На почетокот на јуни 2024 година, делегација од 21 образовни професионалци од Република Северна Македонија отпатува во студиска посета на Република Хрватска. Оваа иницијатива беше организирана од проектот на Советот на Европа „Квалитетно образование за сите“ – Северна Македонија, финансиран од Германија, а во соработка со Мрежата на центри за образовни политики.
Делегацијата беше составена од претставници од Министерството за образование и наука, Министерството за правда, владини претставници, Народниот правобранител, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и претставници на локалната самоуправа од Битола и Штип. Учествуваа и директори и наставници од училиштата во Битола и Штип, мотивирани да научат од хрватските стратегии за инклузивно образование, особено во поглед на резултатот од пресудата на Европскиот суд за човекови права во Оршуш и други против Хрватска, која споделува многу слични карактеристики со случајот Елмазова и други против Северна Македонија, учејќи за ефективни стратегии и иницијативи спроведени за да се спротивстават на сегрегацијата и да се промовира еднаквоста во образованието.
За време на нивната посета, делегацијата се сретна со претставници од Министерството за наука и образование на Република Хрватска, каде што им беше претставена детална презентација за образованието на Ромите во Хрватска, истакнувајќи ги стратегиите и политиките што се спроведуваат за поттикнување на инклузијата и за борба против сегрегацијата. Тие, исто така, имаа сесија со Канцеларијата за човекови права и права на националните малцинства за да разговараат за Националниот план за вклучување на Ромите во Хрватска, добивајќи вредни увиди во владините мерки за надминување на образовните разлики и промовирање на инклузијата.
Значаен дел од посетата беше и средбата на делегацијата со Канцеларијата на Народниот правобранител за деца. Оваа сесија даде можност да се истражи заштитата и унапредувањето на правата на децата во образовната рамка како и да се разбере улогата на Народниот правобранител во справувањето со образовните нееднаквости и застапувањето за инклузивни образовни политики.
Делегацијата го посети и округот Меѓумурије, познат по своите напори за намалување на образовните нееднаквости. Учесниците ги посетија локалните основни училишта и ги набљудуваа иницијативите на локалната заедница дизајнирани за поддршка на инклузивно образование. Делегацијата посети и ромска населба за да ги увиди заедничките напори на локалната заедница за интегрирање на учениците Роми во образовниот систем. Овие искуства обезбедија подлабоко разбирање на практичните предизвици и успеси во промовирањето на инклузивното образование.
Учесниците, исто така, имаа дел за рефлексија за нивните посети на училиштата и присуствуваа на сесија за следење на мониторингот на Националната стратегија за вклучување на Ромите во Хрватска, добивајќи увид во механизмите за следење и оценување на напредокот. Посетата заврши со дискусии за Ромската мрежа за рани години (REYN), која се фокусира на раното детско образование за децата Роми.
За време на студиската посета, учесниците се вклучија во значајни размени со хрватските власти и едукатори, стекнувајќи вредни сознанија за добри практики за создавање инклузивни образовни средини. Оваа посета значително придонесе за тековните напори за подобрување на образовните практики во Северна Македонија, особено како одговор на пресудата на Европскиот суд за човекови права во Елмазова и други против Северна Македонија, која ја истакна сегрегацијата на учениците Роми.
Преку овие насочени активности, Советот на Европа ја потврдува својата посветеност за обезбедување инклузивно, висококвалитетно образование за сите граѓани во Северна Македонија. Студиската посета на Хрватска ја истакна важноста на соработката и размената на знаења за унапредување на демократските стандарди и поттикнување на инклузивноста во образовните системи. Исто така, со оваа студиска посета, Советот на Европа нуди техничка поддршка на институциите и училишта во Северна Македонија за да можат на соодветен и навремен начин да ја исполнат својата обврска што произлегува од оваа пресуда. Оваа иницијатива ја истакнува и посветеноста на Советот на Европа за промовирање на еднакви можности и поттикнување на мултикултурно општество.