Полицијата секогаш доаѓа доцна – ако воопшто дојде.

Трејси Чепмен

Преглед

Учесниците дискутираат студии на случаи за да ги анализираат причините и начините да се спречат различните типови на семејно насилство.

Поврзани права

• Право на живот, слобода и лична сигурност
• Слобода од мачење и деградирачки треман
• Право на еднаквост пред законот

Цели

• Да се продлабочи свеста за различните форми на семејното насилство
• Да се развиваат вештини за дискусија и анализа на кршењето на човековите права
• Да се промовира емпатија и самодоверба за да се заземе став против семејното насилство

Материјали

• Големи листови хартија или табла и пенкала за бура на идеи и групна работа
• Одберете еден или повеќе студии на случај или напишете свои. Направете доволно копии, по една за секој учесник
• Копии од „Упатства за групни дискусии“ (по една за секоја мала група)

Подготовка

• Стапете во контакт со организации кои се активни во поддршката на жртвите од семејно насилство во вашата земја или заедница.
• Внимателно размислувајте за прашањата поврзани со семејното насилство кои сакате да ги истакнете во текот на активноста. Бидете подготвени да им помогнете на некој/а од учесниците доколку некое од прашањата е премногу лично за него/нејзе.

compass-key-date
  • 25 ноемвриМеѓународен ден за елиминирање на насилството врз жените

Инструкции

1. Претставете ја темата преку бура на идеи за „најчестите форми на насилство во нашето соседство“. Запишете сé што ќе кажат учесниците, но не дискутирајте ништо во оваа фаза. Ставете го флип-чартот или таблата на место каде што сите ќе можат да го видат.
2. Замолете ги луѓето да се поделат во мали групи, од по двајца до шест луѓе во група. Би требало да има најмалку три групи.
3. Поделете ги копиите од студиите на случај и „Упатства за групни дискусии“.
4. Дајте им на учесниците пет минути да ги прочитаат студиите на случај. Нагласете дека нивните дискусии треба да се фокусирани на овие студии на случај. Учесниците треба да се свесни дека дискусиите за семејно насилство можат да бидат многу лични и никој не треба да чувствува притисок и да открие повеќе отколку што сака.
5. Дајте им на учесниците еден час за нивната групна работа.
6. На крајот, вратете се пленарно и продолжете со резимирање и оценување. 

Резимирање и евалуацијаGoto top

Започнете со кратко резиме за тоа како одеше групната работа. Дали се случиле настани, како од студиите на случај, во вашиот град? Колку значајни беа прашањата? Ако различни групи работеа со различни студии на случај, дозволете им на групите да дадат повратни информации за нивните анализи за различни злосторства. Потоа продолжете со разговор за тоа колку е важно за вашиот живот:

  • Колку е распространето семејното насилство во твојата заедница и твојата земја, во целост?
  • Кои човекови права се во прашање?
  • Кои се причините за семејно насилство?
  • Зошто побројни се случаите кога мажите се насилни врз жените отколку кога жените се насилни врз мажите?
  • Како може да се запре семејното насилство? Што би можело/требало да се направи од страна на:

– државните органи?
– локалната заедница?
– луѓето кои се вклучени
– пријателите и соседите?

  • Размислете за различните форми на насилство кои беа дискутирани. Погледнете, уште еднаш, во почетната листа со бура на идеи. Дали има уште точки кои треба да се додадат на листата?Прашајте дали некој сака да работи и понатаму на некое од покренатите прашања и дискутирајте кои би биле нивни идни активности или кои дејства би ги презеле.

Совети за обучувачитеGoto top

Семејното насилство и злоставување не прават дискриминација. Се случуваат помеѓу хетеросексуални парови и истополови парови. Се случува на секоја возраст, етничко потекло и економско ниво. И додека, вообичаено, жените се жртви, мажите, исто така, се злоставувани – особено вербално и емоционално. Семејното злоставување, исто познато и како брачно злоставување, се случува кога една личност, во интимна врска или брак, се обидува да доминира и да ја контролира другата личност. Семејното злоставување, кое вклучува и физичко насилство, е наречено семејно насилство.
Поголемиот број инциденти од семејното насилство се кон жената и се случуваат дома, па оттаму доаѓа и насловот „Домашни работи“. Понекогаш, иако ретко, злоставувачот е жена; затоа ја вклучивме и приказната на Ханс.

Кога размислувате за активноста, бидете свесни за потребата за чувствителност и анонимност/приватност (некои учесници можеби имале лични искуства со семејно насилство во домот или семејството). Појаснете дека никој не треба да чувствува притисок да открие повеќе отколку што сака. Чувствувајте се слободно да смените некои од деталите или да замените со други студии на случај со цел да излезете во пресрет на потребите на учесниците.

