Фрлање камења
Кога се расправаш со камен, јајцето секогаш е криво.
Африканска поговорка
- Преглед
Оваа активност ја користи играта на улоги за да ги разгледа причините зошто луѓето се вклучуваат во насилни дела.
- Поврзани права
- Право на живот, слобода и лична безбедност
- Право на признавање како лице пред законот
- Право на еднаква заштита на законот
- Цели
- Да се развие разбирање за тоа што ги предизвикува луѓето да бидат насилни и последиците од нивното насилство
- Да развијат вештини за одговор на насилството на ненасилен начин
- Да се промовира чувство на сочувство, правда и одговорност
- Материјали
- Копии од прилозите, по една за секоја мала група
- Камења (опционално)
- Подготовка
- Фотокопирајте го материјалот, по една копија за секоја мала група. Доволно место за да може групите да вежбаат, а потоа да ги претстават малите игри на улоги пред остатокот од групата.
compass-key-date
- 12 ФевруариДен на црвената рака
Инструкции
1. Замолете ги учесниците да се сетат на инцидент кога се почувствувале лути или фрустрирани и кога почувствувале желба да направат нешто деструктивно. Дозволете неколку минути тишина за да може луѓето ментално да се вратат во состојбата во која биле.
2. Побарајте неколку волонтери да ги споделат со другите членови на групата нивните инциденти, опишувајќи накратко што се случило и нивните емоции во тоа време.
3. Сега најавете ја играта на улоги со тоа што ќе поставите некој како да е подготвен да фрла камен. Вашата поза треба да изразува некој во екстремен гнев или фрустрација и во дејство на намерно фрлање камен. Задржете ја позицијата неколку секунди.
4. Поделете ги учесниците во мали групи од 6-7. Кажете им дека имаат 30 минути за да се подготват за кратка игра која го прикажува инцидентот и која завршува во чин на спремност на фрлање камен.
5. Поделете им ги копиите од прашањата за разгледување и објаснете им дека тие треба да им помогнат во планирањето на нивната игра.
6. По 30 минути вратете ги малите групи повторно заедно и поканете ги да ја прикажат нивнта игра на улоги на остатокот од групата. По секое прикажување, оставете неколку минути за публиката да реагира на она што го видела и да поставува прашања.
7. Потоа продолжете со резимирање и евалуацијата.
Резимирање и евалуација
- Дали сметате дека различните игри на улоги имаат смисла? Дали ви помогнаа да разберете што би можело да го испровоцира некој за да фрли камен?
- Дали имаше чувства или емоции кои биле заеднички за различните игри на улоги и кои биле централни за да доведат до желба да се биде насилен?
- Зошто мислите дека луѓето понекогаш чувствуваат потреба за оштетување или повредување на некој или нешто? Дали чинот на предизвикување штета или повреда всушност помага да се реши нештото, што и да било, што го предизвикало? Зошто? Зошто не?
- Дали активноста ви помогна подобро да ги разберете вашите сопствени акти на насилство или оние на другите околу вас? Како?
- Дали постојат акти на насилство кои воопшто не можете да ги разберете? Можете ли да разберете што ги тера луѓето да се борат во војни или да разнесат згради или други луѓе?
- Како ги разбирате терористичките закани со кои се соочуваат некои земји?
- Дали постои разлика помеѓу разбирањето што предизвикало акт на насилство и го оправдало тоа? Дали е важно да се обидеме да разбереме што лежи зад насилните акти? Зошто? Зошто не?
- Кој е најдобриот начин да се одговори на насилните акти? Кои се предностите и недостатоците да се одговори со повеќе насилство, или да се одговари на мирољубив начин?
- Кои права на човекот се во прашање во секоја од игрите на улоги?
Совети за обучувачот
Ако групата не се познава добро, може да одлучите да ја испуштите првата рефлективна задача. Алтернативно, можете да го направите првиот дел од индивидуалната рефлексија, но оставете им слобода на учесниците да ги споделат своите чувства во рамките на малите групи, ако сакаат да го сторат тоа.
Играњето на улоги може да им даде можност на учесниците да кажат вистински фрустрации. Така може да видите дека треба да им дозволите повеќе време за да можат да ги истражат нив без да се брзаат.
Дозволете неколку минути помеѓу секоја игра на улоги за да може секоја група да се почувствува ценета и да поттикне прашања специфични за нивната презентација, но не дозволувајте во оваа фаза дискусијата да трае предолго. Најдобро е прво да ги изгледате сите игри на улоги, а потоа да преминете на дискусија на општите прашања покренати од сите нив.
