Image: Theme 'Culture and sport' by Pancho

Вообичаено, младите луѓе се прикажани како луѓе полни со амбиции и надежи за светот, а според тоа и како значајни носители на културните промени. Фондот за население на Обединетите нации добро го опишува ова очекување од младите луѓе како обликувачи на културата во иднина:
Како што растат, во адолесценцијата, младите луѓе го развиваат својот идентитет и стануваат автономни поединци. Младите луѓе не ги споделуваат искуствата и сеќавањата на нивните предци. Тие развиваат сопствени начини на перцепирање, ценење, класифицирање и разликување на прашањата, симболите и јазикот на кој се изразуваат. Реакциите на младите луѓе за светот кој се менува, како и нивните единствени начини на објаснување и комуницирање во врска со нивното искуство, може да помогне при трансформирањето на нивните култури и да ги подготви нивните општества за соочување со нови предизвици... Нивната динамика може да промени некои од архаичните и штетни аспекти на нивните култури, кои постарите генерации ги сметале за непромениливи.1

Културата е сé. Култура е начинот на кој ние се облекуваме, начинот на кој ги држиме нашите глави, начинот на кој одиме, начинот на кој ги врзуваме нашите вратоврски. Таа не е само факт за пишување книги или за градење на куќи.“
Еме Сезер3

Спортот е универзален елемент во сите култури и според тоа, ние одлучивме да го вклучиме како тема за Компас. Спортот е популарен, особено кај младите луѓе; статистиката покажува дека 61% од младите луѓе, на возраст помеѓу 15 и 24, редовно учествуваат (најмалку еднаш неделно) во спортски активности во ЕУ.2 Друга причина, поради која го вклучивме спортот, е дека тој им овозможува на младите луѓе можности за социјална интеракција, преку која можат да развијат знаење, вештини и способности, потребни за нивното целосно учество во граѓанското општество.

Културата и спортот се човекови права и тие се поврзани со различни човекови права. Исто така, се основа врз која човековите права често се оспоруваат и злоупотребуваат, вклучувајќи ги и оние на младите луѓе.

Што подразбираме под „култура“? 

Зборот „култура“ се користи на различни начини, на пример, популарна култура, масовна  култура, урбана култура, феминистичка култура, малцинска култура, корпоративна култура и, за крај, но не и последна, младинска култура. Ние можеме да зборуваме и за културна личност, во смисла, некој кој поседува добри манири и е формално едуциран од областа на литературата и уметноста или, пак кога зборуваме за културен шок: дезориентирана и фрустрирана личност при искусување на непозната култура. Ниту со едно од овие значења на „културата“ не се занимаваат министрите за култура или нивните еквивалентни владини органи.

Зборот „култура“ доаѓа од латинскиот збор “cultura”, кој значи „да се грижи, да чува, да обработува“. За прв пат, овој збор се појавил околу 1500 година во новата ера, во фигуративна смисла на „култивирање преку образование“, а во средината на 19 век зборот се поврзувал со идеите за колективните обичаи и начини на живот во различните општества.4 Тоа е тоа значење на културата како наследен образец на заедничкото мислење и заедничкото сфаќање, со кои се занимаваме во овој дел.

Ниту една култура не е хомогена. Во секоја култура, можно е, да се идентификуваат „субкултури“: групи на луѓе со препознатливи практики и однесување, кои се разликуваат од пошироката култура и од другите субкултури. Културата е подеднакво тешко да ја дефинираме, како и да ја искористиме; културите секогаш се развиваат и се менуваат. Ако го парафразираме Хераклит, кој велел дека никогаш не стапнуваме два пати во иста река, тогаш културата во која денес комуницираме не е истата во која вчера сме комуницирале. Иако, во нашите очи и перцепции, тоа ни изгледа исто.

Прашање: Кои нови идеи и технологии ја промениле вашата култура во последните десет години?

Комитетот за економски, социјални и културни права на ОН ја дефинира културата на следниов начин: „Културата […] опфаќа, меѓу другото, начин на живот, јазик, усмена и пишувана литература, музика и песни, невербална комуникација, религија или верување, спорт и игри, методи на производство или технологија на природна и вештачка средина, храна, облека и засолниште, како и уметност, обичаи и традиции, преку кои поединците, групите на поединци и заедниците ја изразуваат нивната човечност и даваат значење на нивното постоење, го градат нивниот поглед на светот, кој претставува средба со надворешните сили кои влијаат на нивните животи.5

Некои аспекти на културата се многу видливи, на пример, начинот на кој се облекуваат луѓето. Некои аспекти се најчесто несвесни, речиси инстиктивни. Еден начин на размислување за културата е со користење на метафората за еден леден брег. Ледениот брег има видлив дел над нивото на водата и еден невидлив дел под водата. На истиот начин, културата има некои аспекти кои можат да се набљудуваат и за кои сме свесни, како и други аспекти за кои само може да се претпоставува или замислува, а кои се достигнуваат преку дијалог и интроспекција. Исто како и кај коренот на ледениот брег, кој е многу поширок од горниот дел, така и кај културата, поголемиот дел е „невидлив“. Ризик е да се земе предвид само еден дел од целосната култура. Со фокусирање на она што е видливо за нас (и што ни се чини дека го „разбираме“), ние ризикуваме да го пропуштиме есенцијалното во луѓето, во човековите суштества.

