Back Унапредување на слободата на изразување во Северна Македонија во согласност со европските вредности и стандарди: предизвици и достигнувања

Унапредување на слободата на изразување во Северна Македонија во согласност со европските вредности и стандарди: предизвици и достигнувања

Интервју со г-а Лејла Дервишагич, Раководителка на оперативно работење, Програмска канцеларија на Советот на Европа во Скопје

 

  1. Почитувана г-а Дервишагич. Ви благодариме за ова интервју.

На Вашата позиција како Раководителка на оперативно работење, на Програмска канцеларија на Советот на Европа во Скопје, можете ли накратко да ја споделите со нас главната активност на Советот на Европа во Северна Македонија и напорите да ѝ се помогне на земјата да ги примени европските вредности и стандардите на Советот на Европа во заштитата на основните човекови права?

Советот на Европа е водечка организација за човекови права на континентот. Се состои од 47 земји-членки. 47 влади ја потпишаа Европската конвенција за човекови права - договор дизајниран да ги заштити човековите права, демократијата и владеењето на правото – и се обврзаа да се придржуваат до одредени стандарди на однесување и да ги заштитат основните права и слободи на сите нас.

Северна Македонија стана 38-та земја-членка на Советот на Европа на 9 ноември 1995 година и е активно вклучена во сите аспекти на мисијата и работата на Советот на Европа. Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје е основана во 2012 година и покрива различни проекти за соработка.

Една од уникатните предности на Советот на Европа е стратешкиот триаголник на поставување стандарди, следење на обврските на земјите-членки во спроведувањето на стандардите и соодветните програми за соработка. Активностите за поддршка и соработка се основните алатки за промовирање на практичното спроведување на стандардите и механизмите на Советот на Европа во неговите земји-членки.

Работејќи во тесна соработка со националните власти, претставници/чки на граѓанското општество и други партнери, Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје моментално спроведува важни иницијативи под покровителство на заедничките програми на Европската Унија и Советот на Европа, со посебен фокус на реформа во правосудниот систем, борба против економскиот криминал, промовирање на антидискриминација и заштита на правата на ранливите групи како и подобрување на примената на европските стандарди во областа на слободата на изразување и слободата на медиумите.

Работиме и на вклучување на Ром(к)ите на локално ниво и на борба против сајбер криминалот.

 

  1. Дозволете ни да се фокусираме на полето на слободата на изразување и медиумите. Знаеме дека од 2019 година, Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје го спроведува проектот „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија“, како дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022“, можете ли да споделите со нас повеќе детали за самата оваа иницијатива? Зошто е таа важна и што значи за граѓан(к)ите на Северна Македонија?

Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022 е иницијатива за соработка на Европската Унија и Советот на Европа за регионот на Западен Балкан и Турција, која има за цел да им помогне на земјите да се усогласат со стандардите на Советот на Европа и правото на Европската Унија во рамките на процесот на проширување. Проектот за слобода на изразување и медиуми е дел од оваа програма и се надоврзува на резултатите од неговата прва фаза, која се спроведуваше од 2017 до 2019 година. Втората фаза на проектот, до 2022 година, ќе продолжи да работи со клучните чинител(к)и и клучните актер(к)и во насока на обезбедување европски стандарди во областа на слободата на изразување и медиумите.

Проектот е составен од три главни компоненти: (1) градење на капацитетите на правните професионалци/ки (суди(јк)и, обвинител(к)и и адвокат(к)и), имајќи значајна соработка со Академијата за судии и јавни обвинители и Адвокатската комора на Северна Македонија; (2) поддршка на регулаторното тело за медиуми, поточно на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на Северна Македонија, за усогласување на прописите со европските стандарди; (3) работата со граѓанските организации и универзитетите каде што може да се нагласи блиската соработка со Здружението на овинари на Македонија. Во оваа рамка потпишавме и Меморандум за разбирање со Правниот факултет „Јустинијан Први“ за спроведување на повеќе активности на полето на унапредување на слободата на изразување кои се насочени кон универзитетските професор(к)и и студент(к)и.

Следствено, работиме на сите нивоа и вклучуваме различни актер(к)и и засегнати страни за да обезбедиме структуриран пристап кон подобра заштита на слободата на изразување и слободата на медиумите во Северна Македонија, како што е наведено во членот 10 од Европската конвенција за човекови права и неговата судска пракса.

 

  1. Слободата на изразување добива особено значење во време на криза. Пандемијата со КОВИД-19 што ја доживеавме имаше директно влијание врз нашите основни права, а особено врз слободата на изразување, нагласувајќи ги потенцијалните предизвици и ограничувања за уживање на таквото право. На кој начин проектот „Слобода на изразување и слобода на медиуми“ се осврна на оваа состојба?

