Човековите права се како оклоп: тие те заштитуваат; тие се како правила, бидејќи тие ви кажуваат како можете да се однесувате; и тие се како судии, бидејќи можете да поднесете жалба по нив.
Тие се апстрактни - како емоциите; и како емоциите, тие му припаѓаат на сите и постојат без разлика што се случува.
Тие се како природата бидејќи можат да бидат повредени; и како духот, бидејќи тие не можат да се уништат. Како и времето, тие со сите се однесуваат на ист начин - богати и сиромашни, старии, млади, бели и црни, високи и ниски. Тие ни нудат почит, и тие обврзуваат ние да ги третираме другите со почит. Како и за добрината, вистината и правдата, ние понекогаш може да не се согласуваме околу нивната дефиниција, но ги препознаваме кога ќе ги видиме повредени.

 Прашање: Како ги дефинирате човековите права? Како објаснувате што се тие?

Кога нешто ќе наречеме човеково право, мислиме дека тој има валидно барање од општеството да го заштити во поседување на тоа право, или со сила на законот, или според образование и мислење.
Џон Стјуарт Мил

Правото е тврдење дека сме во право со тоа што го правиме. Имам право на намирниците во мојата кошничка ако имам платено за нив. Граѓаните имаат право да изберат претседател, ако уставот на нивната земја тоа го гарантира, а детето има право да се однеси во зоолошката градина, ако неговите родители ветиле дека ќе го однесат. Ова се сите нешта што луѓето можат да имаат право да ги очекуваат, поради ветувањата или гаранциите што биле дадени од другата страна.
Меѓутоа, човековите права се супер тврдења со една разлика.Тие не зависат од ветувањата или гаранциите од друга страна. Правото на живот на некој не зависи од некој друг кој ветува дека нема да го убие или да ја убие: нивниот живот можеби зависи, но нивното право на живот не. Нивното право на живот зависи само од едно: дека тие се луѓе.

Прифаќањето на човековите права значи прифаќање дека секој има право да ги изрази овие тврдења: ги имам овие права, без разлика што велите или правите бидејќи сум човечко суштество, исто како вие. Човековите права се својствени за сите човечки суштества како вродени права. Зошто на тоа тврдење не му треба да има одредено однесување кое ќе го поддржи? Зошто ние не треба да бараме човечките суштества да ги заслужат своите права?
Барањето за човековите права во крајна линија е морално барање и се темели на морални вредности. Она што моето право на живот навистина значи е дека никој не треба да ми го одземе животот; би било грешно тоа да се направи. Кога е поставено тврдењето на овај начин, него не му треба поддршка. Секој читател најверојатно се согласува со тоа, бидејќи сите ние препознаваме, во нашите сопствени случаи, дека постојат одредени аспекти од нашиот живот, нашето битие, кои треба да бидат неприкосновени и дека никој друг не треба да биде во можност да ги прекрши, бидејќи тие се од суштинско значење за нашето битие, кои сме и што сме; тие се од суштинско значење за нашето човештво и нашето достоинство. Без човекови права не можеме да го постигнеме нашиот целосен потенцијал. Човековите права едноставно го прошируваат ова разбирање на индивидуално ниво на секое човечко суштество на планетата. Ако јас можам да ги направам овие тврдења, тогаш исто така можат и сите други.

Секој пат кога умира правдата,тоа е како таа никогаш да не постоела.
Хозе Сарамаго

Прашање: Зошто е грешно да се прекрши нечие право на живот?
Зошто е грешно да им се одземе животот? Дали се ова исти прашања?

Клучни вредности

Гледам на смртната казна како дивјачка и неморална институција која ги поткопува моралните и правните основи на едно општество. Убеден сум... дека дивјаштвото создава само дивјаштво.
Андреј Сахаров

Две од клучните вредности кои лежат во сржта на идејата за човекови права се човечкото достоинство и еднаквоста.Човековите права можат да се разберат како дефинирање на тие основни стандарди кои се неопходни за достоинствен живот; и нивната универзалност е изведена од фактот дека во овој поглед, барем, сите луѓе се еднакви. Ние не треба, и не можеме да правиме разлика помеѓу нив.
Овие две верувања, или вредности, се навистина сè што е потребно за да се прифати идејата за човековите права, и овие верувања се тешко деливи. Затоа човековите права добиваат поддршка од секоја култура во светот, секоја цивилизирана влада и секоја голема религија. Се признава речиси универзално дека државната власт не може да биде неограничена или произволна; треба да се ограничи барем до степен до кој сите поединци во нејзината јурисдикција можат да живеат со одредени минимални барања за човечко достоинство.

Многу други вредности можат да се извлечат од овие две основни вредности и да помагнат попрецизно да се дефинира како во пракса треба да ко-егзистираат луѓето и општествата. На пример:
Слобода: бидејќи човечката волја е важен дел од човечкото достоинство. Да се присили да се направи нешто против наша волја ќе го понижи човечкиот дух
Почитување на другите: бидејќи недостатокот на почит кон некој друг не успева да ја цени нивната индивидуалност и суштинско достоинство.
Не-дискриминација: бидејќи еднаквоста во човечкото достоинство значи дека не треба да ги просудуваме човековите права и можности врз основа на нивните карактеристики.
Толеранција: бидејќи нетолеранцијата укажува на недостаток на почит кон различното; и еднаквост не значи униформност.
Правда:  бидејќи луѓето еднакви во својата човечност заслужуваат фер третман
Одговорност: бидејќи почитувањето на правата на другите подразбира одговорност за нечии активности и внесување на напори за остварување на правата на еден и на сите.

