Back Најдобри практики за истражување на случаи на трговија со деца со цел присилно питачење беа споделени меѓу професионалците од Северна Македонија и Босна и Херцеговина

Најдобри практики за истражување на случаи на трговија со деца со цел присилно питачење беа споделени меѓу професионалците од Северна Македонија и Босна и Херцеговина

Спречувањето и борбата против присилното питачење, како форма на трговија со деца продолжува да биде приоритет на властите од регионот на Западен Балкан, каде овие деца се подложени на физичка и психолошка злоупотреба, не можат да посетуваат училиште и се жртви на социјална неправда. Оваа форма на детска експлоатација е најзастапена како во Северна Македонија така и во Босна и Херцеговина. За да соодветно се адресира овој феномен, со поддршка на ЕУ и Советот на Европа, во Сараево беше организиран регионален состанок за превенција и борба против присилно питачење, како форма на трговија со деца.

Четиринаесет учесници вклучително јавни обвинители, полициски инспектори, социјални работници, судија, членови на организации од граѓанското општество и мобилни тимови за борба против трговија со луѓе од Северна Македонија и Босна и Херцеговина се сретнаа за да дискутираат за детални истражни постапки при случаи на присилно питачење, собирање докази, подготовка на обвиненија, носење судски одлуки и санкционирање на извршители на ова грозоморно кривично дело. Беа претставени неколку случаи на трговија со деца со цел присилно питачење со успешна судска завршница, кои во иднина можат да послужат како модел за успешно проактивно кривично гонење на трговците со деца.

„Подгрупата за трговија со деца провизорно ќе ги анализира исходите од овој состанок и ќе го адресира проблемот со трговија со деца со цел присилно питачење во својот следен Оперативен план 2023-2026“, истакна г-а. Светлана Цветковска, Претседателка на Подгрупата за трговија со деца на Националната комисија за борба против трговија со луѓе во Северна Македонија.

Учесниците на регионалниот состанок во Сараево се согласија дека за успешна превенција и спречување на трговијата со деца со цел присилно питачење е потребна мулти-институционална соработка. Низ дискусиите се покажа дека треба да бидат користени посебни истражни мерки за да се обезбедат докази и да се избегнува преголемо потпирање на изјавите земени од децата. Дополнително, учесниците ја нагласија важноста од соодветен и навремен кривично-правен одговор, кој е од суштинско значење за тоа дали детето-жртва ќе биде соодветно згрижено, заштитено и безбедно сместено.

Активноста беше организирана во рамки на проектот „Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија“ како дел од заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“ и „Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Босна и Херцеговина“.

Сараево, Босна и Херцеговина 6 септември 2023
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page