Ако разбираш сé што јас кажувам, ти би бил јас.
Мајлс Дејвис

Прашање: Кои аспекти од вашата култура, според вашето сфаќање, се невидливи за другите?

Културата е, исто така, леќата преку која ние го набљудуваме и го интерпретираме животот и општеството. Културата се предава од една на друга генерација, инкорпорирајќи нови елементи, а отфрлајќи други. Бидејќи сме целосно задоени со нашата сопствена култура, тешко е објективно да гледаме на неа; ни изгледа нормално и природно само нашата култура да биде „во ред“, а другите култури ни изгледаат необично со нивните различни начини на размислување и однесување – можеби дури и погрешни.
Културата се објаснува и како динамична конструкција изградена од самите луѓе, како одговор на нивните потреби. Земајќи ја предвид, само за момент, арктичката животна средина во северна Шведска; таму луѓето се соочуваат со различни предизвици за разлика од луѓето кои живеат покрај топлите брегови на Медитеранот; како последица на ова, тие имаат развиено различни одговори – различни начини на живот – култури.
Денес, како резултат на модерната технологија и глобализација, двете култури имаат повеќе заеднички нешта, отколку во минатото, но сепак постојат и многу разлики, вклучувајќи ги различните идеи за тоа што значи да се биде Европеец.Кои сме ние или веруваме дека сме зависи од културите во кои растеме, на кои сме изложени или кои сме одлучиле да ги прифатиме. Според тоа, секој од нас е единствен. Случајност е каде се раѓаме, што на почеток, на пример, ги определува јазиците кои прво учиме да ги зборуваме, храната што најмногу ја сакаме и религијата која ја следиме или не ја следиме. Идентитетот, како и културата, е комплексен концепт, со делови кои се под и над свесноста, а кој се менува во зависнот од времето и местото. Ние можеме да зборуваме за личен идентитет, родов идентитет, национален, културен, етнички, класен или семеен идентитет, всушност, за каков било вид на идентитет. Прифаќајќи дека идентитетот е сложен, разновиден и динамичен во смисла да се биде некој, а во исто време и да се признаваат и прифаќаат правата на другите за искажување на нивниот сопствен идентитет, е значајно за градењето култура на човековите права, каде единствени нé прават еднаквите права и почитувањето на идентитетот. Идентитетот е она што нé прави единствени. Сепак, оваа единственост не е иста низ целиот наш живот; таа се менува.

Културата во современото општество е место на контроверзност и борба околу идентитетот, припадноста, легитимноста и правата6

 

Што подразбираме под „спорт“? 

Под „спорт“ се подразбираат сите форми на физичка активност кои, преку случајно или организирано учество, имаат за цел изразување или подобрување на физичкото здравје и психичката благосостојба, формирајќи социјални врски или овозможувајќи резултати во натпреварите на сите нивоа.7
Европска спортска повелба 

Спортовите, особено тимските игри, се важен дел во нашите животи, без разлика дали сме гледачи или учесници. За многумина, фудбалот е непресушен извор за разговор, фановите чувствуваат длабока наклонетост кон нивниот тим, а на спортските ѕвезди им се доделува статус на херои. Тековната мода, луѓето да изгледаат добро, младолико, спортски и здраво, се манифестира преку отворање на бројни фитнес-клубови, бројни списанија, кои се издаваат за слабеење, додека парковите се полни со луѓе кои трчаат. Други активности, кои повеќе вклучуваат ментален од физички напор, како што е шахот, исто така, се сметаат за спортови. Има спортови кои одговараат на сите вкусови и карактери, па според тоа, спортот, навистина, би можел да биде блиску поврзан со нашиот идентитет и култура од некој степен во нашиот живот.
Ако подлабоко погледнеме во истакнатата вредност и цел на спортовите и игрите – а овде спаѓа и играта на малите деца – станува очигледно дека сите спортови, без разлика дали е фудбал, фрлање копје или јога, се развиваат како начини преку кои се учат потребните животни вештини. Затоа на спортовите се гледа како на еден значаен дел од образовниот курикулум, и во формалното и во неформалното образование.