Карактеристики на човековите права

["Исто како што болката не е прифатлива за вас, така е и со другите. Знаејќи го овој принцип на еднаквост, третирајте ги другите со почит и сочувство."
Suman Suttam]

Филозофите можат да продолжат да се расправаат за природата на човековите права, но меѓународната заедница ја започна својата неверојатна заложба за човековите права со усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права во 1948 година. Оттогаш, меѓународната заедница има воспоставено моќни концепти на УДЧП во бројни меѓународни, регионални и домашни правни инструменти. УДЧП не беше наменета да биде правно обврзувачка, но воспоставување на нејзините норми во многу последователни обврзувачки договори (инаку познати како „конвенции“ или „договори“) денес ги прават несомнени правните стојалишта на нејзините норми. Според овие принципи:

Човековите права се неотуѓиви. Ова значи дека не можете да ги изгубите, бидејќи тие се поврзани со самиот факт на човековото постоење, тие се својствени за сите човечки суштества. Во одредени околности некои - иако не сите - можат да бидат суспендирани или ограничени. На пример, ако некој прогласен за виновен за кривично дело, неговата или нејзината слобода може да биде одземена; или за време на национална вонредна состојба, владата може јавно да објави, а потоа да одземе некои права, на пример, со воведување на полициски час ја ограничува слободата на движење. 

Човековите права се неделиви, меѓусебно зависни и меѓусебно поврзани. Ова значи дека различни човекови права се меѓусебно поврзани и не можат да се гледат изолирано едни од други. Уживањето на едно право зависи од уживањето на многу други права и ниту едно право не е поважно од останатите.

Човековите права се универзални..
Што значи дека тие се применуваат подеднакво за сите луѓе насекаде во светот, и намаат временско ограничување. Секој поединец има право да ужива во неговите или нејзините човекови права без разлика на „раса“ или етничка припадност, боја, пол, сексуална ориентација, попреченост, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, раѓање или друг статус..

"Државниот суверенитет подразбира одговорност, а примарната одговорност за заштита на нејзините луѓе лежи во самата држава." Извештај на Интернационалата комисија за интервенција и државен суверенитет, 2001

Треба да се напомене дека универзалноста на човековите права во никој случај не е закана на богатата разновидност на поединци или на различни култури. Универзалноста не е синоним за униформност. Различноста бара свет во кој сите се еднакви, и подеднакво заслужуваат почит. Човековите права служат како минимални стандарди кои се однесуваат на сите човечки суштества; секоја држава и општество се слободни да ги дефинираат и применуваат стандардите повисоко и поспецифично. На пример, во областа на економските, социјалните и културните права ја наоѓаме обврската да преземеме чекори за постепено да се постигнува целосна реализација на овие права, но не постои одредена позиција за зголемување на даноците за да се овозможи тоа. Секоја земја и општество треба да донесат такви политики во согласност со сопствените прилики.

Историски преглед

Идејата дека луѓето имаат вродени права има свои корени во многу култури и традиции. Можеме да видиме од бројни примери на почитувани лидери и влијателни кодекси на однесување дека вредностите отелотворени во човековите права не се ниту „западно творештво“ ниту изум на 20 век. Тие се одговор на универзалните човекови потреби и потрагата по правда. Сите човечки општества имаа идеали и системи за обезбедување правда, или во нивните усни или писмени традиции, иако не ги преживеале сите овие традиции.

Античка историја

  • Кодексот на Хамураби во Вавилонија (Ирак, околу 2000 година п.н.е.) беше првиот пишан правен код, основан од вавилонскиот цар. Се вети да „владее правда во царството, да ги уништи злите и насилни, да ги спречи силните да ги угнетуваат слабите, ... да ја просветли земјата и да го промовира доброто на луѓето“.
  • Фараонот од древниот Египет (околу 2000 година п.н.е.), наводно, им дал инструкции на подредените дека „Кога петиторот ќе пристигне од Горен или Долен Египет, ...бидете сигурни дека сè е направено според законот, дека обичајот е почитуван и дека е почитувано правото на секој човек.“
  • Повелбата на Кир (Иран, 539 пр.н.е.) била изготвена од кралот на Персија за луѓето од неговото кралство и ги признава правата на слобода, безбедност, религиска толеранција, слобода на движење, слобода од ропство и некои социјални и економски права.
  • Учењата на Конфучие (околу 500 п.н.е.) го содржат концептот на рен или сочувство и сакање на другите како централна тема. Конфучие рекол : „Она што не го посакуваш за себе, не го прави на другите“. Д-р Пенг-Чун Чанг, кинески експерт за конфучионизмот, кој играше активна улога во изготвувањето на УДЧП, веруваше дека конфучионизмот ги постави темелите на идеите за човекови права.
  • Имамот Али Ибн Ал Хусеин го напишал Посланието за правата на почетокот на 8 век од н.е. Колку што е познато, ова писмо е првиот документ што ги поставува главните права како што биле перципирани во тоа време и првиот обид кој не му приоѓа на концептот на права во неговата негативна димензија. Посланието, методолошки ги навело 50 од овие права. Тие се, духовно, закотвени со раните исламски заповеди.
  • Повелбата на Манде (Charte du Mande) или Повелбата на Курукан Фуга (Charte de Kurukan Fuga) (околу 1236 од н.е),врз основа на кодификацијата на усните традиции од Западна Африка, ги поддржуваат принципите како децентрализација, зачувување на животната средина, човекови права и културна разновидност

„Човекот е човек преку другите луѓе.“ Дезмонд Туту

  • Африканскиот поглед на светот „убунту“ ја доловува суштината за тоа што значи да се биде човек. Убунту ја нагласува почитта кон сите членови на заедницата, гостопримството и великодушноста. Идејата на е сумирана во ова: „Едно лице е лице преку другите луѓе“. Оваа идеја има длабоки импликации за човековите права. Ако ние сме хумани преку другите, тогаш и дехуманизирањето на другите нè дехуманизира нас - оттука и потребата да се промовираат правата на другите, да се даде и да се добе прошка и да се почитуваат човековите права на другите.

