Хероини и херои
Таа е мојот херој! Кој е твојот?
- Преглед
Оваа активност вклучува индивидуална, работа во мали групи и работа со целата група, бура на идеи и дискусија за:
• Хероините и хероите како симболи на социјализацијата и културата
• Тоа како родовите стереотипи имаат свои корени во историјата, културата и секојдневниот живот- Поврзани права
• Право на еднаквост
• Слобода од дискриминација
• Слобода на мислење и изразување- Цели
• Да се размисли зошто постојат различни перспективи за историските настани
• Да се развијат вештини за критичка анализа
• Да се негува љубопитноста, отвореноста и чувството за правда- Материјали
• Хартија и пенкала (едно сино и едно црвено за секој учесник; по избор, но е пожелно)
• Флип-чарт хартија и фломастери
compass-key-date
- 18 јулиМеѓународен ден на Нелсон Мандела
Инструкции
1. Дајте им на луѓето пет минути да размислат на кои национални хероини и херои (историски или живи) особено им се восхитуваат.
2. Поделете им хартија и пенкала и замолете ги да нацртаат две колони. Во првата колона тие треба (употребувајќи го црвеното пенкало) да напишат имиња на три или четири хероини плус краток опис за тоа кои се тие и што направиле за нивната земја. Под него тие треба да напишат клучни зборови за да ги опишат карактеристиките кои ги асоцираат на хероините, воопшто.
3. Повторете го процесот (употребувајќи го синото пенкало) за три или четири херои. Напишете ја оваа информација во втората колона.
4. Сега замолете ги учесниците да се поделат во мали групи, од пет до седум луѓе за да ги споделат нивните избори за хероини и херои. Замолете ги групите да направат консензус за четири највредни хероини и четири највредни херои.
5. Потоа, пленарно, напишете ги имињата на хероините и хероите од секоја група, во две колони, на флип-чартот. Додајте ги и клучните зборови кои ги опишуваат карактеристиките.
6. Дискутирајте ја листата на карактеристики и користа од хероините и хероите како примери и границата до која тие се родови стереотипи. Потоа преминете на резимирање.
Резимирање и евалуација
Започнете со резимирање на активноста и што научиле луѓето за хероите и хероините и потоа продолжете со разговор за стереотипите и како тие влијаат врз нашите перцепции и акции.
- Кои типови на луѓе се хероини и херои? (Обични мажи и жени? Кралеви?) Што прават тие? (Се борат? Пишуваат поеми?) Како учесниците дознале за нив?
- Кои беа разликите и сличностите помеѓу двете листи со карактеристики?
- За кои вредности се залагаат хероините и хероите? Дали тоа се исти вредности или постојат некакви разлики?
- Што подразбираат луѓето под зборот „стереотип“? Колку се вистински стереотипите? Дали стереотипите се секогаш негативни?
- Дали вие, лично и луѓето во вашето општество, генерално, имате општи стереотипи и очекувања од мажите и жените?
- Дали учесниците се чувствуваат ограничено заради овие очекувања? Како?
- Дали листата на карактеристики, направена во оваа активност, рефлектира особини кои би можеле да се опишат како национални карактеристики?
- До која мерка социјалните и културните бариери се резултат на стереотипното размислување?
- На кои начини родовите стереотипи им ги негираат на луѓето нивните човекови права?
- Кои документи и членови за човекови права ги штитат луѓето од дискриминација врз основа на род?
- Стереотипните очекувања често делуваат како бариери, и кај мажите и кај жените, ограничувајќи го нивниот живот, избори и опции. Какви бариери, поврзани со родот, искусиле учесниците? Во домот, на училиште, во клубот или работното место?
- Што можат учесниците да направат во врска со овие бариери? Можат ли тие да ги идентификуваат стратегиите кои ќе ги оттргнат од културолошките норми и вредности во врска со машкоста и женственоста?
Пример од една украинска група за вториот чекор | |
---|---|
Хероини | Херои |
Принцезата Оља, првата христијанка во Киев Рус (старо име за Украина). | Принцот Владимир од Киев Рус (старо име за Украина) станал христијанин. |
Млада жена, Роксалана, заробена од Турците. Живеела во харем. Ја искористила својата позиција да влијае врз политиката. | Хетман Мазепа – борец за независност |
Поетесата Лесја Украинка пишувала за украинскиот идентитет и еманципацијата на жените | Поетот Шевченко – ја глорифицирал слободата |
• силни, итри, нежни, женствени, моќни, убави | • силни, моќни, храбри, одлучни, тврдоглави |
Совети за обучувачите
Зборовите „хероина“ и „херој“ различно се перцепираат во различни општества. Бидете свесни за тоа и потрудете се внимателно да го објасните значењето; можеби ќе биде корисно да се потенцира дека хероините и хероите се примери.
