Каде стоиш ти?
Дали е навистина поважно да имате дом, храна и основни работи отколку да можете да кажете што ви се допаѓа?
- Преглед
- Во оваа активност со дискусија луѓето буквално застануваат зад своите мислења.
- Поврзани права
- Сите
- Цели
- Да се разберат разликите меѓу граѓанските и политичките права,и социјалните и економските права
- Да се користат и развиваат вештини за дискусија и аргументација
- Да се поттикне почит и отвореност
- Материјали
- Една копија од листот со изјавите
- Големи листови хартија или флипчарт хартија, пенкала
- Конец или креда (опционално)
- Копии од поедноставената УДЧП
- Простор за луѓето да се движат
- Подготовка
- Подгответе 2 постери - една реченица: „Се согласувам“, а другата реченица, „Не се согласувам“ - и залепете ги на подот на спротивните краеви на просторијата, така што луѓето можат да формираат права линија меѓу нив.(Можеби ќе сакате меѓу нив да нацртате линија со креда или да користите конец)
- Информирајте се за тоа зошто луѓето зборуваат за „генерации на права“ и двете категории на граѓански и политички, и социјални и економски права. (Видете ги советите за обучувачите подолу и Глава 4).
compass-key-date
- 5 ДекемвриМеѓународен ден на волонтери за економски и социјален развој
Инструкции
1. Започнете со многу краток вовед за разликите меѓу граѓанските и политичките права, и социјалните и економските права.
2. Користете 5 минути во бура на идеи на различните права кои ќе потпаднат под секоја категорија. Напишете ги правата на флипчартот под насловите, граѓански и политички права и социјалните и економски права.
3. Објаснете дека сега ќе прочитате низа изјави со кои луѓето можат да се согласуваат во поголема или помала мера.
4. Истакнете ги двете екстремни позиции - постерите во кои се наведува „Се согласувам“ и „Не се согласувам“. Објаснете дека луѓето може да заземат некоја точка долж (замислената) линија, но дека треба да се обидат да се позиционираат, колку што е можно, до луѓето чии погледи речиси се совпаѓаат со нивниот. Дозволена е кратка дискусија додека луѓето ги наоѓаат своите места!
5. Прочитајте ги изјавите по ред .
6. Стимулирајте размислување и дискусија. Прашајте ги оние на крајните точки да објаснат зошто ги зазеле овие екстремни позиции. Прашајте некој блиску до центарот дали нивната позиција укажува на недостаток на силно мислење или недостаток на знаење.
7. Дозволете им на луѓето да ја преместуваат позицијата додека ги слушаат коментарите на другите.
8. Кога ги поминавте изјавите, вратете ја групата повторно заедно за резимирање.
Резимирање и евалуација
Започнете со разгледување на самата активност, а потоа продолжете да разговарате за тоа што луѓето научиле.
- Дали имало некакви прашања за кои луѓето сметале дека е невозможно да се одговорат - или поради тоа што било тешко да се донесе одлука, или поради тоа што прашањето било лошо формулирано?
- Зошто луѓето ја менува позицијата за време на дискусиите?
- Дали луѓето беа изненадени од степенот на несогласување за прашањата?
- Дали е важно ако не се согласуваме за човековите права?
- Дали мислите дека постојат „правилни“ и „погрешни“ одговори на различните изјави, или е тоа само прашање на лично мислење?
- Можно ли е некогаш сите да постигнат договор за човековите права?
- Дали постои фундаментална разлика помеѓу (првите) две „генерации“ на човековите права: граѓански и политички права и социјални и економски права? Дали е можно да се каже кое од овие е поважно?
- Дали ни требаат повеќе права? Дали може да има трета генерација на права?
Совети за обучувачите
Можеби ќе сакате побрзо да го започнете делот од активноста со позиционирање, без да дадете многу време за дискусија помеѓу различните точки, а потоа да одберете две или три изјави и подетално да ги разговарате со целата група. Но, вреди да се запре активноста на одредени места со цел да им се даде на луѓето можност да размислуваат и за некои од поентите и за нивната позиција во однос на другите.
Оваа активност ги опфаќа сите човекови права, но особено социјалните и економските права; на пример, правата на работа и слободно време, на здравствена заштита и на основен животен стандард.