Културни права 

Културните права за прв пат се признати во Универзалната декларација за човекови права, член 27:
„Секој има право слободно да учествува во културниот живот на заедницата, да ужива во уметноста и да учествува во научниот напредок и во користа што произлегува оттаму.“  

Заштитата и промовирањето на културните права се значајни во процесот на зајакнување на поединците и заедниците. Признатите културни права им помагаат на заедниците да ја градат својата самопочит и се мотивирани да ги зачуваат нивните традиции, а истовремено се почитувани поради нивните обичаи и вредности.

Терминот „култура“ не е јасно дефиниран во Законот за човековите права. Заштитата на културата, во Законот за човековите права, опфаќа два концепти. Прво, правото на луѓето да ги практикуваат и да продолжат со споделување на традициите и активностите. Второ, заштитата на културата во меѓународното право ги покрива научните, литературните и уметничките достигнувања во општеството.8

Според Здруженијата за образование за човекови права, правото на култура во законот за човековите права, во суштина, се однесува на славењето и заштитата на креативноста и традициите на човештвото. Правото на поединецот да ужива во културата и да прави напредок во културата и науката, без мешање од страна на државата, е човеково право. Според меѓународните закони за човекови права, и владите имаат обврска да ги промовираат и да ги зачуваат културните активности и артефакти, особено оние кои имаат универзална вредност. Културата, во најголема мера, се поздравува како позитивна во поголемиот дел од инструментите за човекови права. Правото на култура вклучува разновидност од компоненти:

  • правото да се учествува во културниот живот;
  • правото да се ужива во користа од напредокот во науката;
  • правото на поединецот да има корист од заштитата на моралните и материјалните интереси, кои се резултат на кое било научно, литературно или уметничко дело, на кое е автор тој самиот;
  • правото на слобода од мешањето на државата во научни и креативни достигнувања.9

Неколку други аспекти од културата се, исто така, заштитени од меѓународните човекови права, на пример, правото на брак и формирање семејство, право на слободно искажување на мислењето, право на образование, право да се примаат и споделуваат информации, право на одмор и слободно време, како и право на слобода на мислата, совест и вероисповед.

Бидејќи културата влијае врз сите аспекти од животот на човекот, културните права ја илустрираат неделивоста и меѓусебната зависност на сите права на еден сеопфатен начин во споредба со кои било други права...културните права често се нераскинлив дел од другите права.10 
Ресурсен центар за човекови права при Универзитетот во Минесота

Прашање: Кои други права се поврзани со културата? 

Во врска со децата, Конвенцијата за правата на детето пропишува дека образованието треба да биде насочено кон „...развојот на личноста на детето, талентите и психичките и физичите способности до нивниот највисок потенцијал“, додека членот 31 се однесува на правото на одмор и слободни активности и ангажирање во игри и рекреативни активности, соодветни за возраста на детето. Спортовите и игрите се основни активности за личен и општествен развој, раст и благосостојба на децата и младите луѓе.
Во 1966, Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права го нагласи значењето на културата: „признавајќи дека, во согласност со Универзалната декларација за човекови права, идеалот за слободни човечки суштества, кои уживаат во слободата без страв и желби, може единствено да се постигне ако се создадат услови каде што сите би уживале во нивните економски, социјални и културни права, како и нивните граѓански и политички права.“

Принципите на УНЕСКО за меѓународна културна соработка (1966), исто така, наведуваат дека широката дифузија на културата и образованието за човештвото, слободата и мирот се незаменливи за достоинството на човекот. Член I наведува:
1. Секоја култура има достоинство и вредност, кои мора да се почитуваат и да се чуваат. 
2. Сите луѓе имаат право и должност да ја развиваат нивната култура.
3. Во својата богата разновидност и различност, како и во реципрочните влијанија кои ги пренесуваат една врз друга, сите култури формираат дел од заедничкото наследство кое припаѓа на целото човештво.11

Сите култури формираат дел од заедничкото наследство кое припаѓа на целото човештво.
УНЕСКО

Во 2007, усвојувањето на Декларацијата за правата на домородните народи12 беше еден значаен чекор во разјаснувањето на концептот на културата во Законот за човековите права. Таа потврди дека домородните народи се рамноправни, преку признавањето на правото сите народи да бидат различни, да се сметаат себеси различно и да бидат почитувани. Исто така, потврдува дека сите народи придонесуваат за разновидноста и богатството на цивилизациите и културите, а преку кое се создава заедничкото наследство на човештвото.

