Image: Theme 'Religion and Belief' by Pancho

Што е религија и верување? 

Сите религии, уметности и науки се гранки од исто дрво.Сите овие аспирации се насочени кон облагородување на животот на човекот, кревајќи го од сферата на чисто физичко постоење и водејќи го поединецот кон слобода.Алберт Ајнштајн

Верувањето е состојба на умот, при што мислиме дека нешто е точно и покрај тоа што не сме 100% сигурни или способни тоа да го докажеме. Сите имаат верувања за животот и светот кој го искусуваат. Верувања кои взаемно се поддржуваат може да формираат системи на верување, кои можат да бидат религиозни, филозофски или идеолошки. Религиите се системи на верување кои го поврзуваат човештвото со духовноста. Следната дефиницијата од Википедија дава добар преглед на многуте димензии на религијата:
Религијата е збир на културни системи, системи на верувања и погледи на светот кои го поврзуваат човештвото со духовноста и понекогаш, со моралните вредности. Многу религии имаат наративи, симболи, традиции и свети историски настани што имаат намера да му дадат значење на животот или да го објаснат потеклото на животот или на универзумот. Тие имаат тенденција од нивните идеи за космосот и природата на човекот да извлечат морал, етика, верски закони или префериран начин на живот. […] Многу религии имаат организирано однесување, свештенство, дефиниции за тоа што претставува приврзаност или членството, собири на народот, редовни состаноци или служби со цел славење на божеството или за молитва, свети места (природни или архитектонски) и/или списи. Практиката на религија може да вклучува и проповеди, комеморации за активностите на бог или богови, жртви, славења, празници, транс, иницијации, погребни служби, брачни служби, медитација, музика, уметност, танц, јавни служби или други аспекти на човековата култура. Сепак, постојат примери на религии за кои некои или многу од овие аспекти на структурата, верувањата или практиките отсуствуваат.1

Верувања во духовната димензија на животот постојат уште од памтивек. Многу човечки општества ни оставија историски докази за нивниот систем на верување, без разлика дали тоа е обожување на сонцето, на богови и божици, познавањето на добро и зло или на светото. Стоунхенџ, Бамијан Буда, Kатедралатa„ Алмудена“ во Мадрид, „Улуру“ на Алис Спрингс,„ Бахиските градини“ на Хаифа, Фуџијама, светата планина на Јапонија, Кааба во Саудиска Арабија или Златниот храм во Амритсар, сите носат сведоштво за човековото искуство на духовноста, што може да биде објективна реалност или резултат на копнежот на човекот за објаснување за смислата на животот и нашата улога во светот. Во наједноставна смисла, религијата го опишува „односот на човечките суштества со она што тие го сметаат за свето, духовно или божествено”.2  Обично е придружено со збир на организирани практики кои се негуваат од заедница на луѓе кои ја делат таа вера. Како што беше дискутирано погоре, верувањето е поширок термин и исто така вклучува и „заложби што негираат димензија на постоење над овој свет.“3

Религиите и другите системи на верување во нашето опкружување имаат влијание врз нашиот идентитет, без оглед на тоа дали се сметаме себеси за религиозни или духовни или не. Во исто време, други делови од нашиот идентитет, нашата историја, нашиот пристап кон другите религии и групи што се сметаат за „различни“ ќе влијаат на тоа како ние ја толкуваме таа религија или систем на верување.

Прашање: Кои религии се практикуваат во вашата земја?

Религиите и сродните социјални и културни структури играа важна улога во човековата историја. Како ментални структури, тие влијаат на начинот на кој го перципираме светот околу нас и вредностите што ги прифаќаме или отфрламе. Како социјални структури, тие обезбедуваат мрежа на поддршка и чувство на припадност. Во многу случаи, религиите станаа основа на структурите на моќ и се испреплетени со тоа. Историјата, далечна и неодамнешна, е полна со примери на „теократски“ држави, било да се тие христијански, хинду, муслимански, еврејски или други. Одделувањето на државата од религијата е само од неодамна и сè уште само делумно се применува: има официјални државни религии во Европа и де факто државни религии. Во повеќето случаи, ова не претставува посебен проблем сè додека е во склад со вредностите на толеранција.

