Back Состанок на Управниот одбор за превенција и борба против трговија со луѓе се одржа во Северна Македонија

Состанок на Управниот одбор за превенција и борба против трговија со луѓе се одржа во Северна Македонија

Властите во Северна Македонија се посветени да продолжат тесно да соработуваат со ЕУ и Советот на Европа преку програмата Хоризонтален инструмент II, кон унапредување на идентификацијата, заштитата и помошта на жртвите на трговија со луѓе, во согласност со Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговијата со луѓе. Ова беше главната порака на третиот состанок на Управниот одбор на проектот за „Спречување и борба против трговија со луѓе во Северна Македонија“ кој е дел од програмата Хоризонтален инструмент II, организиран на 8 октомври.

На состанокот присуствуваа претставници на Советот на Европа, Делегацијата на Европската унија, Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, Националниот механизам за упатување, Државниот инспекторат за труд, Министерството за надворешни работи, Министерството за внатрешни работи, Бирото за развој на образованието, Академијата за судии и обвинители, Секретаријатот за Европски прашања, Народниот правобранител, како и граѓански организации и други засегнати страни.

Учесниците се запознаа со моменталната состојба и трендовите во однос со трговијата со луѓе во Северна Македонија, презентирани од страна на Светлана ВЛАХОВИЌ, Заменик национален координатор во Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција.

Членовите на Управниот одбор позитивно забележаа дека проектот продолжува да ги зајакнува релевантните институции и професионалци преку градење на капацитети и законодавна поддршка.

  1. И покрај пандемијата, во текот на периодот март-јули 2020 година, беа спроведени два онлајн HELP курсеви (Едукација за човекови права за правни професионалци) за трговија со луѓе и ќе бидат сертифицирани 48 учесници (31 адвокат и 17 судии и истражители). Учесниците покажаа голем интерес за извештајот за положбата и правата на жртвите на трговија со луѓе во судските постапки, кој ќе биде дополнет со брошура за бесплатно правно застапување на жртвите.
  2. Мнозинство (90%) од трудовите инспектори во земјата имаат добиено основни знаења за препознавање на трговија со луѓе заради трудова експлоатација. Нововработените инспектори исто така ќе бидат поддржани во учењето и развојот на вештините во оваа област.
  3. Претставници на медиумите беа обучени соодветно да известуваат за случаите на трговија врз основа на факти и почитувајќи ги правата на жртвите.
  4. Кампањите за подигнување на свеста за трговија со луѓе заради трудова експлоатација засновани на грантови, а спроведувани од специјализирани граѓански организации, веќе завршуваат, додека кампањите на тема трговија со деца ќе започнат и ќе бидат насочени кои најризичните региони и целни групи (деца Роми и деца со попреченост).
  5. Почетокот на информативни сесии за родители, наставници и деца во училиштата околу ризиците и формите на трговија со деца е во последна подготвителна фаза, а исто така и обуките за советници на Бирото за развој на образованието за откривање, идентификување и упатување деца, потенцијални жртви на трговија со луѓе.

Дискусијата беше фокусирана и на предизвиците и приоритетите што треба да се решат за време на спроведувањето на заедничката соработка помеѓу засегнатите страни на Северна Македонија, Европската унија и Советот на Европа. Учесниците ги одобрија клучните достигнувања што треба да се остварат во претстојниот период и ја изразија важноста на проектот во ова време на пандемија.

Овој настан беше организиран во рамките на заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022“, иницијатива за соработка ко-финансирана од Европската унија и Советот на Европа, а спроведувана од страна на Советот на Европа.

Скопје октомври 2020
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page