Прашање: Кои личности (политички, литературни и религиозни) во историјата на вашата земја се залагале или се бореле за вредностите на човековите права?

13-ти до 18-ти век

"Во секоја фаза од историјата, гласот на протестите против угнетувањето биле слушнати; во секоја период , визиите на човечкото ослободување,исто така биле засенети . Како што се движевме кон модерните времиња, овие гласови и визии беа преведени во програми на социјална акција, и со време вградени во уставите на државите." Мишелин Р. Ишеј (Micheline R. Ishay)

"Слободата е моќта што ја имаме над самите себе" Хуиг де Грот

Еволуцијата на идејата за универзални човекови права потекнува од темелите на поимите за достоинство и почит во цивилизациите ширум светот низ вековите. Сепак, идејата требаше да се зацврсти во закон, и требаа многу генерации за да се развие. Ние често ја извлекуваме оваа решеност за озаконување на поимот на правото од одредени историски искуства. Овие секако не се исцрпни. Како што нашето знаење за историјата на другите култури расте, без сомнение ќе го откриеме историскиот импулс за озаконување на правата и во другите култури.

  •  Во 1215, англиските благородници и членовите на свештенството го натерале кралот на Англија да се согласи да се придржува кон законот со изготвување на Голема повелба за слободите (MagnaCarta). Магна карта главно ги заштитувала правата на привилегираните (благородници) и според тоа не е за човековите права како такви. Таа стана широко цитиран документ во одбрана на слободите, бидејќи таа претставува ограничување на моќта на кралот и признавањето на слободите и правата на другите луѓе.

Закон на правата е она на што луѓето имаат право наспроти секоја влада на земјата, општо или посебно, и она што ниту една влада не треба да го одбие."Томас Џеферсон, 1787

  • Во 1689 година, Англискиот парламент усвоил закон со кој се декларира дека повеќе нема да го толерира кралското мешање во неговите работи. Овој закон, познат како Закон на правата (Bill of Rights), му забрани на монархот да го суспендира законот без согласност на Парламентот, одреди слободни избори за избор на пратеници на Парламентот и прогласи дека слободата на говорот во Парламентот нема да се доведува во прашање во судовите или на друго место.
  • Хуиг де Грот (1583-1645) се смета дека го има измислено меѓународниот закон. Неговата книга ,,За законите на војната и мирот’’ предлага систем на општи принципи базирани на „природен закон“, за кој верувал дека треба да ги поврзе сите нации, без оглед на локалните закони или обичаи. Во текот на 17 и 18 век во Европа, голем број филозофи го развиле понатаму концептот на „природни права“.
  • Џон Лок (1689) ја разви теоријата дека секое човечко суштество има одредени права кои произлегуваат од неговата природа, а не од ниваната влада или нејзините закони. Легитимитетот на владата, всушност, се темели на почитувањето дека ги обезбеди овие природни права. Идејата дека овие природни права треба да им овозможат на луѓето право на одредени правни заштити, стана широко прифатена и почна да се рефлектира во уставите на некои земји. Човековите права ја преформулираа оваа идеја и исто така го потврдија истото за односот помеѓу владите и граѓаните.
  • Во 1776 година, повеќето британски колонии во Северна Америка ја прогласија својата независност од Британската империја во Декларацијата за независност на САД. Ова во голема мера се темели на теориите на „природното право“ на Лок и Монтескје. Врз основа на верувањето дека поседувањето моќ на владата и заштитата на слободата беа суштината, Декларацијата служеше за унапредување на идеите како што се: неотуѓиви права; заштита на индивидуалните права; слобода на говор, печат, петиција и собирање; приватност; соодветен судски процес; еднаквост пред законот и слобода на религијата.

Целта на секое политичко здружување е зачувување на природните и непропишани права на човекот. Овие правата се слобода, имот,безбедност и отпор против угнетување. Декларација за правата на човекот и граѓанинот, 1789. Франција

  • Во 1789 година, францускиот народ ја собори својата монархија и ја основа првата Француска Република. Француската декларација за правата на човекот и граѓанинот произлезе од револуцијата и беше напишана од претставници на свештенството, благородништвото и обичните луѓе, кои ја напишаа за да ги отелотворат мислите на просветителските личности како Волтер, Монтескје, Енциклопедистите и Русо. Декларацијата го нападна политичкиот и правниот систем на монархијата и ги дефинира природните права на човекот како „слобода, имот, безбедност и право да се спротивстави на угнетувањето“. Тоа го замени системот на аристократски привилегии, ко јпостоел за време на монархијата, со принципот на еднаквост пред законот. На нејзините термини за еднаквоста (егалитаризам) и теоретскиот концепт за еднакви права, сепак му требаше време за да се преведе во реалноста. Општеството беше длабоко нееднакво и имплементацијата траеше со генерации. 

Човечките суштества ... по природа сите се слободни, еднакви и независни,никој не може да биде ... подложен на политичката моќ на друг, без негова согласност.
Џон Лок

Рани меѓународни договори: ропство и работа

Во 19-тиот и 20-тиот век, голем број прашања за човекови права дојдоа до израз и почнаа да се решаваат на меѓународно ниво, почнувајќи од прашањата како - ропството, слугувањето, бруталните услови за работа и детскиот труд. Oтприлика во ова време беа усвоени првите меѓународни договори во врска со човековите права. Иако нудеа корисни заштити, основата на таквите договори беа меѓусебни заложби меѓу државите. Ова е во спротивност со современите договори за човекови права, каде обврските се должат директно на носителите на поединечни права.