Машките учесници може бурно да реагираат на активноста или на некои од дискусиите. Важно е да се има во предвид дека целта не е мажите или момчињата да се чувствуваат виновни за она што го прават некои други луѓе. Сепак, некои луѓе расправаат дека мажите се дел од еден угнетувачки, патријархален систем, а, исто, играат улога во него – постулат кој може да води кон некои интересни дискусии. Можеби ќе сакате да истражувате какви се последиците од машкото насилство врз жените, врз самите мажи, и директно и индиректно.

Завршете ја сесијата со едно-минутно молчење за жртвите на семејно насилство. Тоа е моќен начин да се приближи активноста и да се промовира емпатијата и солидарноста.

ВаријацииGoto top

Некои од групата може да почнат со драматизација на сцената; останатите се публика. Обучувачот ја запира драматизацијата на интервали и ги поканува присутните да предложат алтернативни однесувања кои би можеле да ја прошират ситуацијата, а водат кон позитивен исход.

Предлози за идни активностиGoto top

Групата може да стапи во контакт со локалната полиција и да дознае што прават тие кога ќе добијат повик за помош во случаи на семејно насилство. Друга можност е да ја контактираат најблиската организација за помош на жени и да поканат говорник да ги презентира фактите и бројките за ситуацијата во нивната локална заедница

Уште една, речиси табу тема, е сексуалноста и особено – хомосексуалноста. Ако групата сака да ги истражува овие прашања, тие можат да ја погледнат активноста, "Ajде да зборуваме за секс".

Идеи за акцијаGoto top

Контактирајте локален женски центар за бегалци, информативен центар или организација која работи со женски права и дознајте кои се нивните потреби и како вие можете да им помогнете.

Понатамошни информацииGoto top

Иако жените можат да бидат и злоставувачи и злоставувани во истополови врски, но сепак, според огромниот број на случаи, жените и девојките се жртви на насилство од мажи. Заради оваа причина, Декларацијата за елиминација на насилство врз жените (CEDAW) беше усвоена од страна на Генералното Собрание при Обединетите Нации во 1993 година. Таа го дефинира насилството врз жените како „секој чин на родово-базирано насилство кој резултира со физичко, сексуално или психичко наштетување или страдање на жените, вклучувајќи и закани од вакви дејства, принуда или своеволно одземање на слободата, без разлика дали се случуваат во јавниот или приватниот живот. “Тоа опфаќа, но не е ограничено на „физичко, сексуално и психичко насилство, кои се случуваат во семејството, вклучувајќи и тепање, сексуална злоупотреба на женски деца во домаќинството, злоставување на жената заради миразот, силување од страна на брачниот партнер, кастрирање на женските генитални органи и други традиционални практики, болни за жените; вонбрачно насилство и насилство поврзано со експлоатација; физичко, сексуално и психичко насилство кое се случува во заедницата, воопшто, вклучувајќи силување, сексуална злоупотреба, сексуално вознемирување и заплашување на работа, во образовни институции и насекаде; трговија со жени и присилна проституција; и физичко, сексуално и психичко насилство, направено и одобрено од страна на државата, без разлика каде и да се случува.“
За информации за CEDAW, погледнете го Поглавје 5 Род.

 

Насилство врз жените низ животниот циклус
Фаза Вид на насилство
Пред раѓање Абортус заради избор на полот; последици од тепање врз плодот за време на бременост
Рано детство Убиство на женски новороденчиња; физичка, сексуална и психичка злоупотреба
Детство Детски бракови; кастрирање на гениталните органи кај девојчињата; физичка, сексуална и психичка злоупотреба; инцест; детска проституција и порнографија
Адолесценција и зрелост Насилство за време на излегување и додворување (пр. фрлање киселина и силување); материјално-поттикнат секс (пр. девојчиња на училишна возраст имаат сексуални односи со возрасни мажи, кои за возврат, им ја плаќаат школарината); инцест; сексуална злоупотреба на работно место; силување; сексуално вознемирување; присилна проституција и порнографија; трговија со жени; насилен партнер; брачно силување; злоставување на жената заради миразот и убиства; убиство на партнерот; психичка злоупотреба; злоупотреба на жени со попреченост; присилна бременост
Старост Присилно „самоубиство“ или убиство на вдовици заради материјални причини; физичка, сексуална и психичка злоупотреба
  Извор: Насилство врз жените (Информативен пакет) – Светска здравствена организација, 1997

 

Семејно насилство

Кршењето на човековите права на жените не е нешто што се случува само во војна. Тоа е нешто што прво и најчесто се случува дома. „Приватната“ природа на ова насилство е причина што секогаш ја правеше и сé уште ја отежнува интервенцијата и дејствувањето.
Истражувањата постојано покажуваат дека жената е најчесто повредена, силувана или убиена од сегашен или бивш партнер, отколку од некоја друга личност. Семејното насилство не ја повредува само жената, туку и децата, со особено висока застапеност кај девојчињата и младите жени.

