Back Клучни препораки за засилена превенција на различни форми на трговија со деца поддржани од актерите за борба против трговијата со луѓе во Северна Македонија

Клучни препораки за засилена превенција на различни форми на трговија со деца поддржани од актерите за борба против трговијата со луѓе во Северна Македонија

Подгрупата за трговија со деца на Националната комисија за борба против трговија со луѓе на Северна Македонија се состана во Скопје за да разговара за конкретни начини за спречување на трговијата со деца со цел трудова експлоатација, питачење и присилни малолетнички бракови. Целта на Конференцијата, поддржана од Европската Унија и Советот на Европа беше двојна: да се извлечат конкретни и реални мерки за спречување на трговијата со деца и да се поттикне заедничка превентивна акција на локалните институции, граѓанските организации и меѓународните актери во овој поглед.

Дваесет и четири претставници на Националната комисија за борба против трговијата со луѓе, нејзината Подгрупа за превенција на трговија со деца, полицајци, социјални работници, трудов инспектор, претставници на меѓународни и на граѓански организации имаа можност да дискутираат и да ги поддржат резултатите и препораките од спроведеното Истражување за спречување на трговија со деца со цел трудова експлоатација, питачење и присилни малолетнички бракови. Истражувањето е нарачано од проектот „Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија“.

За време на настанот, учесниците беа информирани и разговараа за главните фактори на ризик, трендовите и одговорот на различните актери против трговија со луѓе одговорни за спречување на трговијата со деца со цел трудова експлоатација, питачење и присилни малолетнички бракови. Тие се вклучија во практична работилница со цел да се стимулира усогласена акција во однос на спроведувањето на конкретните превентивни мерки против трговијата со деца за горенаведените видови на експлоатација.

„Иако официјалната статистика покажува само 1 дете жртва на трудова експлоатација, 3 на питачење, 1 на двојна експлоатација и 11 на присилни бракови во периодот 2019-2023 година, истражувањето покажува дека бројот на децата жртви на трговија со луѓе за овие три типа на експлоатација мора да е повисока. Потребна е подобрена идентификација на децата-жртви, за да можат да ја добијат помошта и поддршката која им следува“, рече професорката Верица Трајкова, коавторка на горенаведеното истражување.

Истражувањето препорачува конкретни мерки на стратешки, законодавни и оперативни нивоа, како што се континуирани мулти – агенциски обуки, подобрено регулирање на правно - кривичниот одговор против трговијата со деца и одвраќачка казнена политика. Учесниците ја изразија својата посветеност за унапредување на повеќе-агенциската соработка во поглед на спречување на трговијата со деца со цел трудова експлоатација, питачење и присилни бракови. 

Конференцијата беше организирана од проектот „Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија“ дел од заедничката иницијатива на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“ во соработка со Подгрупата за Трговија со деца на Националната комисија за борба против трговија со луѓе на Северна Македонија.

Скопје, Северна Македонија 27 мај 2024
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page