Back ТРГОВЦИТЕ СО ЛУЃЕ СО ПОМОШ НА ТЕХНОЛОГИЈА РЕГРУТИРААТ, КОНТРОЛИРААТ И ЕКСПЛОАТИРААТ ЖРТВИ

Неопходна е силна заедничка акција која пред се ќе ги заштити децата и младите
ТРГОВЦИТЕ СО ЛУЃЕ СО ПОМОШ НА ТЕХНОЛОГИЈА РЕГРУТИРААТ, КОНТРОЛИРААТ И ЕКСПЛОАТИРААТ ЖРТВИ

Како да се одговори на предизвиците што ги носи зголемената употреба на информатичките и комуникациските технологии (ИКТ) за регрутирање, контрола и експлоатација на жртви на трговија со луѓе? Повеќе од 60 домашни и регионални експерти се состанаа на дводневна конференција во Сараево на 2 и 3 октомври 2024 година за да разговараат за овие предизвици и да ги споделат најдобрите практики. Конкретно, тие разговараа за заштитата и споделувањето на дигитални докази во случаите на трговија со луѓе, како употребата на ИКТ може да ја зајакне превенцијата од трговија со луѓе и како да се подобри пристапот на жртвите до услугите. Дискусиите исто така се фокусираа на соработката и партнерството меѓу владите, технолошките компании, финансиските институции и граѓанското општество.

„Широката употреба на информатичката и комуникациската технологија (ИКТ) во регрутирањето, контролата и експлоатацијата на жртвите на трговија со луѓе - од кои многу се деца - е голем предизвик. Сепак, технолошките алатки исто така можат да бидат дел од решението, помагајќи им на агенциите за спроведување на законот да ги откријат, истражат и гонат случаите на трговија со луѓе“ , нагласи Бојана Урумова, Раководителка на Канцеларијата на Советот на Европа во Сараево.

Станислава ТАНИЌ, раководителка на Одделот за борба против трговијата со луѓе при Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина, истакна дека токму зголемената употреба на интернетот ги зголемила можностите за трговците со луѓе кои ги користат социјалните мрежи за регрутирање жртви и за стекнување на нивната доверба. „Затоа е важно да се едуцира пошироката јавност за ризиците кои постојат на интернетот и начините на заштита, за да можат безбедно да го користат интернетот и неговите предности, и да останат безбедни на интернет и да можат да ги препознаат знаците на регрутирање, порача Таниќ.

„Имајќи го предвид зголемениот број на злоупотреби на информатичките и комуникациските технологии што трговците со луѓе ги користат за време на регрутирањето на жртвите и нивната експлоатација, неопходен е сеопфатен и ефективен заеднички одговор. Од превентивни кампањи, преку проактивна истрага и собирање дигитални докази. Ваквите настани и студии на Советот на Европа ни помагаат да ги согледаме предизвиците, да размениме искуства и да ги подобриме знаењата и активностите“, изјави Ненад Симиќ, Национален координатор за борба против трговијата со луѓе, МВР на Република Србија.

Третите извештаи за евалуација на ГРЕТА за Босна и Херцеговина (јули 2022), Северна Македонија (март 2023) и Србија (јуни 2023) ја нагласуваат важноста од преземање мерки за зајакнување на одговорот на кривичната правосудство во однос на трговијата со луѓе, вклучувајќи проактивно и брзо делување, истраги и употреба на сите можни докази, вклучително и посебни истражни мерки и дигитални докази. „Превенцијата на новите облици на трговија со луѓе со помош на информациско-комуникациските технологии мора да ги опфати младите, за да се заштитат младите, но и децата, од ова грозоморно кривично дело“, рече Билјана Лалова, Началничка на Единица за трговија со луѓе, МВР на Северна Македонија.

Конференцијата беше организирана во рамките на проектот на Советот на Европа „Зајакнување на акцијата против трговијата со луѓе во Босна и Херцеговина“ и проектите за борба против трговијата со луѓе во Србија и Северна Македонија, кои се дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа, Хоризонталниот Инструмент за Западен Балкан и Турција (III фаза).

Сараево, Босна и Херцеговина 03 октомври 2024
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page