Членовите на Управниот одбор на заедничкиот проект на ЕУ и Советот на Европа „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија“, како и претставници/чки од сертифицираните обучувач(к)и на ЈУФРЕКС присуствуваа на завршниот настан со кој се одбележа крајот на проектот и се сумираа резултатите од истиот.
Лејла Дервишагич, Раководителка на оперативно работење на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, го отвори состанокот така што ја истакна важноста на овој проект кон исполнување на европските стандарди за слобода на изразување. Во името на Советот на Европа, искажа благодарност за посветената работа на партнерите и нивната соработка воопшто, како и за желбата да се продолжи понатаму во иста насока.
Марија КАНЕЛОПОЛУ Марија-Магдалена, Раководителка на оперативно работење 1 во Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, ја истакна важноста на проектот во поглед на потребните законски измени во земјата посебно во насока на преговорите со Европската Унија и билатералниот скрининг процес во областите кои се опфатени со Хоризонталниот инструмент.
Бидејќи целта на овој состанок беше да се говори за резултатите од проектот во двете негови фази, односно во периодот 2016-2022 година, експертот на Советот на Европа Велимир Деловски накратко ја презентираше опширната правна анализа на која се работеше изминатите шест месеци. Оваа правна анализа вклучува теми кои се опфатени со проектот како говор на омраза, клевета и навреда, интернетот и слободата на изразување, безбедност на новинар(к)ите и слободата на изразување и правораздавањето. Во неа се анализира домашната судска пракса во поглед на нејзината усогласеност со европските стандарди, клучните недостатоци кои треба да се надминат, и од неа произлегуваат клучни препораки за следната фаза на проектот. Финалната верзија на правната анализа ќе биде достапна во текот на првиот квартал на 2023 година.
На состанокот свои обраќања имаа и претставници/чки на партнерите на проектот ЈУФРЕКС. Неодамна ре-избраната директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска упати честитки за успешно завршениот проект кој придонесе кон континуиран напредок на судиите и јавните обвинители. Таа го истакна мултидисциплинарниот пристап на проектот т.е. добрата страна на проектот преку вклучување на сите клучни чинители кога се работи за заштита на слободата на изразување онака како што е дефинирана во членот 10 од Европската конвенција за човекови права.
Јелена Ристиќ, Подпретседателка на Адвокатската комора на Северна Македонија, исто така ја истакна важноста на соработката со проектот ЈУФРЕКС и знаењето кое адвокат(к)ите го добиле преку заедничките активности. Во име на Комората, истакна дека се надева дека соработката и во иднина ќе продолжи со истата динамика, и дека проектот ќе овозможи почетна и напредна обука на адвокат(к)ите во Северна Македонија, кои на крајот ќе нудат високо квалитетна правна помош за граѓан(к)ите.
Димитар Тануров, Виш соработник за европски интеграции и меѓународна соработка, како претставник од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, уште еднаш ја потврди одличната соработка со ЈУФРЕКС тимот во Северна Македонија и флексибилноста и достапноста на тимот да одговори на потербите на Агенција кои за време на пандемијата и воопшто во текот на имплементацијата постојано се менуваа.
Билјана Настеска Каланоска, Офицерка за комуникации, која заедно со Извршниот директор на Здружението на новинари на Македонија, Драган Секуловски, присуствуваа на завршниот настан, во својата презентација ги наведе одличните резултати остварени преку овој проект: измени и дополнувања на Кривичниот законик и нов усвоен Закон за клевата и навреда. Севкупно, соработката со Здружението на новинари вклучува: 13 настани, повеќе од 400 учесници/чки, одлична медиумска покриеност на настаните, високопрофилни учесници/чки како министри за правда и Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, повеќе експерти од Советот на Европа чие знаење и размена директно придонесоа кон иницирање на процесите за законски измени. Дополнително, оваа соработка резултираше со назначување на јавна обвинителка како клучно лице за контакт за случаи за заштита на новинар(к)и, Искра Хаџи Василева, која исто така присуствуваше на завршниот настан и ја искажа својата подготвеност за соработка со Советот на Европа и овој проект во иднина.
Продеканот за образование на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Бобан Мисовски, рече дека и понатаму очекуваат соработка со проектот во насока на обезбедување висококвалитетни едукативни материјали и знаење за студентите, посебно за оние кои се дел од магистерските студии.
Севкупно, втората фаза на проектот беше оценета како успешна. Партнерите и сертифицираните обучувач(к)и на ЈУФРЕКС постојано соработуваат и меѓусебно разменуваат искуства на темата, со што се докажува важноста на интер-професионалниот аспект на проектот и одржливоста која е резултат на градењето капацитети на клучните чинители во полето. Сите присутни го поздравија продолжувањето на проектот. Бидејќи темата е динамична и судската пракса постојано се надополнува, и во иднина проектот ќе продолжи да ги поддржува корисниците во насока на воведување на европските стандарди на домашен терен.
Проектот “Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија” е дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022”.