Изјавите дадени подолу се дизајнирани да опфатат некои од дебатите што постојат во врска со разликата меѓу граѓанските и политичките права, од една страна, и социјалните и економските права од друга страна. Нема потреба на почетокот од активноста да се оди многу детално, бидејќи многу поенти ќе се појават во текот на дискусијата.
Сепак, две работи можеби вреди да се извлечат преку воведување. Прво, едноставната дистинкција дека граѓанските и политичките права се оние морални барања што му ги поставуваме на владите во врска со граѓанските и политичките прашања, како што е правото на правично судење, за гласање, за изразување на нечие мислење, итн; а социјални и економски права се оние барања кои се поврзани со социјалните и економските прашања - како што се бездомништво, несоодветна здравствена заштита, сиромаштија итн.
Втората поента е дека некои луѓе повлекоа фундаментална разлика помеѓу различните видови на права. Социјалните и економските права, се сметаат од многумина дека се помалку важни и/или потешки да се гарантираат отколку граѓанските и политичките права.
Во текот на бурата на идеи, можеби ќе сакате да им дадете на учесниците копии од поедноставената УДЧП од страна 600, за да ги поттикне нивните сеќавања; алтернативно, можете сами да прочитате на глас некои од членовите, и да ги замолете учесниците да ги стават во точната категорија. Членовите 16 и 22-29 генерално се сметаат дека се однесуваат на социјално-економските права.
Варијации
Направете други изјави, или замолете ги членовите на групата да направат свои.
Предлози за следни активности
Организирајте формална дебата за едно од прашањата, барајќи од луѓето однапред да ги подготват своите аргументи, а потоа гласајте на крајот од дебатата. Можете да поканите да присуствуваат други млади луѓе или членови од јавноста.
Знаењето за човековите права е важно, но исто така важно е да се биде активен граѓанин доколку правата треба да се заштитат. Можеби ќе сакате да ја пробате активноста, „Избори“, на страница 168. Таа го разгледува прашањето за убедување на другите кон вашето мислење.
Кога зборувате за човековите права, важно е да бидете свесни за зборовите кои ги користите и влијанието што тие го имаат. На пример, треба да размислите дали да кажете „геј“ или „хомосексуалец“,или дали да се користи терминот „лица со посебни потреби“, „хендикепирани лица“ или „лица со попреченост“. Групата може да разговара за прашањата на обичниот говор и политичката коректност преку активноста „Светла иднина“ во образовниот пакет „Сите различни - Сите еднакви“.
Идеи за акција
Стапете во контакт со локална организација која работи на човекови права или социјална помош и најдете како можете да придонесете.
Понатамошни информации
Поглавје 4 од прирачникот содржи основни информации за различните генерации на права, вклучувајќи и вовед во „третата генерација“ права.
Прилози
Лист со изјави
• Поважно е да имаш дом, храна и основни потреби отколку да можеш да кажеш што сакаш.
• Луѓето имаат должност да работат, но не и право.
• Најосновна одговорност на секоја влада е да осигура дека сите граѓани имаат доволно за јадење.
• Правото на „одмор и слободно време“ е луксуз што можат да си го дозволат само богатите луѓе.
• Не е работа на владата да осигура луѓето да не гладуваат – туку на народот!
• Начинот на кој одлучуваме да ги третираме нашите работници не е работа на меѓународната заедница.
• Сиромашните земји треба да се концентрираат на обезбедување на основен стандард на живеење за сите пред да се грижат за граѓанските и политичките права на нивните граѓани.
• Екстремната економска нееднаквост е прекршување на основните права.
• Социјалните и економските права го изразуваа идеалот за иднината, но светот не е подготвен да ги гарантира денес.
• Ако не може да се гарантираат правата, нема смисла да ги има.
• Некои права се поважни од другите.
• Некои луѓе, се разбира, имаат повеќе права од другите.
• Некои луѓе се без покрив над главата, бидејќи така сакаат да бидат.
• Богатите луѓе се посреќни од сиромашните луѓе.
• Невозможно е целосно да се искорени сиромаштијата.
• Ние не сме родени со права; ние ги добиваме.