Back Унапредување на инклузивно и демократско училишно учење

Унапредување на инклузивно и демократско училишно учење

На неодамнешниот консултантски состанок во Скопје, одржан од 19 до 21 септември 2023 година, се состанаа локални и меѓународни консултанти и професионалци од областа на образованието, со цел да разговараат за критичните прашања и планираните активности за проектот „Квалитетно образование за сите – Северна Македонија“.

Состанокот послужи како платформа за водење дискусии за клучните образовни прашања. Учесниците едногласно ја препознаа важноста на практичната имплементација и заедничките напори меѓу засегнатите страни за да се поттикнат суштински промени во образовниот сектор.

Клучните резултати кои произлегоа од состанокот, првенствено се фокусираа на претстојната пилот фаза од проектот. Дваесет и пет пилот училишта ќе го предводат патот кон подобрување на нивните инклузивни и демократски средини за учење.

Секое пилот училиште ќе помине низ сеопфатна програма за обука и менторство, поддржана од локални консултанти. Главните тимови ќе вклучуваат директор на училиште, двајца наставници и професионалец како психолог, педагог или социјален педагог. Секое училиште ќе вклучи и двајца ученици, еден родител, двајца дополнителни наставници и еден член на заедницата, формирајќи тим од десет поединци.

Локалните консултанти ќе имаат клучна улога во оваа активност, обезбедувајќи насоки во текот на програмата, која ќе трае од октомври 2023 до јуни 2025 година. Целта е да се поттикне и унифициран пристап преку споделување на материјали за обука меѓу учесниците, обезбедувајќи кохезивна перспектива за време на ангажманот на локалните консултанти со пилот училиштата. Училиштата ќе бидат организирани во четири кластери, секој составен од шест или седум училишта за да се зајакне координацијата и да се олесни споделувањето на добри практики.

Училиштата ќе соработуваат со граѓанските организации и другите засегнати страни во заедницата за да го имплементираат моделот на демократско управување со училиштата. Основната активност ќе биде градењето на капацитети, која вклучува обука, менторство и размена на добри образовни практики за наставниците за образованието за демократско граѓанство, компетенции за демократска култура и целосниот училишен пристап.

Посветеноста на Советот на Европа во полето на образованието за демократско граѓанство и образование за човекови права беше видно истакната во текот на состанокот. Водечкиот проект на Советот, Референтната рамка за компетенции за демократска култура (РФЦДЦ), се истакна како клучна алатка за подготовка на младите со компетенциите потребни за застапување на човековите права, демократијата и владеењето на правото. Исто така, рамката се фокусира на поттикнување активно учество во демократските култури и промовирање на мирен соживот во мултикултурните општества.

Проектот „Квалитетно образование за сите - Северна Македонија“ e имплементиран од страна на Советот на Европа, а финансиран од Германија. Се спроведува во соработка со Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија од декември 2022 до ноември 2025 година.


 


 


 


 

Скопје, Северна Македонија 26 септември 2023
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page