Декларација за правата на домородните народи 

Член 8
1. Домородните народи и поединците имаат право да не бидат предмет на присилна асимилација или уништување на нивната култура.
2. Државите треба да пружат ефективни механизми за спречување и решавање за:
(a) Кое било дејство, што има за цел или ефект на негирање на нивниот интегритет како посебни народи или на нивните културни вредности или етнички идентитет;

Член 11
1.Домородните народи имаат право да ги практикуваат и да ги ревитализираат нивните културни традиции и обичаи. Ова го вклучува правото да се зачуваат, заштитат и да се развиваат минатите и идните манифестации на нивните култури, како што се археолошки и историски места, артефакти, креации, церемонии, технологии, како и визуелна и применета уметност и литература.

Можат ли културните практики да ги прекршат човековите права?

Принципите на УНЕСКО за меѓународна културна соработка наведуваат дека секоја култура има достоинство и вредност, кои мора да бидат почитувани и зачувани. Што значи овој принцип во пракса? Практиките, како што се борби со бикови, покажување фанатичка поддршка за еден фудбалски клуб, пиење топло пиво, ловење китови или јадење коњско месо, можат да бидат значајни практики за некои, но можат да бидат и глупави, па дури и навредливи за некои други луѓе. Постојат и други практики кои имаат значајни последици врз правата и достоинството на човекот, на пример, користењето на смртната казна, обичаи во врска со тоа дали да се биде или не сексуално активен пред бракот, носењето на религиозни симболи или телесното казнување на децата.

Често начинот на кој ги гледаме другите луѓе е она што ги заробува во нивните најтесни приврзаности.
Амин Малуф 14

Прашање: Дали сите културни практики би требало да се почитуваат?  

Обединетите нации имаат јасен став за ова прашање - едно право не може да крши други права, како што е наведено и во Универзалната декларација за човекови права:
[…] културните права не можат да се применат или интерпретираат на таков начин за да се оправдува кој било акт кој води кон негирање или кршење на другите човекови права и основни слободи. Според тоа, користењето на културниот релативизам како оправдување да се кршат или негираат човековите права е злоупотреба на правото на култура. Постојат и легитимни, материјални ограничувања на културните практики, дури и врз добро вкоренетите традиции. На пример, денес ниту една култура легитимно не може да бара право за да применува ропство.
И покрај неговата примена во многу земји низ историјата, ропството денес не може да се смета за легитимно, законско или дел од културното наследство и има право на заштита на секој начин. Во спротивно, сите форми на ропството, вклучувајќи го и привременото ропство – како практика, е тешко кршење на човековите права во меѓународното право.13

Помеѓу замките за правење несогледани тврдења за културните права, ние можеме да паднеме во стапица етикетирајќи луѓе, „ставајќи ги во кутија“, согласно со нивната култура, а како резултат на тоа се потхрануваат стереотипите и предрасудите. Тоа е особено типично за претставниците на мнозинската култура кои треба во предвид да ги земат сите избори, дејства или одлуки на членот на малцинската група за нешто што е поврзано со нивната култура, додека во предвид се земаат нивните дејства, избори или одлуки, кои не се под влијание на културата, туку се „објективни“.

„Имам право на еднаквост кога разликата ја предизвикува мојата инфериорност; имам право на различност кога еднаквоста ги занемарува карактеристиките кои ме дефинираат.“
Боавентура ди Соуза Сантуш

Културната разновидност е природна последица на комбинацијата од човеково достоинство и човекови права во целост. Човековите права ја гарантираат слободата на мислата, вероисповед, верување, културно изразување, образование итн. На истиот начин, како што не може да се користи моќта на мнозинството за да се потиснат човековите права на малцинството, така ни културните права не може да се користат во оправдување на кршењето на човековите права, без разлика дали тоа се извршува од страна на малцинството или мнозинството.
Почитувањето на разновидноста треба да се случува во рамката на човековите права и не треба да се користат како причина за дискриминација. Разновидноста е единствено можна во достоинство; еднаквоста мора да коегзистира со разновидноста.

Спортовите и човековите права 

Пјер де Кубертен – „таткото“ на модерните Олимписки игри – верувал дека спортските настани и меѓународните настани се особено значајни алатки за промовирање на човековите права: спортовите би требало да имаат експлицитна функција и да го поттикнуваат активниот мир, меѓународното разбирање во духот на заемно почитување помеѓу луѓето со различно потекло, идеологија и вера.

