Back Студијата за спречување на трговија со деца со цел трудова експлоатација, питачење и принудни бракови во Северна Македонија открива фактичка состојба и трендови

Студијата за спречување на трговија со деца со цел трудова експлоатација, питачење и принудни бракови во Северна Македонија открива фактичка состојба и трендови

Според третиот извештај за евалуација на Северна Македонија од 2023 година на Групата експерти на Советот на Европа за акција против трговијата со луѓе, најголем дел од жртвите на трговија со луѓе се деца. Иако повеќето од жртвите на трговија со деца биле изложени на сексуална експлоатација, трговијата со деца со цел трудова експлоатација, принудни бракови и питачење е во пораст, и останува недоволно истражена во Северна Македонија. Во оваа рамка, Студијата за спречување на трговија со деца со цел трудова експлоатација, питачење и присилни бракови во Северна Македонија, поддржана од заедничкиот проект на ЕУ и Советот на Европа „Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија“ одговара на потребата да се утврдат наодите за фактичката состојба и трендовите во однос на трговијата со деца заради трудова експлоатација, питачење и присилни бракови во последните пет години.

Врз основа на специфична методологија, која вклучува анкети со засегнатите страни за борба против трговијата со луѓе од институциите и невладиниот сектор, како и мулти-секторски фокус групи и експертски дискусии, Студијата забележува нагорни трендови особено во однос на трговијата со деца за питачење. Во оваа рамка, Северна Македонија не е исклучок од тажните слики на мали деца принудени да питачат по улиците и граничните премини, од нивните родители или од организирани банди. Студијата ги идентификува ризиците за децата експлоатирани за трудови цели, земајќи ги предвид новите трендови и методи на регрутирање во синџирите на трговија со луѓе. Бројот на присилни бракови е исто така во пораст, при што жртви на овој вид на експлоатација се претежно девојчињата Роми.

Истражувањето покажува дека локалните чинители за борба против трговија со луѓе се соочуваат со повеќе предизвици во однос на спречувањето на трговијата со деца за овие три вида на експлоатација. Според студијата, несоодветната имплементација на домашното право и европските стандарди на терен, неказнивоста на трговците со луѓе, слабото образование на родителите во врска со ризиците од трговија со деца, ограничените ресурси за спречување на трговијата со деца заради трудова експлоатација, питачењето и присилните бракови, функционираат како бариери за ефикасна превенција на овие видови трговија со деца.

Студијата заклучува дека се потребни координирани превентивни активности на полицијата и социјалните работници, истовремено подигање на јавната свест и спроведување на образовни програми за родители и деца. Дополнително, доследно следење на ризиците и обезбедување соодветен одговор на трговијата со деца од страна на соодветните институции, како и зајакнати капацитети на обвинителите и другите засегнати страни да ја препознаат трговијата со деца за овие видови на експлоатација, ќе придонесе во напорите за спречување и борба против трговијата со деца. Ова, исто така, бара пропорционално казнување на трговците со деца и законски измени за борба против трговијата со деца за трудова експлоатација, питачење и принудни бракови, во согласност со европските стандарди и препораките на Советот на Европа.

Проектот „Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија ги поддржува органите на власта во нивните напори за спречување и борба против трговијата со луѓе преку спроведување на активности за градење на капацитетите на чинителите од областа на трговијата со луѓе, преку подржување на истражувања и извештаи на оваа тематика, и преку соработка со останатите корисници за унапредување на пристапот до правна помош на децата жртви на трговија со луѓе. Проектот е дел од иницијативата за соработка на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент III за Западен Балкан и Турција

 

 

Скопје, Северна Македонија 10 септември 2024
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page