Јас ги сметам нерелигиозните луѓе како пионери.
Анандабаи Joши, прва Хинду жена и прва жена од Индија која се стекна со образование на лекар 

Статистиката на приврзаници на религијата или верувањето никогаш не може да биде точна, ако се земе предвид динамичката природа на оваа шема како и фактот дека многу луѓе меѓу нас живеат во контексти каде не се уживаат слободата на религијата и верувањето. Според тоа, статистиките подолу, имаат за цел да ја прикажат различноста на глобалната слика. Бројките укажуваат на проценетиот број на приврзаници на најголемите религии4:

Традиционална африканска и од дијаспората : 100 милиони
Бахаи: 7 милиони
Будизам: 376 милиони
Као Даи: 4 милиони
Кинеска традиционална религија: 394 милиони
Христијанство: 2.1 милијарди
Хиндуизам: 900 милиони
Ислам: 1.5 милијарди
Џенизам: 4.2 милиони
Јудеизам: 14 милиони
Нео-паганизам: 1 милиони
Примално домородни (племенски религиозни, етнички религиозни,или анимисти): 300 милиони
Растафаријанизам: 600 илјади
Шинто: 4 милиони
Сикизам: 23 милиони
Спиритизам: 15 милиони
Тенрикио: 2 милиони
Унитаристички универзализам: 800 илјади
Зороастризам: 2.6 милиони

Бројот на секуларни, нерелигиозни, агностици и атеисти се проценува на 1,1 милијарди.

Прашање: Кои религии недостасуваат во овој список?

Секој диктатор ја користи религијата како реквизит да ја задржи моќта.
Беназир Буто

Различни религии и верувања веќе долго време постојат и во европскиот регион. Во некои историски периоди, Европа им обезбеди прибежиште на прогонетите религиозни групи и дозволи да цветаат разновидни религии и верувања. Во други периоди, меѓутоа, европските земји станаа плен на фанатизмот и беа обземени со „религиозни војни“, како што е Триесетгодишната војна од 1618-1648 година што довела до убивање на една третина од населението на континентот. Погрешната употреба или злоупотреба на верските аргументи доведе до оправдување на болни конфликти и војни, прогони и нетолеранција. Без оглед на тоа како ние ги разбираме овие историски наследства, во Европа постои широк спектар на религии и верувања кои имаат и продолжуваат да имаат влијание врз нашите општества. На овој начин, религијата и верувањето се важни фактори кои треба да се имаат предвид во врска со младите луѓе и младиската работа, директно или индиректно, тие влијаат на идентитет и чувство на припадност на младите..

Слобода на религија или верување во инструментите за човекови права

Секој има право на слобода на мисла, совест и религија; ова право вклучува слобода на промена на неговата религија или верување или слобода, сам или во заедница со други, јавно или приватно, да ја искажува својата религија или верување преку учење, практикување, обожување и почитување.
Универзална декларација за човекови права, член 18

Никогаш не им наметнувајте на други што не би избрале за себе.
Конфучие

Ова подоцна беше потврдено во Меѓународниот пакт за граѓански и политички права како и во неколку регионални обврзувачки документи за човекови права, како Африканската Повелба за човекови права и права на луѓето (член 8) или Европската конвенција за Човекови права и основни слободи (член 9). Комитетот за човекови права на ООН потенцира дека оваа слобода е „далекусежна и суштинска“, дека „опфаќа слобода на мислењето во врска со сите работи, личното убедување и посветеност кон религијата или верувањето, без разлика дали се манифестира индивидуално или во заедница со другите“, дека слободата на совеста треба да биде еднаква на таа за религија и верување и дека заштитата за „теистичко, нетеистичко и атеистички убедувања, како и правото да не се залага за никаква религија или верување”.5 Според тоа, секое сериозно верување или убедување - дали некое лице е Сики, против ловот, пацифист, Мормон, веган или идеолошки е поттикнат од активизам против климатските промени - може да биде заштитено во рамките на ова право.

Оваа слобода во меѓународното право историски беше фокусирана на верската слобода на малцинските заедници. Денес, законите што ја обезбедуваат слободата на религијата и верувањето не се повеќе фокусирани на потребата од одржување на статус кво за да не се поткопа регионалната безбедност, туку во центарот на вниманието имаат голем број на проблеми, вклучително и недискриминација, еднаквост и достоинство. Залагањето за оваа слобода има и општествени, така и индивидуалистички причини, дозволувајќи им на луѓето опсег да бараат (отворено), да дискутираат (енергично) и (слободно) да ги поддржуваат верувања што тие ги избираат, сами или заедно со другите. За постигнување на соодветна средина која ја овозможува оваа слобода не е потребно само немешање по основа на религија или верување од страна на државата, туку преземање на позитивни мерки за да се постигне и одржи такво опкружување во целото општество. Во пракса, ова треба да вклучува, на пример, можност да се стават на располагање места за обожување или да се обезбеди морално и верско образование. 

Прашање: Дали сте член на некоја верска заедница? Како се вклучивте?  