Ниту една декларација или конвенција за човекови права не содржи специфично спомнување на спортот. Сепак, Меѓународниот олимписки комитет (IOC) наведува во неговата Олимписка повелба дека „практикувањето на спорт е човеково право. Секој поединец мора да има можност за практикување на спорт, без дискриминација од било каков вид и во олимписки дух.“.15

Учеството во спортот може да ги промовира човековите права преку генерирање на споделени интереси и вредности и да поучува општествени вештини кои се потребни за демократското граѓанство. Спортот го унапредува општествениот и културниот живот преку спојување на поединците и заедниците. Спортовите можат да помогнат во надминувањето на разликите и  , во поттикнувањето на дијалогот, а со тоа се кршат и стереотипите и предрасудите, културните разлики, игнорирањето, нетолеранцијата и дискриминацијата

Спортот често се користи како прв чекор во ангажирањето на ранливите и маргинализирани групи. Уличниот фудбал често се користи во многу внатрешни градски области како начин младинските работници да остварат контакт со оттуѓените млади луѓе. Светскиот куп за бездомници е меѓународен фудбалски турнир каде тимовите се целосно составени од бездомни лица. Настанот се одржува еднаш годишно од 2003. На официјалната веб-страница на Организацијата можеме да прочитаме дека „...истражувањето на влијанието на Светскиот куп за бездомници во Копенхаген, 2007, уште еднаш покажа значајна промена во животите на играчите – 71% од играчите се откажале од дроги и алкохол, нашле работа, дом, обуки, образование, ги поправиле врските, додека сите продолжиле да играат фудбал.16

Спортистите како модели (примери) 

„Најважното нешто не е да се победи, туку да се учествува.“
Мото на Олимписките игри

На спортистите и спортистките често им се восхитуваат за нивниот статус, достигнувања, а понекогаш и за нивниот инспиративен пат до успехот. Многу млади луѓе се огледуваат на нив заради нивните напори во борбата за социјална правда и човекови права. На пример, Лилијан Тирем е играч со најмногу настапи во историјата на францускиот национален фудбалски тим и е познат по неговата борба против расизмот и одбраната на младите луѓе. Ерик Кантона е, исто така, поранешен познат фудбалер. Тој потекнувал од сиромашно емигрантско семејство, а денес е добро-познат по неговото дејствување и неговата поддршка за бездомните лица.

ОН се потпираат на некои познати личности од светот на уметноста, музиката, филмот, литературата и спортот за да го свртат вниманието кон нивните активности и да ја промовираат мисијата на организацијата.
Примерите го вклучуваат следново: фудбалерот Лео Меси, Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ; тениската ѕвезда Марија Шарапова, Амбасадорка на добрата волја на Развојната програма на ОН (UNDP), а пејачката Селин Дион – уметник на УНЕСКО за мир.17

Спорт без граници 18

Спорт без граници е непрофитна организација, која ја основале група спортисти од различни спортови. Таа е посветена на заштита на правото на игра и учество во спортовите: секое дете, без разлика на социо-економскиот статус или контекст во кој живее, мора да има право на игра и право на учество во спорт; таа промовира образование преку спорт, работејќи со население во ризик, а со тоа придонесува и во борбата против нееднаквоста. Нејзиното мото е: „Солидарноста, првенствено, е колективен спорт.“
www.playthegame.org

Кршењето на човековите права поврзано со спортовите 

Употребата на подобрување на ефикасноста на лековите, најверојатно, е најпозната злоупотреба на човековото достоинство и здравје. Исто така, постојат контроверзни прашања за хормонскиот третман и тестирањето на полот на спортистките кој треба да се прави со почит, човеково достоинство и право на приватност. Спонзорите можат да ги експлоатираат спортистите, а амбициозните родители можат да ги експлоатираат децата кои рано покажуваат преголема способност. Интензивниот тренинг и притисок за натпревар може да водат до спортски повреди и да бидат ризик за менталната благосостојба.
Спортските можности не се секогаш инклузивни и често постојат елементи на дискриминација врз жените, религиозните и културните малцинства или други групи во пристапот до спортските сали, на пример, на училиште, часови по фудбал им се нудат само на момчињата. Рекламните притисоци и интереси можат да водат до злоупотреба на човековите права и да го потценуваат достоинството и почитта кон другите луѓе. На пример, некои спортисти прифаќаат мито за намерно да прават „професионални грешки“ во фудбалот или да ги местат натпреварите во крикет. Некои злоупотреби на човековите права се поврзани со глобализацијата на индустријата за спортски производи. На пример, производителите на спортска облека и опрема се критикувани заради договорот со фабриките каде се експлоатира детскиот труд.

Прашање: Дали сите спортови се еднакво достапни за сите млади луѓе? 

Најчестиот предизвик на човековите права, поврзан со спортот, е рамноправноста и недискриминацијата.
Ефективното применување на рамноправноста во пристапот при спорт се соочува со разновидни економски, социјални и логистички бариери: постоењето на спортски сали, можноста да се има пристап до нив и цената за нивно користење, запишувањето во спортски клубови и објекти, достапноста на објектите итн. И покрај широко-признатата интеграциона улога на спортот, во повеќе земји многу млади луѓе, де факто, се лишени од пристапот до спорт.

