На 15 октомври 2024 година, во канцеларијата на Советот на Европа во Скопје се одржа четвртиот состанок на Советодавниот одбор на проектот „Квалитетно образование за сите“ - Северна Македонија, имплементиран од Советот на Европа, а финансиран од Германија. Претставници од Советот на Европа, Министерството за образование и наука на Северна Македонија и меѓународни партнери се собраа за да го разгледаат постигнатиот напредок и да ги планираат идните активности.
Состанокот беше отворен од Н.Е. г-ѓа Петра Дрекслер, Aмбасадорка на Сојузна Република Германија во Северна Македонија, која ја потврди поддршката на Германија за промовирање на инклузивното и демократско образование во Северна Македонија. Во нејзиното излагање, таа го истакна значењето на образованието за поттикнување на мултикултурализмот, велејќи:
„Развивањето на вештините на младите луѓе за животот во мултикултурна средина е клучно за просперитетот на општествата. На неодамнешниот Министерски состанок за интеграција на Ромите во Берлин, нашите партнери од Западен Балкан го нагласија клучното значење на образованието и ја потврдија својата посветеност за обезбедување на ефективен и еднаков пристап до инклузивно образование. Со примена на антидискриминаторски пристапи базирани на стандардите и практиките на Советот на Европа, проектот „Квалитетно образование за сите“ помага во поставувањето на темелите за подобра иднина за сите заедници.“
Олег Солдатов, раководител на Канцеларијата на програмата на Советот на Европа во Скопје, и Весна Атанасова од Одделот за образование на Советот на Европа го споделија истото мислење, истакнувајќи ја потребата од соработка и обезбедување еднакви можности во образованието. Ѓонул Бајрактар, државен советник во Министерството за образование и наука, ја потврди посветеноста на Министерството за реформите во инклузивното образование.
На состанокот се дискутираше за клучните постигнувања во периодот од април до октомври 2024 година, вклучувајќи ги менторските посети во 25-те пилот училишта, кои ги водат училиштата во примената на демократски и инклузивни практики. Тимот на консултанти на проектот одигра значајна улога во помагањето на училиштата да ја прифатат различноста и учеството. Во текот на 2024 година, беа спроведени два модула за градење капацитети, вклучувајќи онлајн модул од април до мај 2024 и работилници на лице место во јуни. Обуките се фокусираа на развивање на демократска култура, интеркултурно учење и адресирање на контроверзни теми во училниците. Овие активности значително помогнаа училиштата да ги интегрираат демократските компетенции во нивните развојни планови и секојдневни практики.
Студиската посета во Хрватска во јуни 2024 година, исто така, беше истакната, каде што претставници од Реублика Северна Македонија стекнаа вредни сознанија за стратегии за инклузивно образование, особено за инклузијата на Ромите. Овие сознанија се очекува да поттикнат слични иницијативи во Република Северна Македонија.
Советодвниот одбор разговараше за приоритетите и активностите за идниот период, потврдувајќи ја нивната заедничка посветеност за унапредување на инклузивното образование на локално и национално ниво. Советот на Европа останува посветен на поддршката на Северна Македонија во создавањето праведни, демократски и инклузивни образовни средини за сите. Состанокот заврши со оптимизам за понатамошниот успех на проектот и неговото позитивно влијание врз образовниот систем на земјата.