Back Европски ден за борбата против трговија со луѓе: Групата експерти на Советот на Европа повикува на спречување на ризиците за трговија со луѓе кои се влошени во контекст на миграциските движења

Европски ден за борбата против трговија со луѓе: Групата експерти на Советот на Европа повикува на спречување на ризиците за трговија со луѓе кои се влошени во контекст на миграциските движења

Во очи Европскиот ден за борба против трговија со луѓе (18 октомври), Групата експерти на Советот на Европа за акција против трговијата со луѓе (ГРЕТА) предупредува на зголемените ризици за трговија со луѓе како резултат на рестриктивните политики за имиграција и неадресирањето на ранливостите на мигрантите и барателите на азил.

Хелга Гајер, Претседателка на ГРЕТА, изјави: „Се поголем број на луѓе кои бегаат од вооружени конфликти, насилство и климатски и хуманитарни непогоди се принудени да мигрираат во небезбедни услови. Нерегулираниот статус на мигрантите е главен фактор кој придонесува за нивната ранливост, со што мигрантите стануваат лесен плен за бескрупулозните криминалци. Децата без придружба или оние кои се разделени од своите семејства се особено ранливи кон тоа да бидат фатени во мрежата на трговците со луѓе. Имигрантите без регулиран статус исто така може да станат жртви на трговија со луѓе и да бидат експлоатирани од страна на компании со легитимен статус кои користат измамнички методи за вработување и дупки во регулативите на пазарот на трудот.“

Мониторингот кој ГРЕТА го спроведува по однос на имплементирањето на Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговијата со луѓе нагласува важни јазови во идентификувањето и заштитата на жртвите на трговија со луѓе меѓу мигрантите и барателите на азил. Имиграциските политики премногу често се неповрзани со законската обврска за идентификување и помош на жртвите на трговија со луѓе, како и да им се обезбеди период за опоравување и рефлескија, што пак има негативни последици по кривичното гонење и казнување на трговците со луѓе. Праксата на границите за „враќање назад“ создава ризик да лицата кои се тргувани не бидат идентификувани, и дека враќањето води кон нивно повторно тргување [види Десетти општ извештај на ГРЕТА]

Многубројните кризи кои се преклопуваат едни со други водат особено кон зголемување на ранливоста на децата од трговија со луѓе. Извештаите на ГРЕТА конкретно укажуваат на сериозни недостатоци во идентификувањето и заштитата на децата жртви на трговија со луѓе, кои често се третираат како престапници и биваат казнувани за трговија со дрога или други незаконски активности. Во многу држави, децата без придружба исчезнуваат во рок од неколку денови откако ќе бидат сместени во прифатните центри. Недостатокот на координација меѓу институциите и јазовите во заштитата на децата го зголемуваат ризикот децата да станат жртви на трговија со луѓе.

ГРЕТА потсетува на законските обврски запишани во Конвенцијата според кои треба да бидат воспоставени соодветни процедури што ќе овозможат детекција на жртвите на трговија со луѓе, вклучувајќи ги и оние меѓу мигрантите и луѓето кои бараат меѓународна заштита, и да им биде овозможено на истите да ги уживаат правата за помош и заштита. Конвенцијата исто така ја препознава значајноста од тоа да Државите членки создадат услови миграциите да се одвиваат законски. Обезбедени се посебни мерки во однос на децата жртви на трговија со луѓе, вклучувајќи го и назначувањето на законски старател и враќање на децата само кога тоа е во нивен најдобар интерес.

„Државите членки на Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговијата со луѓе мора да ја почитуваат својата обврска за борба против трговијата со луѓе, и да обезбедат дека нивните имиграциони политики не пристапуваат со предрасуди при примената на мерките за заштита одредени со Конвенцијата“, нагласува претседателката на ГРЕТА. „Од критична важност е луѓето кои биле жртви на трговија со луѓе да бидат ефективно идентификувани, и за нив да биде обезбедена поддршка, неусловено со нивнaта способност или готовност да соработуваат со органите на власта.“

Види:

Изјава на Комитетот на Парламентарно собрание на Советот на Европа: Европски ден за борбата против трговија со луѓе:  суштинската улога на законодавците во спречувањето и борбата против трговијата со луѓе

Стразбург, Франција 18 октомври 2023
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page