Како дел од тековните активности за градење на капацитетите на правните професионалци/ки во Северна Македонија, се одржа обука за обучувач(к)и за суди(јк)и, обвинител(к)и и адвокат(к)и. Целта на обуката беше да се сподели и понуди знаење и алатки за унапредување на нивните капацитети како обучувач(к)и на тема слобода на изразување, како и да се направи размена во насока на тоа како да се подобри примената на членот 10 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) во судскиот систем.
Оваа 5-дневна обука беше организирана во рамките на заедничкиот проект на ЕУ/Советот на Европа „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија (ЈУФРЕКС)“, преку кој се обезбедува поддршка на Академијата за судии и јавни обвинители во Северна Македонија и на Адвокатската Комора за градење на нивните капацитети и за проширување на мрежата на локални правни професионалци/ки обучени како идни обучувач(к)и за теми поврзани со слободата на изразување. Со што воедно се поддржуваат заложбите за постигнување на европските стандарди на полето на слободата на изразување.
Важна алатка за оваа цел е ‘Прирачникот за обучувач(к)и за Слободата на изразување’, кој е изработен во рамки на првата фаза на проектот и дополнително ажуриран и збогатен во втората фаза. Прирачникот ги содржи најдобрите пракси и клучни принципи за слободата на изразување, нејзините ограничувања, балансирањето на правото на приватен живот и правото на слобода на изразување, позитивните обврски на државата и соодветни студии на случаи и практични вежби.
Во текот на оваа последна обука за обучувач(к)и во оваа фаза на проектот, еден меѓународен експерт и една меѓународна експертка на Советот на Европа понудија детални презентации на клучните теми опфатени во Прирачникот, фокусирајќи се на конкретни аспекти во делот на методологијата кои треба да ги применуваат идните обучувач(к)и. На овој начин се обезбедува оддржливост на проектот ЈУФРЕКС. Експертите ги споделија своите богати познавања на европските стандарди и советуваа како да се подобри примената на судската пракса на Европскиот суд за човекови права во домашното судство.
Локалниот експерт ангажиран преку Академијата за судии и јавни обвинители ги презентираше домашните аспекти на соодветните теми, ја модерираше обуката и поттикнуваше богата дискусија и размена на мислења и искуства помеѓу учесниците/чките.
Обуката беше интерактивна, и учесниците/чките беа вклучени во дискусиите за размена на искуства, како и во презентациите на случаи по задачите кои им беа зададени како дел од обуката.
Овој проект е дел од заедничката програма на Европската Унија/Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција II“, преку кој на државите кориснички им се овозможува да ги исполнат агендите за реформи во делот на човековите права, владеењето на правото и демократијата и да се усогласат со европските стандарди, вклучително и во рамките на процесот на проширување на ЕУ, онаму каде што е тоа применливо.