Она што мразиш да ти биде направено тебе, не прави му го на друг.
Од папирус од антички Египет

Не правете им го на другите она што би ве налутило, доколку другите ви го направат вас.
Сократ

Како и со сите други човекови права, оваа слобода не ги „губи“ другите слободи и таа понекогаш се наоѓа во тензија со други човекови права, како што е слободата на мислење и изразување и слободата од дискриминација врз основа на пол или сексуална ориентација. Ова се рефлектира на пример во начинот на кој член 9 од Европската конвенција за човекови права е структуриран: постои апсолутна заштита на правото на верско убедување, совест и мисла, но манифестирањата уживаат само квалификувана заштита сè додека не ги кршат другите човекови права.

 

Европска Конвенција за човекови права и основни слободи
Член 9
1. Секој има право на слобода на мисла, совест и религија; ова право вклучува слобода да се промени неговата религија или верување и слобода или сам или во заедница со други и јавно или приватно, да ја манифестира својата религија или верување во обожување, учење, практикување или прославување.
2. Слободата да се манифестира нечија религија или верување ќе подлежи на ограничувања утврдени само со закон и кои се потребни во демократско општеството во интерес на јавната безбедност, за заштита на јавниот ред, здравјето или моралот или заштита на правата и слободите на другите.

Слободата на религијата и верувањето - вклучително и слободата за промена на религијата - е од суштинско значење за сите нас во потрагата по смислата, целосен развој, нашиот идентитет и нашето изразување како членови на заедница или заедници. Без разлика дали имаме цврста религија или вера, без разлика дали сме неопределени, или дури и ако навистина не се грижиме многу за религијата или верувањето, оваа слобода им е важна на луѓето и општествата што кои тие ги градат.

Дали има некои заедници во вашата земја кои не уживаат исто ниво на слобода на религија и верување како другите?

Предизвици и кршење на слободата на вероисповед или вера

Верските групи мора да толерираат, како што и другите групи мораат, критички јавни изјави и дебати во врска со нивните активности, учења и верувања, под услов таквите критики да не претставуваат намерна и непристојна навреда и не претставуваат поттикнување за нарушување на јавниот мир или да дискриминираат приврзаници на одредена религија.
Венецијанска Комисија на Совет на Европа

Низ целата историја на религијата, многу религиозни и општествени карактеристики биле вградени во средината каде се практикува одредена религија и тие се рефлектираат во културата и политиката. Многу дела од литературата, поезијата, уметноста и музиката, кодови за облекување и начини на организирање на заедничкиот животот се извлечени од религиите. Религијата остави силен печат врз културата, што може да се види, на пример, во светите денови, празници, во брачни церемонии, погребни практики, аџилак, носење религиозни симболи (на пр. накит или начини на облекување) или во физички промени на телото, како што е машкото обрежување. Влијанието на религиите може да стане уште посилно кога народите ќе усвојат државна религија или религиозна идеологија. Во такви ситуации, религијата и религиозните аргументи може да се мешаат со политичкото, економското или социјалното расудување..

Степенот до кој слободата на мислата, совеста и религијата овозможуваат различните практики на заедница на верници да се разликува од оние на остатокот од општеството често се дебатира во заедницата за човекови права. Примери за ова вклучуваат ставови кон жените на верски лидерски позиции, традиционални церемонии кои вклучуваат деца, закони за брак, развод или погреб, забрана за прикажување на божествени суштества или други религиозни личности и сл.

Не припишувај му ни на една душа она што ти не би имал да си припишеш на себе и не го зборувај она што не го правиш.
Bahá’u’lláh (Бахаиула)

Во вакви контексти, телата за човекови права ќе ги критикуваат штетните практики, без оглед дали традиционално биле осудувани од одредени култури, нации или религии. Ваквите критики не се напад врз културата, националноста или религијата туку обид за постигнување рамнотежа помеѓу правото на нечија религија и верување и другите човекови права, бидејќи неколку од овие практики можат да резултираат во сериозна злоупотреба на човековите права. Штетните традиционални практики вклучуваат осакатување на гениталиите на жените, преферирање на синови (што може да се манифестира преку селективен абортус според пол, негрижа за новородени девојчиња, дискриминација во образованието во корист на синови, дискриминација во исхраната), договорени или присилни бракови, брак на деца, злосторства поврзани со мирази, кривични дела со оправдување заради „чест“, исклучување или ограничување на некои права на неприврзаниците за кон некоја помоќна верска група во дадена заедница, сегрегација според религиозни линии и сл. Ваквите практики несразмерно ги погодуваат жените и децата: се користи повикување на традицијата за да се оправда дискриминацијата врз основа на пол и возраст. Понатаму, во неколку случаи, ситуации кои, од перспектива на човекови права, се повреда на човечкото достоинство, остануваат непризнаени, табу и неказнети. Неколку од овие практики се засноваатна верски прописи; фактот дека тие се длабоко вкоренети во културата и традицијата не го олеснуваат нивното завршување. Промените треба да се случат преку законодавни промени, образование и зајакнување. Во текот на историјата, религиите играле клучна улога во наметнувањето на ограничувањата на човековото дејствување со цел да се заштитат физичкиот и психолошки интегритет или достоинство на другите луѓе. Сепак, иако религиозните филозофии придонесоа за развој на свеста за човековите права и достоинство, човековите права поврзани со религијата и верувањето не се повеќе ослободени од тензиите и противречностите што се присутни во инструментите за човекови права, отколку другите права. Како што се гледа во случајот на штетните традиционални практики, понекогаш убедувањата или верувањата се користат за целосно да се оправда физичкото оштетување со сериозни здравствени последици.