Во петтата точка од инструкциите треба да го прифатите цел придонес од малите групи и сé да напишете на флип-чартот. Ако некој предлага термини, како што се „женски“ или „машки“, треба да ги прифатите во оваа фаза, а да се навратите кон нив во резимирањето, кога треба да го дискутирате значењето на овие зборови.
Во зависност од целната група и контекстот, може да им помогне на луѓето, кога прават врски со човековите права, да ги идентификуваат хероините и хероите за човекови права (бранители/активисти/луѓе, кои според нивното мислење, направиле некаква промена во нивната земја или светот). Потоа, можете да преминете на дискусија за развојот на човековите права, влијанието на човековите права врз локалните, регионалните и меѓународните закони и дилеми.
Ова е добра активност за изведба во мултикултурна средина, бидејќи културолошкиот елемент станува повидлив. Измешајте ги групите и кажете им на учесниците дека хероините и хероите можат да бидат или од нивната сегашна земја или од земјата од која потекнуваат.
Варијации
Кога работите со помлади групи ќе работите со различен тип на хероини и херои, на пример, ликови од стрипови и филмови, славни личности од поп музиката, филмот и спортот. Можете да ја започнете сесијата со читање на стрипови и бура на идеи за карактеристиките на ликовите. Друг начин, е да поставите постери од поп или спортстки ѕвезди и да ги замолите луѓето да нацртаат облачиња за зборување или да додадат цртежи. Ако прашањето „Кои се твоите хероини и херои?“ го оставите целосно отворено, можеби ќе најдете некакви интересни изненадувања кои ќе предизвикаат плодна дискусија. На пример, учесниците ќе ги именуваат нивните родители, Јури Гагарин, Хелоу Кити, Нелсон Мандела или Бетовен!
Замолете ги учесниците, самостојно, да одберат двајца луѓе на кои им се восхитуваат, без да им кажете дека треба да одберат една жена и еден маж. Во резимирањето замолете ги да пребројат дали има повеќе мажи од жени или повеќе жени од мажи на нивните листи. Прашајте ги дали ова има некакво значење.
Предлози за идни активности
Ако групата сака да ги погледне хероините и хероите за човекови права, тогаш направете ја активноста „Борци за права“.
Идеи за акција
Направете сопствена заложба за да бидете посвесни за стереотипите во вашиот секојдневен живот, особено ако тоа води кон предрасуди, и од страна на другите и (ненамерно) од вас.
Дознајте повеќе за жените кои дале придонес за вашата земја (светот, ако работите на меѓународен контекст), но не оние кои се добро познати. Организирајте изложба во вашето училиште или младински клуб. Можете да напишете статија за локален весник или да креирате кратко видео и да го постирате на Интернет за овие жени.
Организирајте прослава за да го одбележите Меѓународниот ден на жените.
Приклучете се на локални, национални и меѓународни кампањи за женски прашања, на пример, еднаква плата за еднаква работа, трговија со луѓе или еднаков пристап до образованието за децата ширум светот.
Понатамошни информации
„Стереотип“ е едноставно, генерализирано, често несвесно и предвреме формирано мислење за луѓето или идеите кое може да води до предрасуди и дискриминација. Тоа е генерализација во која карактеристиките, кои ги поседува дел од групата ќе се пренесат врз групата, како целина. На пример, Италијаните сакаат опера, Русите сакаат балет, а луѓето, кои се црни, доаѓаат од Африка. Кога улогите им се доделуваат на жените или мажите или кога постојат очекувања за тоа како тие би требало да се однесуваат заради нивниот род, тие се нарекуваат „родови стереотипи“.
Може да постои забуна за зборовите, полот и родот. Полот се однесува на биолошките разлики помеѓу мажите и жените, кои се универзални и не се менуваат. Родот се однесува на општествените атрибути, кои се учат или стекнуваат за време на социјализацијата, како член на одредена заедница.
Според тоа, родот се однесува на општествено дадените атрибути, улоги, активности, одговорности и потреби, поврзани со тоа што некој е маж или жена во одредено општество, во одредено време и како член на специфична заедница во тоа општество.
Извор
Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP), Полот во развојната програма, Пакет за учење и информации, програма за род и проектни влезни точки, јануари 2001