Изложба „Неми сведоци“

Оваа активност беше инспирирана од една изложба на семејно насилство и убиство на жени, која беше донесена во Европскиот младински центар во Будимпешта од Здружението за женски права NANE (Будимпешта, Унгарија), вклучувајќи ги и приказните за Естер и Кати. Целта на оваа изложба беше да се подигне јавната свест за димензиите и бруталноста на семејното насилство и убиство, преку раскажување на приказните на убиените жени - „немите сведоци“.

Организирањето изложба „Неми сведоци“ може да биде многу практичен и ефективен начин за запознавање со проблемите на семејното насилство во вашата заедница, вашиот град или регион. Постојат и книги за тоа како да пронајдете сведоци и како да ја организирате изложбата, вклучувајќи ја и книгата со наслов „Резултати“, која зборува за првите години од кампањата во САД и содржи многу приказни, кои можат да се искористат како примери. Адресата на вебстраницата е www.silentwitness.net. Исто така, содржи долга листа на меѓународни контакти кои веќе имале вакви изложби.

Прв европски закон за родово-базирано насилство

Органски закон за интегрирани заштитни мерки против родово насилство. На 22 декември 2004 година, Шпанија го усвојува законот кој обезбедува формирање на специјални судови и интегрални рехабилитациони центри, подобрена помош за жртвите и серија на процедури со цел заштита на жените под закана.  

Специјален известувач на ОН за насилство врз жените

Во јуни 2009 година, ОН ја формираа канцеларијата на Специјалниот известувач за насилство врз жените. Во 2010 година, првиот назначен известувач, Рашида Манџу, го подготви првиот тематски извештај, доставен со Советот за човекови права за насилство врз жените, причини и последици. Погледнете го извештајот на www2.ohchr.org.

Дополнителни извори на Интернет

Забелешка:
За случаите на Kati и Eszter известил Morvai Krisztina во Terror a családban

– A feleségbántalmazás és a jog (Терор во семејството – тепањето на жени и законот), Kossuth Kiadó, Будимпешта,1998.

  • www.wave-network.org Европскиот информативен центар против насилство има база на податоци од организации за помош на жени низ Европа.
  • www.womenlobby.org The European Women's Lobby.
  • www.ewlcentreonviolence.org  е веб-страница на Европскиот центар за женско лоби против насилство врз жените. Изобилува со информации за насилството врз жените, вклучувајќи ги и извештаите на земјите.
  • www.whiteribbon.ca Кампањата „Бела панделка“ е „најголемиот напор на мажите кои работат на завршување на машкото насилство врз жените“.
  • www.europrofem.org  EuroPRO-Fem, Европската про-феминистичка машка мрежа е мрежа на организации и проекти на мажи загрижени заради машката доминација, насилство и угнетување на жените.
  • www.hotpeachpages.net Меѓународниот регистар на агенции за семејно насилство има информации за секоја земја во светот.
  • www.unifem.org Веб-страницата на Развојниот фонд за жени при ОН е корисна за информации во врска со родовите прашања и насилството врз жените.

ПрилозиGoto top

PDFПреземи во PDF

Студија на случај 1 – Естер

Тој започна кавга со неговата жена, обвинувајќи ја дека ниту перела, ниту зготвила, ниту пак завршувала други домашни работи. Во исто време, тој започнал да ја тепа; ја удирал по главата и лицето со голи раце. Ѝ искорнал парчиња коса и ја клоцнал со неговите чизми. Потоа, ѝ ја соблекол облеката од горниот дел на телото и ја фрлил на креветот со цел да продолжи да ја тепа.
Сето ова се случило пред нивната 8-годишна ќерка, која го молела да престане. Потоа тој престанал. Ја исфрлил Естер од креветот и заспал.
Естер умрела таа ноќ.