Прашање: Дали во вашата/ите заедници има верски практики кои сметате дека се штетни?

Дискриминација и нетолеранција
врз основа на религија или вера

Не ги повредувајте другите на начини за коj вие самите би сметале дека е лош.
Уданаргага

Религиозна нетолеранција може да се забележи на различни нивоа: меѓу приврзаници на иста религија (интрарелигиска нетолеранција); помеѓу една религија или религиозен став и друг, манифестирајќи се во различни форми на конфликти меѓу лица и групи на лица (интеррелигиска нетолеранција); во форма на конфронтациски атеизам или конфронтациски теизам, кои се нетолерантни на слободен избор и практика на други религии или посветеност на верувања; или во форма на антисекуларизам. Религиозната нетолеранција честопати се меша со ксенофобија и други форми на дискриминација; понекогаш се користи и за да се оправда дискриминацијата.
Повеќето кршења на човековите права поврзани со слободата на религијата и верата, исто така, се поврзани со слобода од дискриминација. Дискриминацијата врз основа на религија и вера е спротивна на човековите права, но сепак секојдневно се доживува од многу луѓе ширум Европа. Фактот дека религијата и верувањето честопати се мешаат со културата, националноста и етничката припадност го прави тоа покомплицирано, но исто така и повеќе болно на индивидуално ниво: може да бидете дискриминирани заради верска припадност дури и ако ви се случи да не верувате во религијата со која сте поврзани.

Дискриминацијата и нетолеранцијата влијаат негативно врз општеството како целина, а особено врз младите кои го доживуваат тоа.Таквите ефекти вклучуваат:

  • Ниска самодоверба
  • Само-сегрегација
  • Внатрешно угнетување
  • Исклучување од училишните активности
  • Неисполнување на нивниот потенцијал
  • Привлекување на насилни екстремистички идеологии
  • Напуштање на училиште
  • Здравствени проблеми/депресија6

Религиозната нетрпеливост се користи и за да се храни омразата и да придонесе за вооружени судири, не толку затоа што тоа е причина за конфликт, туку затоа што религиозната припадност се користи за да се повлечат линии за поделба, како што покажуваат вооружените конфликти на Балканот и Кавказ. Последиците од меѓународниот тероризам и „војните против тероризмот“ се особено уништувачки во Европа и пошироко, особено затоа што верската нетолеранција се меша со ксенофобијата и расизмот.Ниту една единствена социјална група, религија или заедница нема монопол на дискриминација. И покрај тоа што нивото на заштита на слободата на религијата и верувањето значително се разликуваат во земјите-членки на Советот на Европа, религиозната нетрпеливост и дискриминацијата влијае на сите во Европа.

Нетолеранција и дискриминација
против муслиманите (исламофобија)

Зашто целиот закон е исполнет во еден збор, дури и во ова: Ти сакај го ближниот како себе си.
Свети Павле

Особено загрижува порастот на исламофобија, стравот и омразата кон Исламот во повеќе европски земји, што резултира во дискриминација врз муслиманите или луѓето поврзани со исламот. Исламот е најраспространетата религија во Европа после Христијанството и мнозинска религија во различни земји-членки на Советот на Европа. Непријателството кон Исламот како религија и кон муслиманскиот народ, особено следејќи ги „војните против теророт“, откри длабоко вкоренети предрасуди против Муслиманите во многу европски општества. Со перцепцијата за религијата на исламот како да е поврзана само со тероризам и екстремизам, исламофобијата придонесе за негативни погледи на Исламот и муслиманите, погрешно генерализирајќи милитантен верски екстремизам и ултраконзерватизам врз сите муслимански земји и муслимански народ. Оваа нетолеранција и стереотипизиран погледот кон Исламот се манифестира на повеќе начини, почнувајќи од вербална или писмена злоупотреба на муслиманскиот народ, дискриминација во училиштата и работните места и психолошко вознемирување или притисок, кон вршење насилни напади врз џамии и поединци, особено жени кои носат шамии.7 Во овој контекст, мас-медиумите играа улога, нудејќи понекогаш и искривени претстави за луѓе муслимани, ако не и целосно стереотипни и клеветнички. Како и другите жртви на дискриминација врз основа на верска припадност, дискриминацијата врз муслиманите може да се преклопува со другите форми на дискриминација и ксенофобија, како што се анти-имигрантски чувства, расизам и сексизам.

