Back Алгоритми и автоматизација: Советот на Европа издаде водич за спречување повреди на човековите права

Алгоритми и автоматизација: Советот на Европа издаде водич за спречување повреди на човековите права

Техниките за автоматизирана обработка на податоци, како што се алгоритмите, не само што им овозможуваат на корисниците да бараат и пристапуваат до информации, туку и сѐ почесто се користат за подготвување одлуки, нешто што порано целосно беше во рацете на човекот. Во Препораката за влијанија на алгоритамските системи врз човековите, Комитетот на министри на Советот на Европа објави насоки со кои се повикуваат владите да обезбедат заштита на човековите права низ употербата, развојот и набавката на алгоритамски системи. Дополнително, како регулатори, владините тела треба да воспостават ефикасна и применлива легислатива, регулаторни и надзорни рамки кои спречуваат, детектираат, забрануваат и санираат повреди на човековите права, без разлика дали тие потекнуваат од јавни или приватни чинители.

Како последователна активност на преводот на студијата на Советот на Европа, „Алгоритмите и човековите права“, заедничкиот проект на Европската Унија и Советот на Европа, Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија (ЈУФРЕКС) кој го поддржува регулаторното тело за медиуми во Северна Македонија – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на македонски јазик ја преведе неодамна објавената Препорака CM/Rec(2020)1 од Комитетот на министри до земјите-членки за влијанието на алгоритамските системи врз човековите права.

Оваа препорака го препознава големиот потенцијал на алгоритамски процеси за зајакнување на иновациите и економскиот развој во многу полиња, меѓу кои комуникации, образование, транспорт, системи за управување и здравствени системи. За цели на тековната пандемија од КОВИД-19 алгоритамските системи се користат за предвидување, дијагонстицирање и истражување во делот на вакцините и третманите. Подобрени мерки за дигитално следење се разгледуваат во сѐ повеќе земји-членки – и повторно се потпираат на алгоритми и автоматизација.

Истовремено, препораката предупредува на значителните предизвици по човековите права поврзани со употребата на алгоритамски системи, кои најчесто се однесуваат на правото на правично судење; приватност и заштита на податоци; слобода на мислење, свест и религија; слобода на изразување и здружување; правото на еднаков третман; економските и социјалните права.

Со оглед на комплексноста, брзината и обемот на развој на алгоритмите, водичот истакнува дека земјите-членки мора да бидат свесни за влијанијата кои овие процеси ги имаат врз човековите права и да почнат да применуваат ефективни механизми за управување со ризици. Развојот на некои системи треба да биде одбиен во случај кога нивната употреба носи висок ризик од неповрaтна штета или кога тие се толку нејасни што човечката контрола и надзор стануваат неприменливи.

Како начело, државите треба да се осигураат дека алгоритамските системи во самиот дизајн имаат инкорпорирано заштитни механизми за безбедност, приватност, заштита на податоци и сигурност. Дополнително, државите мора внимателно да ги разгледуваат квалитетот и потеклото на групите податоци, како и ризиците кои ги носат, како на пример можна де-анонимизација на податоците, нивната несоодветна и надвор од контекст употреба, како и генерирање нови, индиректни, и потенцијално осетливи податоци преку средства за автоматизација. Водичот ја потенцира потребата на владите да им стават на располагање соодветни ресурси и да им дадат овластување на нивните релевантни национални институции одговорни за надзор, следење, процена на ризик и спроведување на законите. Тие исто така треба да се вклучуваат во редовни консултации и соработка со сите релевантни учесници, вклучително и приватниот сектор, и да ја зајакнат свеста на општата јавност за капацитетите и влијанијата на алгоритамските системи и ризиците кои ги носат.

Проектот Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија ЈУФРЕКС е дел од „Хоризонталната програма за Западен Балкан и Турција II”, иницијатива за соработка ко-финансирана од Европската Унија и Советот на Европа, имплементирана од страна на Советот на Европа, со цел да им помогне на корисниците да ги исполнат агендите за реформи во делот на човекови права, владеење на правото и демократијата и да се усогласат со стандардите на Советот на Европа и рамките на процесот на проширување на ЕУ, онаму каде што е тоа применливо.

 Препорака CM/Rec(2020)1 за влијанието на алгоритамските системи врз човековите права (македонски)

 Препорака CM/Rec(2020)1 за влијанието на алгоритамските системи врз човековите права (english)

Скопје 2 септември 2020
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page