Back Адресирање на предизвиците во врска со пристапот до правда за жртвите на кривични дела – Националното координативно тело за БПП се состана во Скопје

Адресирање на предизвиците во врска со пристапот до правда за жртвите на кривични дела – Националното координативно тело за БПП се состана во Скопје

Дванаесеттиот состанок на Националното координативно тело за спроведување на Законот за бесплатна правна помош во Северна Македонија се одржа во Скопје, со цел да се дискутираат важни предизвици во процесот на имплементацијата на Законот за бесплатна правна помош.

Организиран во рамките на континуираната поддршка којашто ја даваат ЕУ и Советот на Европа за подобрување на услугите за бесплатна правна помош за граѓаните во Северна Македонија, настанот собра на едно место околу 40 учесници од клучните институции (членови на ова тело) во системот на бесплатната правна помош, вклучувајќи ги Министерството за правда и неговите подрачни одделенија/канцеларии (ПО), Адвокатската комора, адвокати, граѓански здруженија и правни клиники  овластени за давање на бесплатна правна помош. На настанот исто така присуствуваа судии и претставници од УНХЦР.

Настанот беше отворен од Ирена Цуцулоска Јакимовска – виша раководителка на проектот во Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, Мухамед Точи – државен секретар во Министерството за правда, Џон Имс – судија во Обединетото Кралство и консултант на Советот на Европа и Гоце Коцевски – експерт на бесплатна правна помош во МЗМП и консултант на Советот на Европа.

На состанокот беше истакната важноста на Националното координативно тело како механизам за уникатна соработка и меѓу-институционална координација за обезбедување на подобрен пристап до правдата за граѓаните. Државниот секретар на Министерството за правда ги информираше присутните за отворањето на новата канцеларија за бесплатна правна помош во Шуто Оризари и ја истакна важноста на новините во Законот за матична евиденција.

За време на состанокот, учесниците имаа можност да дискутираат за предизвиците поврзани со трошоците за привремените застапници во постапките каде што една од страните е корисник на бесплатна правна помош, идентификувајќи ја потребата за законски измени особено во однос на Законот за бесплатна правна помош, а со цел да се решат проблемите кои произлегуваат во пракса.

Значаен дел од состанокот беше посветен на имплементацијата на член 49 од Законот за бесплатна правна помош кој се однесува на жртви на кривични дела и жртви на трговија со луѓе. Членовите на НКТ одлучија дека посебна обука е потребна на оваа тема, со цел да се овозможи усогласување на праксата при примената на оваа правна одредба од страна на давателите на бесплатна правна помош.

Проектот „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија“  е дел од програмата „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција III“, заедничка програма на Европската унија и Совет на Европа, имплементирана од Совет на Европа. Националното координативно тело за БПП ќе продолжи да биде поддржувано од овој проект со цел постигнување подобра координација и комуникација меѓу главните чинители во системот за бесплатна правна помош во иднина.

Скопје, Северна Македонија 26 јуни 2023
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page