Back Извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права, како и функционирањето на Надворешниот механизам за контрола во Северна Македонија дискутирани на тркалезна маса во Скопје

Извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права, како и функционирањето на Надворешниот механизам за контрола во Северна Македонија дискутирани на тркалезна маса во Скопје

Институциите во Северна Македонија се посветени на блиската соработка со Советот на Европа и ЕУ, во делот на извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), како и за понатамошна консолидација на Надворешниот механизам за контрола, кој ги штити жртвите чии човекови права се повредени од страна на лицата со полициски овластувања или затворската полиција. Ова беше еден од заклучоците на тркалезната маса одржана денес во Скопје, на која учествуваа претставници на Министерството за правда и затворските власти, како и делегација на Советот на Европа од Одделението за извршување на пресуди на Европскиот суд за човекови права.

Раководителката на оперативно работење на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, Лејла Дервишагиќ ја подвлече постојаната соработка со институциите во обидите за унапредување на Механизмот, како и кон градење на побезбедно и похумано општество каде се почитуваат и штитат правата на секое лице кое тврди дека било жртва на несоодветно постапување од лица со полициски овластувања.

„Советот на Европа соработува со институциите од самото воспоставување и во текот на градењето капацитети на овој Механизам, кој треба да се комплетира со претставници на граѓанските организации. Досегашните резултати се охрабрувачки и се надеваме дека Собранието ќе ги избере овие членови”, истакна Дервишагиќ. 

Г-а Мариа КАНЕЛОПУЛУ, раководителка на сектор во Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија го забележа позитивниот момент во тековниот билатерален скрининг во рамките на пристапниот процес, како и потребата за целосно прифаќање и спроведување на реформите во фундаменталните полиња на владеење на право, како и заштитата на правата на граѓаните. Таа ја истакна и потребата за ефективно учество на граѓанското општество, како и посилно подигнување на свеста за Надворешниот механизам за контрола.  

На состанокот се дискутираше за пресудите на ЕСЧП од групата Китановски, односно осумте предмети кои главно се поврзани со полициско малтретирање и неефективна истрага. Советот на министри на Советот на Европа врши надзор над извршувањето на оваа група пресуди од 2015 година, оценувајќи дека властите треба да вложат дополнителни напори, за да се исполнат меѓународните обврски според Европската конвенција. Од 2021 година, оваа група на предмети е под надзор на Советот на министри според зајакнатата процедура.

Надворешниот механизам за контрола беше основан со поддршка од Европската Унија и Советот на Европа во 2018 година. Механизмот се фокусира на случаите каде лицата со полициско овластувања, при извршување на службена задача или надвор од службата, со употреба на сила, средства за присилба или сериозна закана сториле кривично дело при што настапила смрт, тешка телесна повреда, телесна повреда или противправно лишување од слобода, мачење и друго сурово нечовечко или понижувачко постапување.

Тркалезната маса беше организирана во рамките на Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција – Фаза III, финансирана од Европската Унија и Советот на Европа преку проектот за „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем во Северна Македонија”.

Скопје 13 февруари 2023
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page