Спорт и политика 

Од поодамна, спортот се користел како мирољубив начин на политичко дејствување против неправдата. За време на ерата на Апартхејдот, многу земји одбивале да имаат спортски релации со Јужна Африка, што дава значаен придонес за политичка промена во таа земја. Во 1992, тогашната Сојузна Република Југославија беше заменета со Данска во UEFA Европскиот фудбалски шампионат поради воената состојба помеѓу републиките во поранешна Југославија.
Сепак, спортот може да се злоупотреби и за националистички или политички цели. На пример, во 1972 на Олимписките игри во Минхен, осум палестински терористи го нападнаа израелскиот тим и зедоа заложници. Двајца спортисти беа убиени во препирањето, а девет заложници беа убиени по неуспешниот обид за спасување од страна на германската полиција. Олимписките игри, особено, долго време се користеа како форум на народите за креирање на политички изјави. На пример, САД заедно со 65 други народи ги бојкотираа игрите во Москва во 1980 поради советскиот напад врз Авганистан. Советскиот Сојуз и уште петнаесет негови сојузници подоцна ги бојкотираа наредните игри во Лос Анџелес во 1984 поради безбедносни причини и страв од барање на политички азил. Последно, изборот на Пекинг за Олимписките игри во 2008 беше критикуван поради недостатокот на демократија и злоупотребата на човековите права во Кина.

Спорт и расизам 

Расизмот во спортот може да ги погоди сите спортови и може да се манифестира на неколку нивоа, во аматерскиот спорт и на институционално и меѓународно ниво, како и во медиумите. Може да се појави, особено, на локално ниво, но не и само таму, туку и во интеракција (поради вистински или замислени причини, како што се боја, религија, националност или етничко потекло) помеѓу или против играчите, тимовите, тренерите, гледачите, како и против судиите. Одговорноста за борба против расизмот во спортот паѓа врз секого, вклучувајќи ги авторитетите (носители на закони, судови, полиција, владини тела одговорни за спорт и локални авторитети), невладини организации (професионални и аматерски национални спортски здруженија, клубови, локални спортски здруженија, навивачки клубови, организации на играчи, анти[1]расистички здруженија итн.) како и поединци.

Мондијали Антирацисти

Ова е меѓународен фудбалски турнир и голем фестивал на антирасизмот, кој се одржува секоја година во близина на Болоња, Италија. Отворен е за навивачки групи, антирасистички организации, здруженија на имигранти, младински групи и секој што ужива во фер-плеј фудбал. Турнирот не е натпреварувачки и има за цел да ги зближи луѓето. Покрај натпреварите, се организираат и многу други активности, како што се дискусии, работилници, проекции на филмови, концерти и сл.
http://www.mondialiantirazzisti.org

Прашање: Дали еден осомничен хулиган би требало да се спречи да патува во други земји и да гледа натпревари? Што е со неговото право на слобода на движење?

Културата и младите луѓе 

„Што се случува со нашите млади луѓе?
Тие не ги почитуваат повозрасните, не ги слушаат нивните родители.
Тие ги игнорираат законите. Тие предизвикуваат немири по улиците со разгорени диви идеи. Нивниот морал се распаѓа. Што ќе биде со нив?“
Платон, 4 век п.н.е

Ние, често пати, генерализираме и зборуваме за културата на одредена земја и го занемаруваме фактот дека културата е плуралистичка. Слично на тоа, грешно е да се зборува за младинската култура како хомогена структура. Во Европа, социјалните и економски промени, кои се случуваат од Втората светска војна, водат до поголем број на младински субкултури. Младите луѓе, со нивните специфични потреби, знаење, принципи, практики, интереси, однесувања и соништа, ја обновуваат културата во која растат и создаваат своја, некои целосно прифаќајќи ја, а некои отфрлајќи ја.

Пристапот и учеството во културните активности можат да бидат насока во кохезијата и интеграцијата, како и промовирањето на активно учество. Според тоа, важно е младите луѓе, да имаат „пристап до културата“, или како консументи, на пример, на библиотеки, музеи, опери или фудбалски натпревари, или како креатори, на пример, на музика, филмови или како активни учесници во танц или спорт.

Прашање: Дали сите граѓани во вашата земја имаат еднаков пристап до учеството во културниот живот во општеството?