Оваа здравствена криза ги стави на тест сите човекови права, вклучително и правото на слобода на изразување. Советот на Европа како организација за човекови права вклучува многу правни инструменти, препораки и насоки применливи за санитарните кризи, кои нашироко ги промовираме преку нашиот проект. Во овој контекст, телата на Советот на Европа објавија важни документи за земјите-членки за нивната улога да обезбедат подобра заштита на човековите права за време на кризата. Тие беа преведени и достапни и за локалните актери и публика во Северна Македонија, како што се Насоките на Комитетот на Министри на Советот на Европа за слободата на изразување во време на кризи, SG/Inf(2020)19 Влијанието на санитарната криза врз слободата на изразување и слободата на медиумите, SG/Inf(2020)11, Почитување на демократијата, владеењето на правото и човековите права во рамки на санитарната криза поврзана со КОВИД-19 Збирка на алатки за земјите - членки издадена од Генералната Секретарка на 7 април 2020 година.

Важно е да се спомене дека и покрај ограничувањата и предизвиците предизвикани од пандемијата, нашата работа продолжи со спроведување на клучни онлајн активности и хибридни настани, обезбедувајќи континуитет на нашата помош за локалните актер(к)и и клучните корисници/чки во напорите за унапредување на слободата на изразување и медиумите во Северна Македонија.

 

  1. Кои се некои клучни интервенции и достигнувања во вашиот проект, но и предизвици со кои сте се соочиле?

Како што споменавме, важна компонента на нашето дејствување е градењето на капацитетите на клучните актер(к)и во областа на слободата на изразување. Така што, успешно реализиравме различни програми „Обуки на обучувач(к)и“ на клучни теми поврзани со слободата на изразување и слободата на медиумите. Како резултат на тоа, сега го проширивме бројот на локални тренер(к)и кои се вешти да спроведуваат каскадни обуки со професионалци/ки од областа. Во оваа рамка, ние им помагаме во понатамошното градење на капацитетите на националните правни професионалци/ки за да се обезбеди подобро разбирање и заштита на слободата на изразување во врска со клучните теми, вклучително и медиумите и изборите, достапноста на медиумите за лицата со сензорна попреченост, следењето и известување за родово-засновано насилство во медиумите итн.

Нашата тесна соработка со Здружението на новинари на Македонија резултираше со серија вебинари кои се однесуваат на важни теми за Северна Македонија, како што се клевета и навреда, безбедноста на новинар(к)ите и соработката меѓу новинар(к)ите и пратениците/чките. Покрај учеството на новинар(к)ите, на овие вебинари присуствуваа и клучни носители на одлуки, високи функционер(к)и меѓу кои и Министерката а подоцна и новиот Министер за правда, Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, државни советници/чки од Владата итн. Како резултат на овие настани, релевантни измени на законската рамка поврзани со безбедноста на новинарите беа подготвени и чекаат да бидат усвоени.

Во моментов тесно соработуваме со јавните власти за да ги поддржиме нивните напори за усогласување на националното законодавство со новата Директива на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги.

 

  1. Да зборуваме малку подетално за активноста на суди(јк)ите, јавните обвинител(к)и и адвокат(к)ите во контекст на слободата на изразување. Тие имаат важна улога во обезбедувањето на слободата на медиумите, медиумската регулација и саморегулација, заштита на новинар(к)ите, заштита на укажувач(к)ите, говор на омраза итн. Како придонесува проектот?

Слободата на изразување и слободата на медиумите е многу динамично поле, средствата за комуникација се развиваат и се менуваат многу брзо, секогаш има нешто ново за истражување и учење. Судската пракса на Европскиот суд за човекови права поврзана со членот 10 (слобода на изразување) од Европската конвенција за човекови права - основата на нашата работа - исто така се развива. Така, имајќи ги предвид сите причини, постојано има потреба од дополнителни обуки на правници/чки.

Во нашата активност со правни професионалци/ки кои ги поздравија нашите работилници, се фокусираме на конкретни теми од интерес како што се клевета и навреда, говор на омраза, заштита на новинар(к)и и заштита на укажувач(к)и, ограничувања на слободата на изразување, слобода на изразување и интернет и така натаму.

 

  1. Како би ја оцениле соработката со јавните актер(к)и и другите партнери? Можете ли да споделите со нас некои клучни приоритети за во иднина?

Нашата работа со нашите клучни корисници/чки и главни партнери е прилагодена да обезбеди сопственост и одржливост, како и да обезбеди иден континуитет врз основа на најдобрите европски практики.

Во овој контекст, нашиот проект ќе продолжи да обезбедува градење на капацитети на правните професионалци/ки во областа на слободата на изразување, притоа планирајќи да изработи клучни студии и семинари во соработка со Здружението на новинари на Македонија, да вклучи студент(к)и и новинар(к)и.

Скопје, Северна Македонија 28 декември 2021
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page