на културни судири.
Со цел да се унапреди меѓукултурното разбирање, Советот на Европа подготвува програми и алатки за да се подобри наставата на јазиците.
Меѓукултурен дијалог
Меѓукултурни градови
Промоција на јазиците
Следење на изборите
Преку својата советодавна улога и активности за следење, Парламентарното собрание на Советот на Европа и други европски институции, како што е ОБСЕ, помагаат во гарантирањето на демократски, слободни и фер избори на континентот.
Конгресот на локални и регионални власти периодично ги следи локалните и регионалните избори во 46-те држави членки на Советот на Европа. Неговите мисии за следење на изборите го покриваат целиот изборен процес и се надополнуваат со мониторинг на примената на Европската повелба за локалната самоуправа.
Понатаму, со цел да се обезбеди правилно спроведување на изборите, Советот на Европа изготвува програми за помош насочени кон суштински реформи на изборното законодавство, изготвување на избирачките списоци и обука на националните посматрачи и изборната администрација.
Парламентарно собрание
Конгрес на локални и регионални власти
Демократски институции
Образование за човековите права и демократијата
Демократијата исто така опфаќа активно учество на јавноста во животот на заедницата, особено во контекст на активностите на граѓанското општество. Советот на Европа изготвува стратегии и алатки со кои се промовира осознавањето на човековите права и демократијата. Повелбата на Советот на Европа за образование за демократското граѓанство и човековите права ни покажува како да ги примениме овие вредности во пракса.
Секоја година над 5.000 водачи на организациите на младите се обучуваат во Европските младински центри на Советот на Европа во Будимпешта и Стразбур. Обуките кои се спроведуваат имаат каскаден ефект, на тој начин што водачите го пренесуваат стекнатото знаење на останатите членови во своите организации. Исто така, над 15.000 млади луѓе имаат корист од проектите кои се поддржани од страна на Европската фондација за млади, а кои имаат за цел унапредување на меѓусебното разбирање, толеранцијата и солидарноста.
Квалитет на лековите и здравствена заштита
Мисијата на Европскиот директорат за квалитет на лековите и здравствената заштита при Советот на Европа (EDQM) е да придонесе кон основното човеково право на пристап до квалитетни лекови и здравствена заштита како и за унапредување и заштита на здравјето на луѓето и животните.
Работата на Европскиот директорат за квалитет на лековите и здравствената заштита опфаќа специфични области, како што се лекови, трансфузија на крв, трансплантација, но и козметички материјали и материјали кои доаѓаат во контакт со храна. Во согласност со својата мисија, сите активности на Европскиот директорат за квалитет на лековите и здравствената заштита имаат за цел да обезбедат оптимални стандарди за заштита на јавното здравје на целиот континент.
Did you know?
In 1964, the Committee of Ministers of the Council of Europe declared 5 May Europe Day.
Кој водечки политичар, говорејќи во Советот на Европа повика на градење на ''Европскиот заеднички дом''?