  • Ропството станало незаконско во Англија и Франција во деветнаесеттиот век. На Бриселска конференција од 1890 година, потпишан е Законот против ропството, кој подоцна беше ратификуван од осумнаесет држави. Ова ја објави намерата да се стави крај на трговијата на африкански робови.

Подобро да си слободен и гладен отколку да си дебел роб.
Езоп

  • Меѓутоа, ова не одговори на принудната работа и постоечките брутални услови за работа. Дури и Меѓународната конвенција за ропство од 1926 година, која има за цел да го укине ропството во сите негови форми, не влијаеше на вообичаената практика на присилна работа сè додека длабоко не се навлезе во 1940-тите.
  • Создавањето на Меѓународната организација на трудот (МОТ) (International Labour Organization (ILO) во 1919 година го изрази верувањето дека универзален и траен мир може да се постигне само ако се заснова на социјална правда. МОТ има развиено систем на меѓународни стандарди за труд за почитување на пристојна и продуктивна работа, слобода, еднаквост, безбедност и достоинство.
  • Една од областите на работа за МОТ е нејзината акција за борба против детскиот труд, особено во најлошите форми. Таа се стреми кон бројни активности во оваа област до ден-денес, вклучувајќи ја и промоцијата на меѓународните договори за детски труд, како што е Конвенцијата на МОТ № 182 за најлошите форми на детски труд и Конвенција на МОТ бр. 138 за минималната возраст за вработување.
  • Во периодот меѓу 1899 и 1977 година беа усвоени голем број на големи договори во областа на меѓународното хуманитарно право, што означуваше ново поле за рана соработка меѓу нациите. Меѓународното хуманитарно право го регулира однесувањето во вооружен конфликт. Се разбира, човековите права можат да се применуваат заедно со меѓународното хуманитарно право во многу области, на пример, во однос на третманот на затворениците. Меѓутоа, меѓународното хуманитарно право е поспецијализирано и подетално за многу други проблеми во време на конфликт, на пример во однос на дозволената употреба на оружје и воени тактики..  

Прашање: Зошто сметате дека се појави потребата за меѓународни договори, наместо едноставно поединечно секоја земји да изготват свои стандарди?

20 век  

Војните ќе продолжат да се водат толку долго сè додека човештвото не забележи дека човековата природа е идентична, без разлика на кое место од земјата се наоѓаме.
Пјер Дако

Идејата за заштита на правата на човекот со закон против злоупотребата на власта на владите почна да добива сè пошироко прифаќање во 20 век, особено со доаѓањето на Лигата на народите и Меѓународната организација на трудот и на нивната работа на правата на малцинствата, на трудот и други прашања. Важноста на кодифицирање на овие права во писмена форма веќе беше признато од државите, и на овој начин, документите опишани погоре станаа рани претходници на многу од денешните договори за човекови права. Сепак, настаните од Втората светска војна навистина ги промовираа човековите права на меѓународната сцена. Ужасните злосторства извршени во оваа војна - вклучувајќи го и холокаустот и масовните воени злосторства –предизвика неоходна потреба за појава на друго тело на меѓународното право и, пред сè, создавање на човековите права како што ги знаеме денес. 
Повелбата на Обединетите нации, потпишана на 26 јуни 1945 година, наведува дека основната цел на Обединетите нации е „да се спасат следните генерации од злото на војната“ и „да ја реафирмираат вербата во основните човекови права, во достоинството и вредноста на човечката личност и во рамноправноста на правата на мажите и жените“.Универзалната декларација за човекови права (УДЧП) беше изготвена од Комисијата за човекови права на ООН, еден од органите на Обединетите нации и беше усвоена од страна на Генералното собрание на 10 декември 1948 година. УДЧП несомнено важна и продолжува да служи како најважен глобален инструмент за човекови права. Иако не е поставена како правно обврзувачка, УДЧП служи како инспирација за бројните заложби за човекови права, без разлика дали на национално, регионално или меѓународно ниво. Оттогаш, исто така низа на клучни инструмени за заштита на неговите принципи беа подготвени и прифатени од страна на меѓународната заедница. Повеќе информациите за некои од овие меѓународни договори можат да се најдат подолу во ова поглавје.

Човековите права ширум светот

По усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права, неколку региони од светот имаат воспоставено сопствени системи за заштита на човековите права, што постојат заедно со онаа на ООН. Денес постојат регионални институции за човекови права во Европа, Америка и Африка. Некои чекори, исто така, се во тек во арапскиот свет и регионот АСЕАН (Асоцијација на народи од Југоисточна Азија) кон институционализирање на регионалните стандарди за човекови права. Сепак, повеќето земји во овој дел од светот, исто така, ги ратификуваа главните спогодби и конвенции на ООН - на тој начин означувајќи ја нивната согласност со општите принципи и доброволно да се обврзат со меѓународното право за човекови права.

Во Европа, стандардите и механизмите за човекови права се поддржани од страна на Советот на Европа, чуварот на човекови права на континентот. Неговата улога, особено преку Европската конвенција и Европскиот суд за човекови права, ќе биде дополнително објаснето подолу.