Европскиот младински форум е платформа на европски младински организации.
www.youthforum.org

Пристапот на младите луѓе до културата може да биде фасилитиран на различни начини, на пример, преку нудење на субвенцирани цени, сезонски билети, намалени цени на претплатата или слободен влез за младите луѓе во музеи, уметнички галерии, опери, театарски претстави и концерти на симфониски концерти. Исто така, пристапот се поттикнува преку образовни активности и активности во слободното време, на пример, претплати за младински театарски групи, членарина во младинските клубови, центри во заедницата, младински и културни центри.
Ревидираната Европска повелба за учество на младите луѓе во локалниот и регионалниот живот им препорачува на локалните и регионалните власти „да ги поддржат социо-културните активности, водени од страна на младинските здруженија и организации, младински групи и центри во заедницата, кои, заедно со семејството, училиштето или работата, се еден од столбовите на општествената кохезија во општината или регионот; овие се идеален премин за младинското учество и имплементацијата на младинските политики во полето на спортот, културата, изработките и занаетите, уметничките и други форми на креирање и изразување, како и во полето на општественото дејствување.“Според сфаќањето на повелбата, општественото и културното учество се испреплетени. Повеќето младински организации ги развиваат нивните активности во овој дух. Тие можеби имаат или немаат култура или спорт како нивна првенствена цел, но тие постојат и работат на промовирање на благосостојбата на младите луѓе, кое не може да се сфати без општествена, културна и спортска компонента. Некои младински организации директно се бават со формите на културно учество и меѓукултурна размена (како што е Европската федерација за меѓукултурно учење, Младите за размена и разбирање или Екуменскиот младински совет во Европа); некои други ставаат подиректен фокус на спортот, како што се Меѓународно спортско и културно здружение или Европската спортска невладина организација. Сите, особено големите и мали активни организации на локално ниво, нудат можности за младите луѓе да бидат актери во општествениот и културниот живот, а ова значи многу повеќе од обични консументи на културните понуди, создадени од други.

Работата на Советот на Европа 

Европската младинска карта е карта која нуди попусти за култура, патувања, сместување, купување и услуги во многу европски земји за млади луѓе.
www.eyca.org

Европска културна конвенција 19

Оваа конвенција на Советот на Европа датира од 1954. „Целта на оваа конвенција е да се развие заемно разбирање помеѓу народите од Европа и заемна почит на нивната културна разновидност, да се зачува европската култура, да се промовира националниот придонес кон европското заедничко културно наследство, почитувајќи исти основни вредности и особено да се поттикне изучувањето јазици, историја и цивилизација на земјите потписнички на оваа конвенција. Конвенцијата придонесува за здружено дејствување, поттикнувајќи културни активности од европски интерес.“ 

„Ние треба да развиеме политичка култура заснована на човековите права.“
Нелсон Мандела

Бела книга за интеркултурен дијалог 

Во 2008, министрите од Советот на Европа ја промовираа „Белата книга“ за интеркултурен дијалог на Советот на Европа – „Живееме заедно еднакви во достоинството“. Во Советот на Европа, интеркултурниот дијалог се смета како средство за промовирање на свесност, разбирање, помирување и толеранција, како и превенирање на конфликти и обезбедување на интеграција и кохезија во општеството. „Белата книга“ овозможува различни ориентации за промовирање на интеркултурниот дијалог, заемна почит и разбирање, засновани врз главните вредности на организацијата. Министрите го нагласиле значењето од обезбедување на соодветна видливост на „Белата книга“ и го повикаа Советот на Европа и неговите држави членки, како и други значајни учесници, да понудат соодветни идни активности врз основа на препораките од „Белата книга“.

Анти-допинг конвенција 

Анти-допинг конвенцијата е меѓународен, правен, референтен инструмент во борбата против допингот. За потпис беше отворена во 1989 и оттогаш 51 земја ја имаат ратификувано. Конвенцијата воспоставува заеднички стандарди и регулативи кои бараат од државите-членки да усвојат законски, финансиски, технички, образовни и други мерки во борбата против допингот во спортовите.

Европска конвенција за насилство на гледачите 

Конвенцијата има за цел да го спречи и да го контролира насилството на гледачите и недоличното однесување, како и да овозможи безбедност на гледачите за време на спортските настани. Конвенцијата е ратификувана од 41 земја. Се однесува на сите спортови, воопшто, но посебно на фудбалот. Ги обврзува државите-членки да преземаат практични мерки за спречување и контрола на насилството. Исто така, воспоставува мерки за идентификување и казнување на напаѓачите.

Параолимписки игри 

Параолимписките игри се спортско натпреварување за луѓе со попреченост, вклучувајќи лица со ампутирани екстремитети, луѓе со пречки во видот, параплегичари и луѓе со церебрална парализа. Параолимписките игри започнале во 1948 и од 1952 Параолимпијадата се одржува во олимписки години. Зимските параолимписки игри за прв пат се одржани во 1976. Првата вистинска паралела со Олимписките игри се случува во Сеул, Јужна Кореја, во 1988, кога спортистите имале параолимписко село и биле поддржани од Меѓународниот олимписки комитет (IOC), а биле предводени од Меѓународниот параолимписки комитет (IPC).