Шест предрасуди за муслиманите кои се повторуваат

Сите се исти
: Муслиманите се сите исти едни со други, без оглед на нивната националност, социјална класа и политички поглед и дали се набљудувани во своите верувања и практики.
Сите се мотивирани од религијата: Се смета дека единствената најважна работа за муслиманите, во сите околности, е нивната вера во религијата.Така, ако муслиманите се вклучат во насилство, на пример, се претпоставува дека тоа е затоа што нивната религија се залага за насилство.
Сосема „поинакви“: Муслиманите се сметаат за тотално „ поинакви“: за нив се смета дека имаат малку, ако имаат, некакви интереси, потреби или вредности со луѓето кои немаат муслиманска припадност.
Културно и морално инфериорни: Муслиманите се сметаат за културно и морално инфериорни и склони кон нерационални и насилнички, нетолерантни во нивното постапување кон жените, презир кон светските погледите различни од нивните и непријателски и огорчени кон „Западот“ без некоја добра причина. Закана: Муслиманите се сметаат за безбедносна закана, со премолчена или отворено симпатија кон меѓународниот тероризам и наклонети кон „Исламизација“ на земјите во кои живеат.
Соработката е невозможна: Како последица на претходните пет сфаќања, се тврди дека не постои можност за активно партнерство меѓу муслиманите и луѓето со различно религиозно или културно потекло.
Упатства за едукатори за борба против нетолеранција и дискриминација врз муслиманите, ОБСЕ / ОДИХР, Совет на Европа и УНЕСКО.

Антихристијански чувства (христијанофобија)

Христијанофобијата се однесува на секоја форма на дискриминација и нетолеранција кон некои или сите христијани, христијанската религија или практикување на христијанството. Како и другите форми на дискриминација врз основа на религијата, сторителите можат да бидат луѓе од други религии - честопати мнозинските религии - исто колку и секуларните институции. Непријателството против христијаните се манифестира во напади против места за богослужба, вербална злоупотреба и особено во земји каде христијаните се малцинство, ограничувања во градењето а понекогаш и зачувување на црквите или манастирите. Особено загрижувачки е порастот на нападите против христијаните на Блискиот исток. Препорака на Парламентарното собрание по ова прашање, меѓу другото, повикува на потреба од „подигање на свеста за потребата од борба против сите форми на религиозен фундаментализам и манипулација со религиозните верувања од политички причини, кои така често се причина за тероризам во денешницата. Образованието и дијалогот се две важни алатки што можат да придонесат за спречување на ваквите зла“8.

Прашање: Дали некогаш сте доживеале било каква пристрасност кон вас заради вашата религија или вера? Како реагиравте?

Антисемитизам

Она што сакате луѓето да ви го прават вам, правете им го ним; а тоа што не сакаш да ти го прават тебе, немој да им го правиш ним.
Пророкот Мухамед

Антисемитизам - непријателство кон Евреите како религиозна или малцинска група често придружена со социјална, економска и политичка дискриминација - е пример за комбинација на расизам и религиозна дискриминација. И покрај тоа што директната цел на антисемитизмот е еврејскиот народ, мотивација за дискриминација и насилството не мора да се заснова на јудаизмот како религија, туку врз Евреите како народ.
Во извештаите на организациите за човекови права редовно се наведува алармантен пораст на бројот на антисемитски напади придружени, во некои земји, со пораст на отворен антисемитички говор во политичката арена. Настаните вклучуваат напади против Еврејски училишта “, додека еврејските ученици биле нападнати, малтретирани и повредени во поголем број на пат кон и од училиште или во училница, вклучително и од нивните соученици. Едукаторите известуваат дека терминот „Евреин“ стана популара пцовка меѓу младите.“9 Наместо да се ограничува на екстремистички кругови, антисемитизмот така се повеќе се вклучува во главните текови.
Во својата Препорака бр.9 за борба против антисемитизмот, усвоена во 2004 година, Европската Комисија против расизмот и нетолеранција, меѓу другото, им препорачува на државите членки да обезбедат во кривичниот закон да ги казни антисемитичките акти како што се: јавно поттикнување на насилство, омраза, дискриминација, јавни навреди, клевета и закани насочени кон личност или групи на лица врз основа на нивен постоечки или претпоставен еврејски идентитет или потекло, јавно изразување, со антисемитичка цел, на идеологија која го омаловажува или оцрнува групирањето на лица врз основа на нивниот еврејски идентитет или потекло, јавно негирање, тривијализација, оправдување или осудување на Шоах и за злосторства на геноцид, злосторства против човештвото или воени злосторства извршени врз лица врз основа на нивниот еврејски идентитет или потекло сквернавење и уништување, со антисемитска цел, на еврејски имот и споменици создавање или водство на група која промовира антисемитизам.

