На 11 и 12 април 2017 година во Охрид се одржа дводневен настан за хармонизација на домашната судска пракса , поврзано со Европската конвенција за човекови права. Активноста беше спроведена во рамките на проектот за „Зајакнување на капацитетите на судството за заштита на човековите права и борба против нечовечно и понижувачко постапување и против неказнивоста” кој е дел од програмата „Horizontal Facility за Западен Балкан и за Турција“.
На средбата присуствуваа претставници од четирите апелациски судови во земјата, вклучувајќи ги претседателите на овие судови и раководителите на граѓанските и на кривичните оддели во овие судови. Исто така, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, „Павел Шатев“, како и заменикот-претседател на судскиот совет, земаа активно учество на оваа средба.
Во фокусот на првиот дел од средбата беше важноста на хармонизирањето на домашната судска пракса, со упатување на добри практики во Советот на Европа во врска со процесот на хармонизација. Понатаму, се направи преглед на најрелевантните одлуки на Европскиот суд за човекови права поврзани со недоследна судска пракса, по што следуваше плодна дискусија меѓу учесниците.
Настанот продолжи со две паралелни сесии за хармонизација на праксата на граѓанските и на кривичните оддели, кои се одвиваа според материјалите кои претходно им беа поделени на четирите апелациски судови а кои се однесуваа на спорни прашања. На крајот на дводневните дискусии учесниците донесоа заклучоци и истите ги презентираа пред целата група. Заклучоците ќе бидат доставени до пониските судови.
Овие заеднички средби за хармонизација на домашната судска пракса треба да се интензивираат и официјално да се уредат така што да се работи директно на прашања поврзани со хармонизацијата, обезбедувајќи дијалог помеѓу судовите од сите инстанци, на државно и на меѓународно (регионално) ниво. Во таа насока, Советот на Европа поддржува судски дијалог за хармонизирање на домашната судска пракса во неговите земји-членки. Овој проект ќе поддржи уште два дополнителни настани, споделувајќи ги најновите случувања поврзани со судската пракса на Европскиот суд за човекови права и неговите стандарди кои се однесуваат на недоследноста.