Европската Унија

Заложбата на Европската Унија за заштита на човековите права доби поддршка со усвојувањето на Лисабонскиот договор, кој стапи на сила на 1 декември 2009 година, давајќи целосен правен ефект на Повелбата за фундаментални права на Европската Унија. Содржејќи граѓански, политички, социјални и економски права, Повелбата бара од двете - и земјите-членки и самата Европска Унија да ги поддржат овие права. Судот на правдата на Европската Унија ќе отфрли закон на ЕУ што е во спротивност со Повелбата ќе ја разгледа усогласеноста со ЕУ законите на земјите-членки, иако за секојдневното спроведувањето ќе одлучуваат домашните судови. Повелбата ги истакнува правата според шест „наслови“ или поглавја: достоинство, слобода, еднаквост, солидарност, граѓанските права и правда. Насловот „достоинство“ го гарантира правото на живот и забранува тортура, ропство и смртна казна; „слобода“ ги вклучува правата на приватност, брак, мисла, изразување, здружување, образование, работа, имот и азил; „еднаквост“ ги опфаќа правата на децата и постарите лица; „солидарност“ ги штити социјалните и работните права, правото на фер услови за работа, заштита од неоправдано отпуштање и пристап до здравствена заштита; „граѓанските права“ го вклучуваат правото на глас и слободно движење, а „правдата“ ги покрива правата како што е правото на ефикасен лек, правично судење и презумпција на невиност.
Агенцијата за фундаментални права (АФП) е експертско тело кое собира докази за состојбата со фундаменталните права во Европската Унија и обезбедува совети и информации за тоа како да се подобри ситуацијата. Не игра улога на мониторинг, туку соработува со релевантните институции во советувањето за подобро уживање на основните права..

Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) обединува 57 држави од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Иако не е конкретно посветена на заштитата на човековите права, темелниот пристап кон безбедноста овозможува да се насочи на широк спектар прашања, вклучувајќи ги и човековите права, националните малцинства, демократизацијата, полициските стратегии, борбата против тероризмот и економските и еколошките активности. Активностите на ОБСЕ во областа на човековите права се спроведуваат преку Канцеларијата за демократски институции и човекови права со седиште во Варшава, ОДИХР е активна низ целиот регион на ОБСЕ во областите на набљудување на избори, демократски развој, човекови права, толеранција и недискриминација и владеење на правото. Нејзините активности се насочени кон младите вклучуваат едукација за човекови права, борба против антисемитизмот и исламофобијата.

Организација на Американски држави

Во Интер-Американскиот регион стандардите и механизмите за човекови права произлегуваат од Американската декларација за правата и должностите на човекот од 1948 година и Американската конвенција за човекови права од 1969 година. Усвоени се и посебни инструменти за бегалци, спречување и казнување на тортура, укинување на смртнат аказна, исчезнувања, насилство врз жените, животна средина и други работи.

Африканска Унија

Африканската Повелба за човекови и народни права стапи во сила во октомври 1986 година и до 2007 година таа беше ратификувана од 54 држави. Повелбата е интересна поради голем број на разлики во нагласувањето помеѓу договорите што се усвоени во други делови од светот:

Секој има обврски кон заедницата во која само така е можен слободен и целосен развој на неговата личност."Универзална декларација за човекови права

  • За разлика од европските или американските конвенции, Африканската повелба ги опфаќа социјалните, економските и културните права, како и граѓанските и политичките права во истиот договор.
  • Африканската повелба ги надминува индивидуалните права, а исто така обезбедува колективни права на народите.
  • Повелбата, исто така, препознава дека поединците имаат должности, како и права, и наведува специфични должности кои поединецот ги има кон неговото или нејзиното семејство, општеството, државата и меѓународната заедница.

Прашање: Зошто мислите дека се наведени должностите во Повелбата за човекови права?Дали мислите дека тие треба да бидат наведени во сите документи за човекови права?

Арапска повелба за човекови права

Регионалната Арапска комисија за човекови права е во функција од 1968 година, но само со многу селективни и ограничени овластувања во врска со промоцијата на човековите права. Ревидираната Арапската повелба за човекови права беше усвоена од Арапската Лига на држави во 2004 и стапи на сила во 2008 .

Овој документ ги вклучува социјално-економските права, како и граѓанско- политичките права и исто така, се повикува на „заедничката цивилизација“ што ја делат арапските држави. Стапувањето во сила на Повелбата и нејзините механизми за мониторинг - Комитетот на Арапската комисија за човекови права и Арапската подкомисија за човекови права - беа поздравени како знаци на надеж за унапредување на човековите права во регионот. Сепак, тие исто така, се најдоа под тешки критики, на пример, поради недостиг на забрана за сурово казнување, за гарантирање на економски и социјални права само за државјаните, за правење на некои права во зависност од исламскиот Шеријат, за дозвола да се наметнување на смртната казна врз деца ако националниот закон го предвидува ова, а исто така и за дозволување на ограничувањата на слободата на мислата, совеста и религијата ако тоа е предвидено со закон. 

Здружение на нации од Југоисточна Азија (АСЕАН)

Meѓувладината комисија за човекови права (AICHR) беше формирана во 2009 година, како консултативно тело на Здружението на нации од Југоисточна Азија (АСЕАН). Оваа комисија за човекови права постои за да ги промовира и заштитува човековите права и да воспоставува регионална соработка во полето на човековите права во десетте држави-членки на АСЕАН. Описот на работата на оваа комисија e обврзаност за почитување на меѓународните принципи за човекови права, вклучително и универзалност, неделивост, меѓузависност и меѓусебна поврзаност на сите човекови праваи основни слободи, како и непристрасност, објективност, неселективност, недискриминација и избегнување на двојни стандарди и политизација. 

Како можеме да ги искористиме нашите права?