Религиозната нетолеранција и дискриминација не е ограничена само на антисемитизам, христијанофобија или исламофобија. Меѓу многуте форми на дискриминација е непризнавање на некои религии и разликата во третманот меѓу нив. На таков начин религии и системи на верување можат да бидат забранети, прогонети или силно контролирани заради нивната наводна „секташка“ природа или нивна нерелевантност заради тоа што се „незначајни“. Важно е да се потсетиме дека слободата на религија и верување вклучува право на промена на религијата и право на неприклучување кон или објавување на религијата.

Прашање: Што се случува ако одлучите да прифатите религија различна од вашето семејство и заедница?

Никој никогаш не треба да му направи некому нешто што за себе го смета за повреда. Ова, накратко, е правилото на дарма.Брихаспети, Махабхарата

И покрај растечките и распространети манифестации на религиозна нетолеранција, важно е да се има предвид дека религијата и човековите права се совршено компатибилни и дека само рамката за човекови права може да обезбеди слобода на религијата и верувањето за сите. Историјата на Европа е навистина полна со примери на насилство и варварство во име на религијата. Овие акти биле и се извршуваат од мажи и жени, не по заповед на религиозни прописи,туку на луѓе. За среќа, историјата и реалноста на нашиот свет е исто така жив доказ на оптимизам на верска разновидност: ниту едно општество не е моно-религиозно и ниту еден единствен систем на размислување некогаш преовладувал, дури и под најекстремните форми на тоталитаризам. Покрај тоа, примерите на луѓе кои се прифаќаат едни со други и покрај верските разлики и честопати обединети во различностите, се многу повеќе од оние на нетолеранција. 

Работата на Советот на Европа 

Белата книга за интеркултурен дијалог на Советот на Европа „Да живееме заедно еднакви во достоинството“ (2008) признава дека опсегот на религиозни и секуларни сфаќања за животот го збогатија културното наследство на Европа и ја забележуваат важноста на меѓу- религиски, интер-религиски и друг дијалог за унапредување на разбирањето помеѓу различните култури. Исто така потенцира дека Советот на Европа „ќе остане неутрален кон различните религии додека ја брани слободата на мислата, совеста и религијата, правата и должностите на сите граѓани и соодветната автономија на државата и религиите“.10
Унапредувањето на верската толеранција и меѓуверскиот дијалог е исто така еден од приоритетите на младинската политика на Советот на Европа. Бројни настани организирани во рамките на кампањата „Сите различни - сите еднакви“ во 2007-2008 година, развија препораки и акциони планови за промовирање на меѓурелигиски дијалог во младинската работа во Европа, вклучително и Истанбулската Младинска декларација за меѓурелигиозен и интеркултурен дијалог во младинската работа12, и Акциониот план од Казан.13. All of these documents stress the crucial role of young people and youth organisations in contributing to the change towards religious tolerance.

Дознајте повеќе во Религиска разновидност и интеркултурно Образование, Референтна книга на Советот на Европа за училишта.11

Сферата на образованието може да биде платформа за тензии на човековите права поврзани со религија и вера, како во случаите кога образовната содржина е критикувана како ограничување на слободата на вероисповед и вера или во случаи кога верски симболи користени од училиштата или учениците резултирале со конфликти. Во исто време, образованието е исто така една од најважните сфери на животот каде стереотипите и предрасудите можат да бидат спротивставени. Во овој дух, ОДИХР, Советот на Европа и УНЕСКО ги објави Упатствата за едукатори за борба против нетолеранцијата и дискриминација врз муслиманите.14 Овој документ е наменет за поддршка на наставниците, обучувачите на наставници, експертите за образовни политики, како и невладините организации кои се активни во областа на неформалното образование во нивната работа против Исламофобијата.

Вероисповед и убедување во Европскиот суд за човекови права


Фолгер и други против Норвешка (2007)

Родителите успешно се жалеа пред судот во Стразбур за да избегнат задолжителни религиозни часови на една одредена деноминација на христијанството. Судот утврди дека државата го крши член 2 од Протокол бр. 1, кој гласи: „Никој не смее да го негира правото на образование. Во извршувањето на сите функции што ги презема во врска со образованието и наставата, Државата ќе го почитува правото на родителите да обезбедат такво образование и настава во согласност со нивните верски и филозофски убедувања “

Лаутси против Италија (2011) Децата на г-ѓа Лаутси посетуваа државно училиште каде сите училници имаа распетие на ѕидот, што таа го сметаше за спротивно на принципот на секуларизам со кој таа сакаше да ги воспита своите деца. Таа се пожали пред Судот дека е тоа кршење на член 9 (слобода на мисла, совест и религија) и на член 2 од Протокол бр. 1 (право на образование). Судот не утврди повреда; особено сметаше дека прашањето за верските симболи во училниците е, во принцип, прашање кое спаѓа во маргината на значење за државата, под услов одлуките во таа област да не доведат до форма на индоктринација и немало ништо што сугерира дека властите биле нетолерантни кон учениците кои верувале во други религии, биле неверници или кои имале нерелигиозни филозофски убедувања.