Во резимирањето, може ќе ви биде корисно директно да го покренете прашањето за терористичко насилство, или можеби младите лица сами ќе го покренат. Обидете се да дозволите слободно да започне дискусија за можните мотиви за терористички акти без да ги осудувате. Ќе биде корисно да се разделат можните психолошки причини за таквите дела од нивните можни последици; можеби ќе сакате да користите дрво на проблеми и да го направите ова како активност со групата (видете подолу).
Важно е да се обидете да се постигне рамнотежа помеѓу, од една страна, поврзувајќи ги со оние кои ги извршуваат актите на насилство како поединци и човечки суштества, а од друга страна да се идентификуваат актите на насилство како неприфатливи, особено кога последиците од нив предизвикуваат страдање на други. И двете вакви позиции се во согласност со идејата за човекови права - и двете се неопходни со цел да се изнајдат решенија за излез од кругот на насилство и меѓусебна недоверба.
Варијации
Сликата на фрлање камења во очите на многу луѓе е поврзана со слики од палестинските окупирани територии и медиумските извештаи за млади Палестинци, вклучително и многу млади деца, кои фрлаат камења врз израелските војници. Можеби ќе сакате да ја играте оваа улога како сценарио, или како посебна или како идна активност, за да се размислува како војната ги повредува човековите права на децата.
Предлози за следни активности
Земете како пример вистински насилство од вашата заедница, и обидете се да му дадете приказна која води до него. Можете да го претставте ова како временска рамка, при што секој настан води кон друг. Замолете ја групата да се обиде да ги идентификува точките во временската рамка кога насилството би можело да биде спречено или конфликтот би можел да де-ескалира.
Можеби ќе сакате понатаму да ја следите темата на тероризмот во активноста "Чахал против Велика Британија".
Фрлањето камења понекогаш е поврзано со обичајот на каменување. Односот меѓу верските и културните обичаи и човековите права е секогаш интересен и често контроверзен. Ако групата сака да истражува како се менуваат обичаите и верувањата, погледнете ја активноста "Наскоро ќе бидат застарени".
Алтернативно, можете да ја користите активноста "Мојот живот не е шоу" за да го истражите насилството извршено од сајбер-насилници.
Идеи за акција
Изберете од примерите на акти на насилство во рамките на вашата заедница кои беа идентификувани во активноста и дознајте кои организации работат на решавање на проблемите и помагање на оние кои се вклучени во нив, и сторители и жртви. Дознајте што може да направи групата за да ги запре различните акти на насилство.
Во 2008 година ООН процениле дека во светот имало повеќе од 250.000 деца-војници. Дознајте повеќе за овие деца, кои се принудени да извршуваат насилни дела и придружите се на една од многуте кампањи за запирање на употребата на малолетници како војници. Можете исто така да дознаете за работата на организациите кои ги рехабилитираат поранешните деца војници. Напишете „деца војници“ во вашиот пребарувач или започнете со www.warchild.org, или, www.hrw.org или www.redhandday.org.
Понатамошни информации
Забелешка
Активноста е базирана на идејата Игра со оган, Фиона Макбет и Ник Фајн, New Society Publishers, 1995
Дрвото на проблеми е корисна визуелна алатка за анализа на проблемите. Тоа е комбинација на бура на идеи и ментално мапирање. Стеблото на дрвото го претставува проблемот. Луѓето започнуваат со идентификување на причините на проблемот, претставени преку корените, а потоа продолжуваат да ги идентификуваат последиците што се претставени со гранките. Проблемите и последиците може да бидат, на пример, поради социјалните, економските и политичките фактори. Тие, исто така, може да се должат на ставовите и однесувањето на луѓето.За повеќе информации одете на www.thechangeagency.org и побарајте „анализа на дрвото на проблеми“.
Прилози
Прашања за разгледување
Треба да се обидете да размислите за следниве прашања додека ја планирате вашата улога:
• Која е оваа личност и на што или на кого го фрла каменот?
• Која е врската помеѓу лицето што фрла и предметот или лицето на кое го фрлаат каменот?
• Дали има некој со нив или се сами?
• Ако има други присутни, како се вклучени во овој инцидент, ако воопшто се вклучени?
• Што сака лицето да постигне со фрлање на каменот?
• Кои се настаните што довеле до фрлање на камен: дали е импулсивен гест, или е планирано?
• Дали имало еден посебен настан кој ја поттикнало одлуката да се фрли каменот?
• Какви чувства минуваат низ умот на човекот додека тој или таа се подготвува да го фрли каменот?
• Какви чувства или фрустрации поминале низ неговиот или нејзиниот ум во периодот што довеле до ова дело?
Организации кои ја поддржуваат Глобална кампања на црвената рака ги вклучуваат Human Rights Watch, Амнести Интернејшнел (Amnesty International), младински Црвен крст на Германија, (Youth Red Cross German), Terre des homes и Меѓународен план ( Plan International).
www.redhandday.org.