Човековите права постојат за сите нас. Па, како можеме да ги користиме? Јасно е дека самото нивно постоење не е доволно за да се стави крај на кршењата на човековите права, бидејќи сите ние знеме дека тие се кршат секој ден, во секој дел од светот. Значи, дали навистина тие можат да направат разлика? Како можеме да ги искористиме?

Прашање: Дали знаете што да направите ако вашите човекови права се прекршени?

Препознавање на вашите права

Вредностите се невидливи како ветрот. Од трепкањето на лисјата знаете дека има ветер. Така ги сфаќате и вредностите преку активностите на луѓето.
Ева Анксл (Éva Ancsel)

Во следниот дел ги разгледуваме различните видови на права кои се заштитени со меѓународни закони. Ако знаеме кои области на човековото постоење се релевантни за законот за човекови права и сме свесни за обврските на владите од овој закон, тогаш можеме да почнеме да применуваме притисок на различни начини. Овој дел илустрира дека речиси секоја област на неправда е релевантна за човековите права: од ниската скала за сиромаштија, преку еколошка штета, здравје, услови за работа, политичка репресија, права на глас, генетски инженеринг, малцински прашања, конфликт, геноцид ... и пошироко. И бројот на проблеми се зголемува дури и денес.
Некои од прашањата што се однесуваат на примената на законодавството за човекови права се адресирани директно во делот „Прашања и одговори“. Тие даваат кратки одговори на некои од прашања кои често се поставуваат за човековите права.
Ако сте загрижени за да дознаете како одредено прашање - на пример, правото на здравје, образование или фер работни услови - може да биде подобро заштитено, ќе ви биде корисно да го разгледате контекстот на информации  релевантни за ова прашање.

Користење правни механизми

Ќе ги разгледаме правните механизми кои постојат за заштита на различни области на интересите на луѓето. Во Европа - но и во Африка и Америка, постои суд кој се занимава со поплаки за прекршувања - Европскиот суд за човекови права. Дури и таму каде што жалбите не спаѓаат под јурисдикција на Европскиот суд, ние ќе го направиме тоа за да видиме дека постојат други механизми за да ги држат држави одговорни за нивните постапкии ги принудуваат ги да ги исполнат своите обврски според законот за човекови права. Постоењето на законот помага, дури и ако не постојат секогаш законски средства за спроведување на усогласеност од страна на државите.

Лобирање, кампања и активизам

Една важна улога во вршењето на притисок врз државите играат здруженијата, невладините организации, добротворните организации и други групи на граѓански иницијативи. Ова ја формира содржината на делот за активизам и улогата на невладините организации. Улогата на ваквите здруженија е особено релевантна за просечниот маж и жена на улица, и не само затоа што ваквите здруженија честопати земаат поединечни случаи, туку и затоа што тие обезбедуваат средство за обичниот човек да се вклучи во заштитата на човековите права на другите. Впрочем, ваквите здруженија се составени од обични луѓе! Ќе погледнеме како тие дејствуваат за да ги подобрат човековите права и исто така ќе погледнеме некои примери за успешна акција.

Прашање: Дали некогаш сте биле вклучени во кампања или активизам за човекови права?

Вклучeте се

Во остварувањето на нивните права и слободи, секој ќе биде предмет на ограничување само до таа мера која е утврдени со закон само поради обезбедување на должно признавање и почитување на правата и слободите на другите и на исполнување на праведни барања на моралот, јавниот ред и општа благосостојба во демократско општество. УДЧП, член 29 (2)

Поглавје 3, Преземање акција, ги донесува овие видови на акции до секојдневно ниво и нуди голем број примери за акција во која би можеле да се вклучите. Младинските групи имаат огромен потенцијал да извршат притисок врз државите или меѓународните тела и да осигураат дека случаите на кршење на човековите права се спречени или станале видливи за очите на јавноста. Примерите во овој дел треба да ви обезбедат конкретни мерки што би можеле да се преземат од вашата или другите групи и исто така да дадат поголем увид во начинот на кој работат невладините организации на секојдневно ниво.

Дилеми за човековите права

Остварувањето на правата значи соочување со голем број пречки. Прво, некои влади, политички партии или кандидати, социјални и економски актери и актери на граѓанското општество го користат јазикот на човековите права без посветеност на целите на човековите права. На моменти ова може да се должи на штурото разбирање на она на што повикуваат стандардите за човекови права. Понатаму, ова се должи на намерна злоупотреба, на желбата грешно да се претстават себеси како почитувачи на човековите права со цел да изгледаат добро во очите на светот. Второ, владите, политичките партии или кандидатите или актерите на граѓанското општество можат да го критикуваат прекршувањето на човековите правата од страна на другите, но самите тие не ги почитуваат стандардите за човековите права. Ова често е критикувано како двоен стандард. Трето, може да има случаи кога човековите права се ограничени во име на заштита на правата на другите. Ова, се разбира, би можело да биде легитимно. Човековите права не се безгранични, и спроведувањето на вашите права не треба да им наштети за уживањето на правата на другите. Сепак, ние треба да бидеме будни, за да „заштитата на човековите права на другите“ не е само празен изговор за наметнување ограничувања. Активно граѓанско општество и независно судство е важно во следењето на ваквите случаи.Четврто, постојат случаи кога заштитата на правата на една група луѓе може, само по себе, да вклучува ограничување на правата на другите. Ова треба да се разликува од претходниот случај на ограничување на правата. Не е секогаш лесно да се проценат таквите случаи.  

