Back Ново истражување за правните потреби ги открива патиштата до правдата на лицата што живеат во Северна Македонија

@shutterstock

@shutterstock

Наодите, заклучоците и препораките од второто национално истражување за правните потреби на лицата што живеат во Северна Македонија во 2022 година, се објавени во Извештајот за патиштата до правдата, со поддршка на ЕУ и Советот на Европа.

Публикацијата содржи детална анализа на процентуалната застапеност на проблемите, како во општата, така и во секоја категорија на предизвици поединечно и ги анализира патиштата до правдата на граѓаните кои се имаат соочено со правни проблеми. Истражувањето  ги разработува нивните искуства со правниот систем, негативните ефекти од правните проблеми врз граѓаните, но, исто така, ги идентификува и разгледува импликациите за реформите на политиките, особено оние за услугите за бесплатна правна помош кои се на располагање во Северна Македонија.

Секоја година, околу 300.000 поединци во земјата се принудени да решат околу 1.450.000 правни прашања. Резултатите од истражувањето покажуваат дека правните пречки се дел од секојдневниот живот на граѓаните. Сепак, многу од овие проблеми не се пријавени во правните и правосудните институции, останувајќи незабележани во статистиката и проценките. Тие остануваат „слепа точка“ на правосудниот сектор.

Истражувањето открива дека луѓето во Северна Македонија бараат праведни решенија за секој правен проблем.

Истражувањето открива дека околу 40% од правните проблеми остануваат без разрешница, што ја нагласува потребата за дејствување на различни нивоа. Во моментов, само 6% од сериозните и тешки правни проблеми одат на суд, што значи дека судската статистика не дава увид во 94% од правните проблеми.

Според истражувањето, проблемите на потрошувачите, повредите и проблемите поврзани со здравјето, проблемите со социјалната помош и долговите се често застапени во животите на луѓето во Северна Македонија. Доколку се подобри разрешувањето на овие проблеми може многу да им се помогне на десетици илјади поединци. Како што е наведено во истражувањето, еден начин да се постигне подобро решение е преку спроведување постапки ориентирани кон лицето/странката кои брзо, достапно и без дискриминација даваат праведни резултати.

Истражувањето покажува дека довербата на јавноста во судството, но и во јавната администрација, е на многу ниско ниво. Според истражувањето, недостатокот на доверба, меѓу другото, е предизвикан и од комплицираните процедури, неизвесниот исход (за неспорни прашања) и особено од недостигот на соодветно и јасно правно образложение за конкретните одлуки. Во оваа смисла, може да биде корисно да се земат превид различни примери за подобрување на работата на судството.

Главната намена на истражувањето е да обезбеди содржајни емпириски податоци засновани на докази и да обезбеди материјал за дебатите и процесите за креирање политики во врска со правораздавањето, обезбедувањето правна помош и целокупниот пристап до правосудниот систем во Северна Македонија.  Со стекнување увид во перцепциите, ставовите и однесувањата на луѓето кога се соочуваат со одредени проблеми од правна природа, креаторите на политиките ќе можат да ги приспособат постојните или да воведат нови политики и закони што имаат цел да го подобрат севкупниот пристап до правдата во земјата.

Истражувањето беше направено во рамките на проектот „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија“ кој е дел од програмата „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција III“, заедничка програма на Европската унија и Совет на Европа, имплементирана од Совет на Европа.

 - англиска верзија 

 - македонска верзија

Скопје, Северна Македонија 13 јуни 2023
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page