Европската програма за едукација за човекови права за правни професионалци – ХЕЛП (European Programme for Human Rights Education for Legal Professionals - HELP) ги поддржува државите-членки на Советот на Европа (СЕ) во имплементацијата на Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) на национално ниво, во согласност со Препораката 2004 (4) на Комитетот на министри, Декларацијата од Интерлакен од 2010 година, Брајтонската декларација од 2012 година и Бриселската декларација од 2014 година.

Тоа се прави преку зајакнување на капацитетите на судиите, адвокатите и обвинителите во сите 47 држави-членки да ја применуваат ЕКЧП во нивната секојдневна работа. Навистина, правните професионалци, кои се на предната линија на заштитата на човековите права, вклучувајќи ги и правата на жртвите, мораат да имаат пристап до висококвалитетни обуки. Ова треба да обезбеди тие да се во тек со стандардите и судската пракса на Европскиот суд за човекови права, кои постојано еволуираат. ХЕЛП има точно за цел да обезбеди висококвалитетни и приспособени алатки за обука на сите европски правни професионалци.

Земјите од Европската Унија (ЕУ) ја користат програмата ХЕЛП во 28те, финансирана од ЕУ.

ХЕЛП е:

1. Мрежа на национални институции за обука на судии, обвинители и адвокати во 47-те држави-членки;

2. Платформа за е-учење за човекови права;

3. Методологија за обуки за човекови права.

 

Мрежата

 Мрежата ХЕЛП, единствената паневропска мрежа за обуки за човекови права, е составена од претставници на националните институции за обуки на судии и обвинители (НИО) и на адвокатските комори (АК) на 47те држави-членки на Советот на Европа.

На мрежата ХЕЛП ѝ е доверено спроведувањето на ставот 9.vi од Брајтонската декларација од 2012 година. Во оваа смисла, Мрежата:

  • промовира развој и унапредување на почетна и континуирана обука за правни професионалци за стандардите на ЕКЧП, како што се интепретирани низ судската пракса на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП);
  • споделува најдобри практики и обезбедува совети за наставните планови, материјалите за обука и методологијата за обука за правни професионалци, идентификувајќи приоритетни теми за идни активности за обука. Видете повеќе за Мрежата.

Платформа за е-учење

Широк спектар ресурси за обуки на тема на ЕКЧП, кои се развиени и собрани во рамките на Програмата ХЕЛП, се достапни онлајн и преведени на националните јазици на земјите-кориснички. За правните професионалци станува вистински предизвик да ја следат судската пракса на Судот во Стразбур, која еволуира брзо и широко. Програмата ХЕЛП е исто така платформа преку која тие ќе можат да се во чекор со најновите случувања во судската пракса на Стразбур, низ лесно достапни ажурирани информации.

Во рамките на ХЕЛП постојат два главни вида ресурси за обуки:

Курсеви за учење на далечина се достапни за определени групи правни професионалци кои учевствуваат во пилот-курсеви модерирани од сертифицирани национални тутори. Листата на достапни курсеви (која вклучува и опис на курсевите) е достапна во каталогот на курсеви.

Ресурси за самостојно учење се достапни за секој корисник кој ќе креира профил на платформата.

Тие вклучуваат упатства за обука за методологијата и клучните концепти на ЕКЧП, како и прирачници, стандардни наставни планови, нацрт-курсеви, презентации, студии на случај и курсеви за е-учење за различни членови и области од ЕКЧП.

Методологија за обуки

Методологијата на ХЕЛП го има предвид тешкиот временски притисок со кој се соочуваат правните професионалци во нивната секојдневна работа. Додадена вредност на Методологијата е тоа што наставните планови се создадени наменски, за да ги задоволат специфичните потреби за обука и динамиката на учење на учесниците, овозможувајќи флексибилност. Методологијата и ресурсите на ХЕЛП систематски се користат во сите активности на СЕ за градење на капацитети во врска со ЕКЧП организирани во државите-членки, вклучувајќи ги и тие организирани во рамките на Заедничките проекти на ЕУ и СЕ.

ХЕЛП организира обуки за обучувачи, со цел да го зголеми чувството на поседување од страна на националните институции за обуки.