Конфликти на правата

Сепак, правата исто така можат да се спротивстават. „Конфликти на права“ се однесува на судири кои можат да се појават меѓу различните човекови права или помеѓу истите човекови права за различни лица. Еден пример може да биде кога има двајца пациенти кои имаат потреба од ново срце со цел да преживеат; сепак, постои само едно достапно срце за трансплантација. Во овој случај, правото на еден пациент на живот е во конфликт со истото човечко право на друг пациент. Друг пример се јавува во случај на еутаназија, кога правото на живот на некој може да биде во судир со неговото/нејзиното право да умре или на правото да биде ослободен од деградирачки третман. На овој начин, различни човекови права се во конфликт кај едно лице. Трет случај се однесува на ситуации кога различните човекови права на различни луѓе се во конфликт. Еден пример за ова е отсликан во случајот кој е доведен до Комитетот на ОН за елиминација за расна дискриминација, во еврејската заедница во Осло et.al. против Норвешка. Во 2000 година, групата позната како „Деца во чизми“ (Bootboys) маршираше во чест на нацистичкиот водач Рудолф Хес. Учесниците носеле „полу-воени“ униформи и лидерот на маршот г-дин Тери Сјоли имал антисемитски говор по што толпата го повторувала и правела нацистичкиот поздрав и извикувала: „Зиг Хајл“. Судирот во овој случај беше помеѓу правото на г-дин Сјолина слобода на изразување и правото на еврејската заедница да не биде дискриминирана. Комитетот на ОН сметаше дека изјавите на г-дин Сјоли содржат идеи на расна супериорност и омраза, и затоа овој вид на исклучително навредлив говор не е заштитен со правото на слобода на изразување.

Културни традиции

Станува сè појасно дека женското генитално осакатување, злосторства на чест, присилни бракови и другите практики нема да бидат искоренети додека жените не се сметаат за целосни и еднакви учесници во општествениот, економскиот, културниот и политичкитот животот на нивните заедници. Халима Ембарек Варзази1

Традиционалните културни практики ги одразуваат вредностите и верувањата што ги имаат членовите на една заедница за периоди кои често опфаќаат генерации. Секоја социјална групација во светот има специфични традиционални културни практики и верувања, од кои некои се корисни за сите членови, додека други се штетни за одредена група, како што се жените. Овие штетни традиционални практики вклучуваат следно: осакатување на женски гениталии (ЖГО); принудно хранење на жени; рано мажење; различните табуа или практики кои ги спречуваат жените да ја контролираат сопствена плодност; табуа за исхрана и традиционални практики на раѓање; преферирањето на синови и со тоа импликации за статусот на девојчето; женски инфантицид; рана бременост; и цена за купување (цена на мираз). И покрај нивната штетна природа и со тоа нивно кршење на меѓународните закони за човекови права, таквите практики постојат, и се доведуваат во прашање и добиваат аура на моралност во очите на оние што ги практикуваат.
Канцеларија на високиот комесар за човекови права на Обединетите нации

Штетни традиционални практики

Низа практики кои негативно влијаат врз здравјето на жените и децата, и ги кршат меѓународните стандарди за човекови права, често се нарекуваат „штетни традиционални практики“. Ова не значи дека сите традиционални практики се штетни и ги прекршуваат човековите правата, но кога ќе го направат тоа, треба да можеме да ги разгледаме и да се справиме со нив. 
Договорените бракови се вообичаена практика во многу култури, каде што младите жени - а исто така и мажи - се очекуваат и се должни да се омажат за некој кој е избран од нивното семејство, често на многу млада возраст (забележете дека договорениот брак не е ист како присилен брак). Треба ли да се забрани таквата практика со цел да се заштитат децата и правата на младите? Или тоа би било непочитување на културната традиција?  Други примери можат да се најдат во континуираната практика на осакатување на женските гениталии во многу земји. Илјадници луѓе страдаат од последиците од ваквите практики и повеќето луѓе сигурно ќе ги сметаат за сериозно кршење на правата. Дали осакатувањето на женските гениталии треба да се смета за културна специфичност која треба да се „толерира“ или кршење на човековото право на телесен интегритет и здравје?

"Додека важноста на националните и регионалните специфичности и различното историско, културно и религиозно потекло мора да се имаат на ум, должност на државите е, без оглед на нејзините политички, економски и културни системи, да ги промовира и да ги заштити сите човекови права и основни слободи". Виенската декларација(1993)

Заштитата на сите човекови права за сите одредува одбивање на штетните традиционални практики. На никој не може да им се одречат нивните човекови права и достоинство поради традиција и култура, не само затоа што традициите и културите не се напишани во камен: тие се менуваат и се развиваат; она што најчесто било точно пред дваесет години нема никаква смисла за денешната генерација. Штетните традиционални практики се исто така потсетник за тоа дека промовирањето на човековите права се потпира на образовни програми и напори. Многу штетните традиционални практики не можат да се надминат само со репресија и осуда: со цел да бидат ефективни тие бараат образование и ангажирање на сите засегнати страни. Дури и ако државите како потписнички на меѓународните договори за човекови права ја имаат крајната одговорност,честопати самите ативностите на поединците, поддржани од семејствата и заедниците, ги одржуваат овие практики. Промената на истите не може да се наложи „одозгора“, туку бара редовна едукативна работа со засегнатите семејства и заедници, тоа е единствен начин кој преку промовирање на човековите права може да се усогласи со она што може да биде перципирано како специфични културни права и практики.

Прашање: Дали културните практики треба да ја надминат универзалноста на човековите права?