Ерсеп против Турција (2011) Овој случај се однесуваше на одбивањето на подносителот, Јеховин сведок кој приговара заради совест за вршење воена служба од причини на совест и последователни убедувања кои произлегуваат од таа причина. Судот утврди повреда на член 9 и повреда на член 6 (право на фер судење). Тој ја покани Турција да донесе легислатива во врска со спротивставувања на совеста и да воведе алтернативна форма на служење.

Рамковната Конвенција за заштита на националните малцинства исто така ја штити религијата како елемент на идентитет на малцинствата, „Државите се обврзуваат да ги промовираат потребните услови за лицата кои припаѓаат на националните малцинства за да ја одржат и развијат нивната култура и да ги зачуваат суштинските елементи на нивниот идентитет, имено нивната религија, јазик, традиции и културно наследство “(член 5) и забранува присилна асимилација.

Младинската работа и религијата и убедувањето

Ништо што дише, што постои, што живее, или што има форма или потенцијал на живот, не треба да се уништи или да се управува над него, или да се потчини, или повреди, или да се негира неговата суштина или потенцијал. Исто како што тагата или болката не се посакувани за тебе, така исто е и за сите што дишат, постојат, живеат или имаат било каков вид на живот.Акаранга Сутра

Религијата е проблем со која се соочуваат многу млади во секојдневниот живот дома, во јавноста, на работа или на училиште. Младинската работа може да помогне за да се направат религиозните разлики, фактор на културно збогатување на младите луѓе наместо да бидат извор на конфронтирање, особено ако се гледа за меѓусебно разбирање, толеранцијаи прифаќање на разликите.

Без разлика дали работат на локално, регионално или меѓународно ниво, младинските работници треба да бидат свесни за потенцијалната улога и влијанието на религијата и верувањето во процесот на секоја дадена активност, како и за планираните цели на активноста. Прифаќање на разновидноста е добра почетна точка; градењето на различноста како извор на сила е одличен начин да се продолжи. Се поголем број младински организации активно работат во областа на меѓурелигискиот дијалог, промовирање дијалог помеѓу еднакви и да бидат самокритични за своите религиозни традиции, со цел да се зголемува разбирањето.

Имајќи ги предвид разликите во верувањето и вежбите во рамки на групата, претходно и за време на активноста, може да придонесат за подобра атмосфера во групата уште од почеток. Да се знаат некои ритуали и практики на различни религии може да биде многу корисно и важно за доброто функционирање и успех на младински настани. Земањето предвид на диететските закони, места и времиња за молитва, религиозниот календар и дневните практики на различни религиозни групи (на пр. Сабат, Петочни молитви, Рамазан, неделни прослави, празници) може да им помогне на организаторите на младинските активности да обезбедат почит и мирна атмосфера, како и да избегнуваат проблеми со патувањето и времето и ефикасноста на активностите. Особеноста на местото на активноста и очекувањата од средината на домаќинот се подеднакво важни, со цел да се покаже почит кон потребите на учесниците во групата. Степен на чувствителност кон верската разновидност во рамките на групата ќе создаде одреден позитивен и мотивирачки став и љубопитност кон верските практики и верувања на другите. Ова исто така може да помогне да се промовира взаемно почитување и разбирање, истовремено помагајќи да се надминат сите силни предрасуди поврзани со религиозните верувања и практики..

Прашање: Каква важност има верската толеранција во вашата работа со младите луѓе?

Love your neighbor as yourself.
Leviticus

Има многу младинска работа што е заснована врз верата и има многу младински организации врз верска основа. Младинскиот сектор на Советот на Европа тесно соработува со различни меѓународни младински организации кои се базираат на верата и ја охрабрува соработката меѓу нив. Студиски сесии и активности за обука во Европскиот младински центар редовно вклучуваат организации како што се:

  • Екумениски младински совет во Европа
  • Европска алијанса на ИМКА
  • Европски совет за млади Бахи
  • Европско друштво за христијанска младина
  • Европска унија на еврејски студенти
  • Форум на европски муслиманска младина и студентски организации
  • Меѓународна федерација на католички младински организации
  • Меѓународно движење на католичка земјоделска и рурална младинска Европа
  • Меѓународни млади католички студенти - Меѓународно движење на католички студенти
  • Исламска конференција Младински форум за дијалог и соработка
  • Младински форум Пакс Кристи
  • Синдесмос - Светско друштво за православна младина
  • Универзална алијанса на Сирија
  • Европско здружение за млади жени христијаники
  • Светска студентска христијанска федерација