Студија на случај 2 – Кати

Кати се обидела да избега од нејзиниот свршеник кој станал многу насилен. Таа изнајмила стан во друг град, но тој продолжил да ѝ се јавува и да ја вознемирува. Психичката состојба на Кати се влошила.
Еден ден, свршеникот дошол да ја земе после работа и да ја натера да се врати назад. Ја однесол во блиската шума, каде се обидел да ја задави со нејзиниот џемпер. Наредниот ден, Кати им кажала на нејзините колеги на работа дека се плаши дека тој еден ден ќе ја убие.
Четири дена подоцна, свршеникот испи неколку пијалоци. Повторно, ја чекаше после работа и кога таа излезе, тој почна да ја тепа. Вечерта, тој одлучи дека треба да ги посетат роднините. По патот, тие ја запираа колата неколку пати. Кати, гледајќи во каква состојба е тој, се согласи да има секс со него, но тој беше премногу пијан.
Кати му кажа на свршеникот дека повеќе не заинтересирана за него. Ова него многу го разлути. Тој грабна долг, кожен ремен и ја задави.
Потоа, тој го фрлил нејзиното мртво тело во една дупка и го покрил со гранки

Студија на случај 3 – Марија

Марија имаше 70 години. Нејзиниот сопруг почина пред 10 години и таа живееше со нејзиниот син Филип, кој имаше 40 години, во една мала куќа.Нејзиниот син беше невработен и понекогаш многу пиеше. Марија знаеше дека тој краде пари од нејзиниот паричник, но често таа не велеше ништо, не сакајќи да прави повеќе проблеми. Кога беше пијан, Филип стануваше многу насилен и понекогаш Марија мораше да се затвори во нејзината соба за да избега од него. Еден ден, Филип пристигна дома целосно пијан и се вознемири, бидејќи вечерата не беше готова. Кога Марија му кажа дека нема подготвено вечера, бидејќи е уморна и болна, тој започна да крши предмети во собата. Марија немаше време и сила да избега и нејзиниот син фрли со стол по нејзе. Марија се обиде да се заштити себеси, но таа падна и си ја удри главата. Еден сосед пристигна, но беше премногу доцна. Марија почина во кома, пред да стигне в болница.

Студија на случај 4 – Леандро

Леандро имаше 8 години. Тој живееше во мал стан заедно со неговата три-годишна сестра, неговата мајка и нејзиното момче Jaн. Леандро никогаш не го запозна својот татко. Нему му се допаѓаше училиштето, но не му се допаѓаше Jaн. Всушност, Jaн беше насилен и понекогаш го тепаше Леандро. Леандро многу се плашеше од Jaн, тешко заспиваше и го изгуби апетитот. Наставничката на Леандро го забележа тоа и сакаше да се сретне со родителите, бидејќи таа чувствуваше дека на Леандро не му оди добро како порано, има тешкотии со задржување на вниманието, а понекогаш бил и насилен со неговите другарчиња. Мајката се сретна со наставничката, но не кажа ништо за ситуацијата во домот. Кога се врати дома, таа му кажа на Jaн што ѝ рече наставничката. Jaн многу се вознемири и повторно го истепа Леандро, а овој пат му ја скрши и раката. Во болницата, мајката лажеше и рече дека Леандро паднал.

Студија на случај 5 – Баназ

Баназ направи неколку обиди да ја предупреди полицијата дека нејзиниот живот е во опасност. Во декември 2005 година, нејзиниот татко ја нападна и се обиде да ја убие. Таа беше престрашена и отиде в полиција. Сепак, нејзината изјава не беше сериозно сфатена од страна на истражителите. Баназ избега, но подоцна се врати кај семејството и се обиде да ја продолжи нејзината врска со момчето во тајност, бидејќи и на двајцата им се закануваа со смрт, доколку продолжат да се гледаат. На Баназ ѝ препорачаа да престојува во безбедна куќа, но таа веруваше дека и дома е безбедна, бидејќи и нејзината мајка беше таму. Баназ исчезна на 24 јануари и нејзиното тело, кое се распаѓаше, е пронајдено во еден куфер, закопан во градината, три месеци подоцна. На судењето, нејзиниот татко и чичко рекоа дека тие го нарачале убиството, бидејќи тие верувале дека таа го посрамоти семејството, заљубувајќи се во човек кој не беше добар за нејзиното семејство. Баназ имаше само 20 години.
http://news.bbc.co.uk/2/hi/6722699.stm; 11 јуни 2007