Кон културата на човековите права 

Иако сите ние комуницираме на различни начини и степени во различни култури и „субкултури“, ние, прво и пред сé, сме човечки суштества и во таа смисла сме актери и играчи во најуниверзалната култура – културата на човековите права. Ова е култура каде луѓето ги знаат и ги почитуваат своите права, како и правата на другите, тие се одговорни за достоинството на поединецот и достоинството на другите и секој ден дејствуваат на начини кои се кохерентни со принципите на човековите права.
Не е прашање создавањето на нова култура или нова идеологија или филозофија, туку поддршка секоја култура да ги интегрира принципите на човековите права во нејзините закони, политички системи и културни практики. Можеби добар начин да се започне е преку гледање на светот околу себе и преку леќите на човековите права, а со тоа и да се делува последователно.23 Ова е затоа што заштитата и промовирањето на човековите права не е специфичност на една одредена култура, религија или етникум: тоа треба да нé обединува во нашата различна културна припадност и во идентитет.

Фусноти

1 „Генерација на промени, млади луѓе и култура“,Младински додаток од Извештајот за состојбата на светската популација на UNFPA, 2008: www.unfpa.org/webdav/site/global/shared/documents/publications/2008/swp_youth_08_eng.pdf
ec.europa.eu/public_opinion/archives/ebs/ebs_334_fr.pdf
3 Еме Сезер, писател од Мартиник, зборувал на Светскиот конгрес на црни писатели и уметници во Париз: www.wsu.edu/gened/learn-modules/top_culture/quotations-on-culture
4 Онлајн етимолошки речник: www.etymonline.com/index.php?term=culture (traduction libre en français)
5 Општкоментар No. 21 на чл. 15, параграф 1 (a), на Меѓународен пакт за економски, социјални и културни права, Комитет за економски, социјални и културни права, 2009
6 T-Kit on Training Essentials, Совет на Европа и Европска комисија, 2002: www.youth.partnership-eu.coe.int/youth-partnership/publications/T-kits/6/Tkit_6_FR
7 Европска спортска повелба, Совет на Европа, 1993 
8 Здруженија за образование за човекови права : www.hrea.org/index.php?base_id=157
www.un.org/en/documents/udhr/
10 Круг на правата, Ресурсен центар за човекови права, дел 5 модул 17: www1.umn.edu/humanrts/edumat/IHRIP/circle/modules/module17.htm
11 portal.unesco.org/en/ev.php-URL_ID=13147&URL_DO=DO_PRINTPAGE&URL_SECTION=201.html
12 www.un.org/esa/socdev/unpfii/documents/DRIPS_en.pdf
13 Ајтон-Шенкер Дајана, „Предизвикот на човековите права“, Оддел за јавни информации во Обединетите нации DPI/1627/HR 1995: www.un.org/rights/dpi1627e.htm
14 Амин Малуф, Во името на идентитетот: Насилство и потреба за припадност, Њујорк: Arcade Publishing 2000.
15Олимписка повелба, Меѓународен Олимписки комитет, 2011: www.olympic.org/Documents/olympic_charter_en.pdf
16 За повеќе информации, погледнете: www.homelessworldcup.org/
17 See more extensive lists at www.un.org/sg/mop/gwa.shtml et http://portal.unesco.org/en/ev.php-URL_ID=4049&URL_DO=DO_TOPIC&URL_SECTION=201.html   
18Погледнете ја проширената листа на: www.sportsansfrontieres.org
19 conventions.coe.int/Treaty/Commun/QueVoulezVous.asp?NT=018&CL=FRE&NT=018
20 www.coe.int/t/dg4/intercultural/Source/Pub_White_Paper/White%20Paper_final_revised_FR.pdf
21 http://conventions.coe.int/Treaty/Commun/QueVoulezVous.asp?CL=FRE&NT=135
22 http://conventions.coe.int/Treaty/Commun/QueVoulezVous.asp?CL=FRE&NT=120
23 Интересна дискусија во врск со прашањето од Здружениот форум за образование за човекови права: www.hrea.org/lists/hr-education/markup/msg01188.html

Image: Theme 'Culture and sport' by Pancho

compass-key-date
  • 21 ФевруариМеѓународен ден на мајчиниот јазик
  • 21 МартСветски ден на поезијата
  • 23 АприлСветски ден на книгата и авторските права
  • 3 МајСветски ден за слобода на печатот
  • 21 МајСветски ден за културна разновидност за дијалог и развој
  • 28 МајЕвропски ден на соседите
  • 9 АвгустМеѓународен ден на домородното население
  • 12 АвгустМеѓународен ден на младоста
  • 1 ОктомвриМеѓународен ден на возрасните луѓе
  • 1 OctoberInternational Music Day
  • 25 ОктомвриМеѓународен ден на уметниците
  • 11 НоемвриМеѓународен ден на науката и мирот
  • 21 НоемвриСветски ден на телевизијата