Back Европската унија и Советот на Европа за понатамошно зајакнување на соработката со властите во Северна Македонија кон консолидација на заштитата на човековите права, владеењето на правото и демократијата

Европската унија и Советот на Европа за понатамошно зајакнување на соработката со властите во Северна Македонија кон консолидација на заштитата на човековите права, владеењето на правото и демократијата

Скопје, 22 март 2021 - Заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019-2022“ е драгоцена поддршка за Северна Македонија, особено за понатамошно зајакнување на основните слободи и човековите права на граѓаните, заклучија учесниците на Вториот состанок на Управниот одбор на корисниците што се одржува онлајн денес во Скопје. Програмата ќе продолжи да им помага на властите да бидат во согласност со европските стандарди во областа на човековите права, владеењето на правото и демократијата.

За време на состанокот, партнерите и институциите-кориснички направија преглед на клучните достигнувања на Horizontal Facility II, поздравувајќи ја флексибилноста на програмата за справување со клучните предизвици при спроведувањето, особено во контекст на КОВИД - 19 пандемијата.

Во своето обраќање, заменик директорката и Horizontal Facility координатор од страна на корисникот, Министерство за надворешни работи на Северна Македонија, Горица Атанасова - Ѓоревска изрази благодарност и поддршка за посветената имплементација на целите на Заедничката програма на Европската унија / Советот на Европа – Horizontal Facility II, нагласувајќи го активното вклучување на институциите кориснички и засегнатите страни во континуираната реализација на проектите, во овие многу тешки услови и пандемиско опкружување. „Годишниот Управен одбор е уште една можност за сите да го процениме постигнатиот напредок, како и да ги разбереме областите во кои мојата земја има потреба од понатамошна помош во домашните реформски процеси, останувајќи посветена на европската агенда“, рече Атанасова - Ѓоревска.

Во своите забелешки, шефот на одделот за соработката во Делегацијата на Европската унија во Република Северна Македонија, Никола Бертолини истакна дека: „Со нашите заеднички и континуирани напори во рамките на Horizontal Facility иницијативата на Европската унија и Советот на Европа , успеавме да развиеме силно партнерство, доверба и испорачавме бројни позитивни резултати во областа на човековите права, владеењето на правото, кои придонесуваат за целокупните реформски процеси во Северна Македонија и целиот регион “.

Раководителката на програмскиот оддел во Канцеларијата на Советот на Европа на Генералниот директорат за програми, Пилар Моралес, подвлече дека „Советот на Европа, рака под рака со Европската унија и домашните партнери, останува сега повеќе од кога било, во овој особено предизвикувачки контекст, посветен на поддршка на Северна Македонија да напредува со својата реформска агенда и да напредува по нејзиниот пат кон ЕУ и усогласеност со стандардите на Советот на Европа“.

Со наменски буџет од над 4,1 милиони евра, заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа Horizontal Facility II во моментов спроведува шест големи активности во Северна Македонија. Преку техничка помош, овие активности ги поддржуваат потребите на јавните власти во решавањето на важните реформи за обезбедување правда, борба против корупцијата и организираниот криминал, промовирање на различноста и еднаквоста и унапредување на слободата на медиумите и слободата на изразување, во рамките на ЕУ процесот на проширување.

Заедничката програма Horizontal Facility II е креирана како иницијатива за соработка на Европската унија и Советот на Европа за да им се помогне на корисниците на Западен Балкан и на Турција да бидат во согласност со стандардите на Советот на Европа и, каде што е соодветно, законодавството на Европската унија во рамките на процесот на проширување.

И покрај ефектот што го имаше КОВИД - 19 пандемијата врз спроведувањето на акциите во рамките на Horizontal Facility II во Северна Македонија, забележителни резултати беа постигнати во текот на нејзината втора година на имплементација.

Во областа на обезбедување правда и еднакви права со поддршка на програмата, се консолидираше обезбедувањето бесплатна правна помош за граѓаните на Северна Македонија. Во соработка со Министерството за правда, беше спроведена неформална кампања за подигање на свеста за подобар и поефикасен пристап кон бесплатни правни услуги за граѓаните на Северна Македонија. За да се гарантираат правата на осудените лица, беше консолидиран Механизмот за надворешна контрола и се спроведе кампања за негова промоција, со цел да се обезбеди подобра заштита од повредите сторени од затворската полиција. Дополнително, важен напредок се постигна во соработка со Управата за извршување на санкциите, кон адресирање на екстремизмот и радикализмот во затворите.

За поддршка на властите во борбата против корупцијата и економскиот криминал, обезбеден е клучен придонес во ефективната имплементација на Директивата на ЕУ и Препораката на Советот на Европа за „укажувачи“. Покрај тоа, беа дадени консултации и насоки до властите во процесот на разгледување на нацрт-измените и дополнувањата на Законот за перење пари / борба против финансирање на тероризам и сродната стратегија. Почнувајќи од оваа година, со поддршка на програмата се формира центар за обука во рамките на Државната комисија за спречување на корупција во Северна Македонија, кој ќе обезбеди градење на капацитети и алатки за знаење во рамките на борбата против корупцијата и економскиот криминал.

Осврнувајќи се на напорите во борбата против дискриминацијата и промовирањето на различноста, беше дадена помош до Министерството за труд и социјална политика во процесот на интеграција на клучните стандарди и препораки од Европската комисија против расизам и нетолеранција (ECRI), во реформите и политиките на земјата за контра дискриминација. Понатаму, воведени се клучни иницијативи за подигање на свеста во различни заедници во Северна Македонија за промовирање на заштита на правата на ЛГБТИ лицата и борба против говорот на омраза. Фокусирајќи се на работата за борба против трговијата со луѓе во Северна Македонија, програмата обезбеди важен придонес во процесот на подобрување на идентификацијата, заштитата и помошта на жртвите на трговија со луѓе заради трудова експлоатација, со особено внимание на децата. Во овој период, им беше дадена поддршка на властите во процесот на обезбедување ефективна правна помош и застапеност на жртвите на семејно насилство, додека работеа заедно со граѓанските организации за промовирање и подигнување на свеста за опасностите од трговија со луѓе за разни ранливи заедници.

Во областа на слободата на изразување, беше дадена клучна помош во промовирање на слободата на изразување и слободата на медиумите во Северна Македонија, помагајќи им на клучните актери во нивните напори да ја подобрат примената на европските стандарди поврзани со слободата на говорот. Беа спроведени важни консултации и експертиза за измените и дополнувањата на Кривичниот законик на Северна Македонија за да се обезбеди поголема безбедност на новинарите, во соработка со Јавното обвинителство и Министерството за правда. Покрај тоа, активностите за градење на капацитетите и алатките за знаење беа споделени со заедницата на правни професионалци во Северна Македонија со цел да се подобри примената на Европската конвенција за човекови права и судската практика за слободата на изразување во Северна Македонија.

Скопје 22 март 2021
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page