Во име на добра причина

Меѓународната заедница понекогаш ги користи санкциите за да ги казни режимите за кои се смета дека систематски ги прекршуваат човековите права. Санкциите можат да ја забранат трговијата со земјата насилник, со цел да изврши притисок врз владата за да ги смени нејзините акции. Овие активности понекогаш се решаваат унилатерално од страна на една држава, а друг пат тие се усвоени од страна на Советот за безбедност на ООН. Некои земји биле целосно изолирана од страна на меѓународната заедница: Јужна Африка беше изолирана со години поради својот одвратен систем на апартхејд, а со децении беа наметнати санкции врз Ирак, Северна Кореја, Иран и други. Нема сомнение дека ефектите од таквите санкции можат да се почувствуваат од нормалните луѓе, но тие особено се чувствуваат од најранливите делови на општеството. Дали се ова прифатливи средства на меѓународната заедница да стави крај на кршењата на човековите права од страна на одредени држави?Во својот извештај „Одговорност за заштита“ Меѓународната комисија за интервенција и државен суверенитет повика на претпазливост и за акцентирање на превенцијата наместо реакција. Меѓутоа, кога меѓународната заедница треба да прибегне на „исклучителна и вонредна мерка“ на „воена интервенција со цел за заштита на луѓето“, тие инсистираат на прагот на големи загуби на живот или етничко чистење. Дури и тогаш, тие ги изјавуваат следниве „Предупредувачки принципи“:

  •  Вистинска цел: Примарната цел на интервенцијата, без оглед на другите мотиви што ги имаат државите кои интервенираат, мора да биде да се запре или да се спречи човечкото страдање. Вистинската цел е подобро обезбедена со мултилатерални операции, јасно поддржани со мислењето на регионот и засегнатите жртви.

Правдата е право на послабите.
Џозеф Џуберт

  • Последно средство: Воена интервенција може да се оправда само кога сите не-воени опција за превенција или мирно решавање на кризата се искористени, со разумна основа на верување дека послабите мерки нема да имаат успех.
  • Пропорционални средства: Скалата, времетраењето и интензитетот на планираната воена интервенцијата треба да биде минимално потребна за да се обезбеди дефинираната цел за заштита на човекот.
  • Разумни изгледи: мора да постојат разумни шанси за успех во запирање или спречување на страдањето кое ја оправдало интервенцијата, при што последиците од дејствувањето најверојатно нема да бидат полоши од последиците од неактивноста.

Со цел на ретроспективно разбирање, како мислите дека овие мерки на претпазливост се однесуваат, на пример, на одговорот на меѓународната заедница на масакрот во Сребреница во 1995 година, на бомбардирањето на НАТО во Косово во 1999 година или на интервенцијата во Авганистан во 2001 година? Можат ли овие активностите да се оправдаат во смисла на нивните крајни резултати иако предизвикаат голем број жртви?

Прашање: Дали одбраната на човековите права може да се искористи за да се оправда воена кампања?

Каде што населението трпи сериозна штета, како резултат на внатрешна војна, бунт, репресија или неуспех на државата, и државата што е во прашање не сака или не може да го запре или спречи тоа, принципот на неинтервенирање ја повикува меѓународната одговорност за да заштити."
Извештај на Интернационалата комисија за интервенција и државен суверенитет, 2001 година

Во април 2001 година, резолуција на Комисијата на Обединетите нации за човекови права ја отфрли идејата дека борбата против тероризмот може некогаш да го оправда жртвувањето на заштитата на човековите права. Резолуцијата 2001/24 ги осуди вооружените напади поврзани со конфликтот во Република Чеченија на Руската Федерација и прекршувањето на хуманитарното право извршено од чеченските борци, како и одредени методи што ги користеле руските федерални сили во Чеченија. Таа ја повика Руската Федерација да формира независна државна истражна комисија, во согласност со признати меѓународни стандарди, за да ги испитаат повредите.

Човекови права: Постојано се менуваат, постојано се развиваат

Прашањата покренати во претходниот дел, немаат сите прецизни одговори: тие остануваат предмет на жестока дебата, дури и денес. Таквите дебати, до одреден степен, се важни. Тие се индикација и на плуралистичкиот пристап кој е фундаментален на поимот човекови права и на фактот дека човековите права не се наука, не се фиксна „идеологија“, туку се област која се развива со морална и правна мисла. Не треба секогаш да очекуваме црни и бели одговори. Овие прашања се сложени и можат само да бидат соодветно избалансирани од случај до случај.
Сепак, тоа не значи дека нема одговори и нема области на согласност. Има многу, и тие се зголемуваат речиси секојдневно. Прашањето за ропството е она кое се дебатираше, и каде толеранцијата повеќе не се смета за прифатлива: правото на слобода од ропство сега е универзално прифатено како основно човеково право. Осакатувањето на женските гениталии, иако е брането во името на културата од страна на некои, е широко осудено како кршење на човековите права. И смртната казна е слично прашање - барем во Европа, каде што членовите на Советот на Европа или ја укинаа смртната казна или најавија мораториум на егзекуции. Всушност, укинување од смртната казна денес е предуслов за членство во Советот на Европа. Според Амнести Интернешнл, повеќе од две третини од земјите во светот ја укина смртната казна во закон или во пракса. Додека 58 земји ја задржа смртната казна во 2009 година, повеќето од нив не ја искористија.
Затоа треба да бидеме сигурни дека многу од овие прашања исто така ќе дојдат до нивно решавање. Во меѓувреме, ние можеме да помогнеме во дебатата и да направиме сопствени пресуди за повеќе контроверзни прашања со упатување на двете основни вредности: еднаквост и човеково достоинство. Ако некоја акција го третира било кој поединец со недостаток на човеково достоинство, тогаш го крши духот на човековите права.

Референци


1Специјален известувач на ООН за традиционалните практики кои влијаат на здравјето на жените и на девојчињата