Студија на случај 6 – Aмира

Aмира имаше 4 години кога нејзиното семејство избега од војната, која ја разруши Сомалија и се преселија во еден европски град, каде нејзиното рано детство изгледаше неизмерно подобро. Потоа, едно утро, кога таа имаше 11 години, мајката на Aмира предложи да ја посетат нејзината тетка, така што Aмира би можела да си игра со нејзината братучетка, која беше на иста возраст. Она што не го знаеше Aмира беше дека мајка ѝ и тетка ѝ тајно договориле да допатува „режач“ од Могадишу за да ги обрежат нивните ќерки. Жените веруваа дека тоа е неопходно. Во спротивно, девојчињата никогаш не би се омажиле. Одеднаш, нејзината мајка и тетка ја грабнаа Aмира. „Тие ме држеа долу, а потоа една жена, која никогаш порано ја немав сретнато, започна да ме сече. Јас врескав и тетка ми ми ја стави нејзината рака преку устата.“ – вели таа. „Вети дека никој нема да дознае дека сум зборувала со тебе“ – молеше Aмира. „Ако луѓето во мојата заедница дознаат, тие ќе речат дека сум ги изневерила и јас ќе мора да избегам. И секако, не сакам моите родители да бидат испратени в затвор.“
Адаптирано од http://www.dailymail.co.uk/femail/article-505796 3 јануари 2008 и www.fgmnetwork.org

Студија на случај 7 – Денис

„Јас сум жртва на инцест; бев силувана од мојот татко кога имав петнаесет години. Тоа не беше прв пат, ниту последен. Сепак, овој пат, забременив. Една вечер, ми беше многу лошо и родителите ме однесоа на болница. Докторот од итна служба откри дека заедно со лошата настинка, јас бев и бремена, 19 недели. Докторот ме информира дека сум бремена и ме праша што сакам. И покрај болката и вината, кои ги чувствував, одбив да абортирам. Мојот татко неконтролирано се разбесни и настојуваше на абортус, така што јас прифатив. Докторот одби, почитувајќи ја мојата желба. Татко ми бараше некого кој ќе го изведе абортусот и за еден час, тој човек пристигна во болницата. Се обидов да слезам од масата за прегледи, но тој замоли три сестри да ме држат, додека тој ме врза во креветот и ми инјектираше нешто за опуштање на мускулите за да престанам да се борам. Продолжив да врескам дека не сакам абортус. Тој ми рече: „Замолчи и прекини со врескање!“. На крај, ми ставија тотална анестезија.“
Адаптирано од www.humanlife.org

Студија на случај 8 – Ханс

Антонија го понижуваше и го малтретираше нејзиниот сопруг Ханс, веќе неколку години. Еднаш, Aнтонија рече дека се чувствува како да сака да го прегази со колата. Во друга прилика, лажно го обвини дека сексуално ги злоупотребувал децата. Писмата кои го обвинуваа Ханс за педофилија се појавија во поштенските сандачиња на соседите. Полицијата не им веруваше на овие обвинувања, но тие се посомневаа дека Aнтонија има некаква врска со писмата. Три години подоцна тие се разделија, а една година подоцна и се разведија. Пред неколку месеци, Антонија го следеше од работа кон дома и му фрли запален украс полн со керозин. Украсот не се запали, но подоцна детективите најдоа керозин на вратата и ѕидовите. Еден ден, Ханс си го шеташе кучето, кога една жена потрча кон него. Се слушна истрел. Тој вресна и застрелан се обиде да оди кон дома и на крај влезе, прогонуван од жената. Полицијата и лекарите го затекнаа како умира на подот од неговата трпезарија. Лекарите не можеа да го спасат; куршумот влезе низ неговото десно рамено, му ги разнесе белите дробови и запре во аортата.
Адаптирано од: http://www.seattlepi.com

Упатства за групни дискусии

I –Анализа на злосторството (20 минути)
1. Што мислите за опишаното злосторство?
2. Каде би можело да се случи такво злосторство? Дали тоа би можело да се случи во вашето соседство?
3. Зошто се случило злосторството?
4. Може ли вакво злосторство да биде оправдано?
5. Како можела жртвата да се одбрани себеси?

II – Премин во општествената реалност (40 минути)
6. Дали знаете или сте слушнале за некаков случај на семејно насилство неодамна?
7. Во кои форми се појавува семејното насилство во нашето општество?
8. Што можат жртвите да направата ако им е потребна помош?
9. Дали полицијата треба да интервенира, доколку слушнат за насилство, или пак таквата интервенција ќе се смета за мешање во приватните работи на луѓето и ќе значи кршење на нивните човекови права?
10. Каква моќ имаат жртвите во вакви ситуации? Каква моќ имаат злосторниците?
11. Дали имате слушнато за случаи на семејно насилство во кои мажот е жртва?
12. Наброи неколку причини за семејно насилство.
13. Како може да се спречи и да се запре семејното насилство?
14. Што може/треба да се направи од страна на:
a. државните органи?
б. локалната заедница?
в. луѓето кои се вклучен?
г. пријателите и соседите?