Почитувајте го стекнатото на вашиот сосед како ваша лична, а загубата на вашиот сосед како ваша лична загуба.
Таи Шанг Кан Јинг П’ин

Некои од овие организации се здружија во рамките на европскиот Младински форум и ја и ја формираа Групата младински организации засновани врз верата со цел да се запознаат едни со други, да промовираат различност и да се борат против дискриминација и омраза. Интегрирано од Европската организација за обука на врсници, Европскиот Сојуз на еврејски студенти, Екуменсиот младински совет во Европа, Форум на Европски муслимански младински и студентски организации, Меѓународната федерација на Католички младински организации, Меѓународно движење на католички студенти, Интернационалниот Пакс Кристи и Светската студентска христијанска федерација, Експертската група продуцира, во 2008 г. создаде прирачник (Tool Kit) за интер-религиски дијалог во младинската работа – Заеднички вери за живеење. Прирачникот, објавен од Европскиот младински форум, дава информации за монотеистичките религии и предлага неколку методологии и активности за да се разберат и деконструираат предрасудите и стереотипите поврзани со религијата и да се промовира меѓурелигиски дијалог. Прирачникот може да биде преземен од Интернет страницата на Европскиот младински форум  (www.youthforum.org)  или од страната на организациите соработнички.

Фусноти

1 http://en.wikipedia.org/wiki/Religion (достапно на 9 јули 2012 година)
2  Religion (2007) Енциклопедија Британка во:: www.britannica.com/eb/article-9063138
3 Линда Вудхед, со Ребека Като: „Религија или верување“: Идентификување на проблемите и приоритетите. Комисија за еднаквост и човекови права, 2009 година, стр. iii: www.equalityhumanrights.com/uploaded_files/research/research_report_48__religion_or_belief.pdf
4 главни религии во светот рангирани според бројот на приврзаници: www.adherents.com/Religions_By_Adherents.html
5 Општ коментар 22 на Комитетот за човекови права на ООН за член 18 од МКЦПП
6 ОБСЕ / ОДИХР, Совет на Европа, УНЕСКО, Упатства за едукатори за борба против нетолеранција и дискриминација врз муслиманите, 2011 година 
7 ПОВЕЕ (Форум против исламофобија и расизам), достапен на:: www.fairuk.org/introduction.htm
8 Препорака 1957 (2011) на Парламентарното собрание на Советот на Европа „Насилство врз христијаните на Блискиот исток
9 ОБСЕ-ОДИХР и Јад Вашем, обраќајќи се на антисемитизмот: Зошто и како? Водич за наставници, 2007 година
10 Совет на Европа, Бела книга за интеркултурен дијалог „Да живееме заедно како еднакви во достоинството“, започнат од министрите за надворешни работи на Советот на Европа Работи на нивната 118-та министерска сесија (Стразбур, 7.05.2008), стр. 23, достапен на:: www.coe.int/t/dg4/intercultural/Source/Pub_White_Paper/White%20Paper_final_revised_EN.pdf Погледнете исто така Декларација на Сан Марино од 2007 г.
11 www.coe.int/t/dg4/education/edc/Source/Pdf/Coordinators/2006_14_CDED_ReligiousDiversity.pdf
12 „Истанбулска младинска декларација за меѓурелигиски и интеркултурен дијалог во работата на младите“, Симпозиум Меѓурелигиски и интеркултурен дијалог во младинската работа, Истанбул, Турција, 27-31 март 2007 година: www.coe.int/t/dg4/youth/Source/Resources/Documents/2008_Istanbul_Declaration_en.pdf
13 „Казански акционен план“, Меѓународен младински форум „Интеркултурен дијалог и неговата религиозна димензија“, Казан, Република Татарстан, Руска Федерација, 30 Ноември - 4 декември 2008 година: www.coe.int/t/dg4/youth/Source/Resources/Documents/2008_Kazan_Action_Plan_en.pdf
14 Упатства за наставници за борба против нетолеранција и дискриминација врз муслиманите, ОБСЕ / ОДИХР, Совет на Европа, УНЕСКО, 2011 година:: www.coe.int/t/dg4/education/edc/resources

compass-key-date
  • 27 јануариМеморијален ден за холокаустот
  • 21 мартМеѓународен ден за елиминирање на расната дискриминација
  • 15 мајМеѓународен ден на приговорот на совеста
  • 21 мајСветски ден за културна разноликост за дијалог и развој
  • 9 августМеѓународен ден на домородните луѓе
  • 21 септемвриМеѓународен ден на мирот
  • 16 ноемвриМеѓународен ден на толеранција